Достапни линкови

Вести

ОЈО: Нема претрес во домот на Јанева, одземен и е мобилниот телефон

Обвинителката Катица Јанева
Обвинителката Катица Јанева

По наредба на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корпција, одземен и е мобилниот телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева, потврдуваат од Обвинителството за радио Слободна Европа. Иако дел од медиумите објавија дека обвинителството врши претрес во нејзиниот дом, од ОЈО ја демантираат оваа вест, истакнувајќи дека одземен и е само мобилниот. Јанева денеска поднесе оставка од функцијата специјален јавен обвинител.

Од ОЈО демантираат и дека полицијата извршила претрес во просториите на 1 тв, туку дека била претресена само канцеларијата која ја користел нејзиниот сопственик Бојан Јовановски. Тој заедно со Зоран Милевски претходно беа изведени на распит пред судија на претходна постапка. Двајцата се осомничени во случајот кој денеска го покрена ОЈО за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари. За нив, обвинителката Вилма Русковска побара одредување мерка притвор.

Пахор: ЕУ да ги почне преговорите со Северна Македонија

Стево Пендаровски и Борут Пахор
Стево Пендаровски и Борут Пахор

Словенечкиот претседател Борут Пахор поддржува што е можно побрз почеток на преговорите за полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ. На заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Стево Пендаровски кој престојува во официјална посета на Словенија, Пахор изјави дека очекува ЕУ што е можно поскоро да ја отстрани "грешката што се