Достапни линкови

Вести

Иран запленил британски танкер во Ормускиот Теснец

Илустрација: Танкер во Ормускиот Теснец
Илустрација: Танкер во Ормускиот Теснец

Иранската револуционерна гарда денеска соопшти дека „конфискувале“ британски танкер во Ормускиот Теснец. Како што е наведено, бродот „Стена Имперо“ од 30 илјади тони е запрен поради „непочитување на поморските закони“, а на барање на пристанишната и поморска управа на провинцијата Хормозган. Ројтерс цитира извори од компанијата „Нортерн марин“, според кои на бродот имало 23 морнари и дека не се во можност да контактираат со бродот. Британската влада итно бара дополнителни информации за бродот, наведува Си ен ен. Бродот е направен во 2018 и плови под знамето на Обединетото Кралство. Бродот пловел до Саудиска Арабија, до пристаништето Џубаил.

Повредени 33 мигранти, се превртело комбето во кое се превезувале

Архивска фотографија: Мигранти во комбе
Архивска фотографија: Мигранти во комбе

Триесет и три мигранти се повредени во сообраќајна несреќа што попладнево се случи на патот Демир Капија-Прилеп. Сообраќајката се случила на местото викано Прждески споменик, на потегот меѓу Демир Капија и Прилеп, соопшти Јавното обвинителство.

Според првичните информации, возачот, 24-годишен велешанец, ги превезувал мигрантите во комбе марка „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки во сопственост на лице од Арачиново. Движејќи се на автопат од Гевгелија во правец кон Скопје, возачот забележал дека е следен од полициски службеници. Во обид да побегне, тој се префрлил на совозачкото седиште, ја отворил вратата и скокнал на автопатот додека возилото се движело. По инерција комбето продолжило да се движи следните 40 метри, а потоа се превртило и паднало во провалија со длабочина од 14 метри. Во несреќата со повреди се здобиле сите 33 патници мигранти, меѓу кои неколкумина се малолетници. Повредените, од кои дел со особено тешки повреди, се пренесени со медицински екипи во најблиските здравствени установи во Неготино и Кавадарци.

Возачот, како што наведуваат во соопштението, кој откако скокнал од возилото паднал во провалија се здобил со тешки телесни повреди и поради нивната сериозност е пренесен на скопските клиники.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци во континуитет ги презема потребните дејствија за целосно расчистување на настанот.​

Јавен обвинител и екипа на МВР вршат увид на местото на несреќата.

Хирургот Дано Кулев од кавадаречката болница за МИА потврди дека во болницата се донесени девет лица.

„Осум мигранти се во кавадаречката болница со скршеници набиеници и други повреди од кои двајца се потешко повредени“, изјави тој.

Итен состанок на Вучиќ со соработниците по оставката на Харадинај

Архивска фотографија: Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, српскиот претседател Александар Вучиќ и министерот за одбрана Александар Вулин
Архивска фотографија: Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, српскиот претседател Александар Вучиќ и министерот за одбрана Александар Вулин

Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна вечерва со претседавачот и српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и своите соработници, веднаш по информацијата за оставката на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, објави Танјуг.

На состанокот присуствуваат и министерот за одбрана Александар Вулин, министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ и генералниот секретар на шефот на државата Никола Селаковиќ.

Вучиќ утре ќе се обрати по повод оставката на Харадинај и нејзините евентуални импликации.

Харадинај денеска поднесе неотповиклива оставка, а како причина ја наведе поканата на Специјалниот суд во Хаг во својство на осомничен.

Тачи изрази жалење што Харадинај е повикан пред Специјалниот суд за воени злосторства

Косовскиот претседател Хашим Тачи
Косовскиот претседател Хашим Тачи

Косовскиот претседател Хашим Тачи вели дека со жалење ја примил веста дека премиерот Рамуш Харадинај е повикан, во својство на осомничен, од страна на Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

По повод оставката на Харадинај од функцијата претседател на Владата на Косово поради поканата од Специјалниот суд во Хаг, Тачи на својот Фејсбук напиша дека, како претседател на државата, ќе дејствува согласно неговите уставни и законски надлежности. Косовскиот претседател изрази уверување дека борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК), чиј командантите беше и Харадинај, „не може да биде извалкана од никого“.

„Јас ја почитувам одлуката (на Харадинај) и како претседател на Република Косово ве уверувам дека ќе дејствувам врз основа на моите уставни и законски надлежности, за што граѓаните на Косово ќе бидат запознаени на време. Јас верувам во чистата борба на ОВК и верувам во високите морални вредности на борците за слобода. Ниту на вредностите на нашата слобода, ниту на борбата на ОВК никој не може да им наштети“, порача Тачи.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата, откако доби покана од Специјалниот суд како осомничен за воени злосторства. Тој рече дека пред трибуналот сака да се појави како граѓанин, а не како премиер на Косово. Ова е вторпат Харадинај да поднесе оставка од премиерската функција поради обвинение од меѓународен суд за воени злосторства. Претходно, во 2012 година, откако се повлече од функцијата за да одговара за обвиненијата од Трибуналот за воени злосторства во поранешна Југославија, Харадинај беше правосилно ослободен од сите обвиненија.

Силна експлозија во фабрика во Кина

Мапа на Кина
Мапа на Кина

Најмалку двајца луѓе загинале денеска, додека 12 се водат како исчезнати во експлозија во гасна постројка во централна Кина. Експлозијата се случила во градот Саменкси во провинцијата Хенан, јави телевизијата ЦЦТВ.

„Многу врати и прозорци во радиус од три километри се скршени“, наведува телевизијата.

На видео снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат голем и густ чад.

Најмалку 20 убиени милитанти во Египет

Илустрација: Египетски воени возила на Синајскиот Полуостров
Илустрација: Египетски воени возила на Синајскиот Полуостров

Најмалку 20 бунтовници загинале денеска во Египет во нападите на египетските воздушни сили. Цел на нападите биле милитантите на Исламската држава, соопштија египетски претставници. Тие соопштија дека погодиле над 100 скривалишта на милитантите во планините, во градовите Ал Ариш и Бир ал Абд во северен Синај.

Воздушните напади ги предизвика вчерашниот самоубиствен бомбашки напад во северен Синај, кога загинаа еден војник и еден цивил.

Ден претходно, милитантите им ги отсекоа главите на четворица, а петтиот човек го киднапираа во Бир ал Абд, откако беа обвинети дека соработуваат со силите за безбедност.

Исламската држава ја презеде одговорноста за двата напади.

Мицкоски и Касами – Власта ги кочи реформите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и генералниот секретар Игор Јанушев се сретнаа со претседателот на Движењето БЕСА Биљал Касами и генералниот секретар Арјанит Хоџа
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и генералниот секретар Игор Јанушев се сретнаа со претседателот на Движењето БЕСА Биљал Касами и генералниот секретар Арјанит Хоџа

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се сретна со претседателот на Движењето БЕСА Биљал Касами. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека тие разговарале за актуелната политичка состојба, за стратешките интеграции на Македонија, како и за искористувањето на потенцијалите за соработка.

„Беше констатирано дека актуелната власт ги има закочено интеграциските процеси кои треба да се динамизираат со крупни реформи кои досега не се реализирани. На средбата беше посочено дека останува акутен проблем постоењето на корупција на високо ниво, отворени сомнежи за криминал на раководни структури на власта, како и сериозни аномалии и отсуство на волја за воспоставување на владеење на правото и правната држава“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата присуствувале и генералните секретари на двете партии, Игор Јанушев и Арјанит Хоџа.

Хан на средби со Заев, Мицкоски и Пендаровски на 25 јули во Скопје

Архивска фотографија: Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан му го предаде Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на премиерот Зоран Заев во Скопје на 18 април 2018
Архивска фотографија: Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан му го предаде Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на премиерот Зоран Заев во Скопје на 18 април 2018

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан на 25 јули ќе допатува во Скопје и ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски и лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потврдиле од Европската комисија за МИА.

Агендата на посетата сѐ уште не е позната, но засега потврдени се овие три средби на кои ќе се разговара за реформите поврзани со ЕУ и европските перспективи на земјата, велат од ЕК.

Хан од Скопје истиот ден ќе замине за Белград каде треба да се сретне со претседателот и со премиерот. На агендата во Србија се ЕУ реформите и регионалните прашања, соопштија од Европската комисија.

Харадинај поднесе оставка поради повик од Судот за воени злосторства

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај поднесе оставка поради тоа што добил повик од Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг во својство на осомничен.

Тој го соопшти тоа на седница на Косовската влада.

ЗНМ го осудува односот на дисциплинската комисија на МОН кон новинарите

Логото на ЗНМ
Логото на ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди односот на вработените во Министерството за образование и наука и членовите на дисциплинската комисија кон новинарите кои сакале да ја следат денешната седница на која комисијата требаше да расправа за инспекторот Ѓорѓи Илиевски.

Против него е покрената дисциплинска постапка откако тој соопшти информации за незаконско унапредување во научни звања на сегашни владини функционери од редовите на ДУИ.

„Присуството на новинарите и на јавноста на седници од овој тип е од исклучителна важност за обезбедување фер и правична постапка, особено кога се работи за предмет кој е од интерес за пошироката јавност. Омаловажување и непочитување на новинарите кои се на работна задача е недопустливо во една демократска држава, бидејќи новинарите се очите и гласот на јавноста“, наведува ЗНМ во реакцијата.

Според новинарот Васко Маглешов, кој се обидел да присуствува на седницата, на новинарите освен што не им било дозволено да присуствуваат на самата седница, им било наложено и да ја напуштат зградата. Притоа, претседателката на Комисијата тоа го направила на своја рака, без да наведе кој закон и го дозволува тоа, наведува ЗНМ во реакцијата.

Здружението го повика министерот за образование и наука Арбер Адеми јавно да каже врз основа на кој закон, подзаконски акт или правилник е донесена одлука од страна на дисциплинската комисија за исклучување на јавноста од денешната седница.

„Исто така, очекуваме од него, да поведе постапка против членовите на Комисијата доколку постапиле спротивно на правилниците за работа и излегле надвор од нивните овластувања“, додава ЗНМ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG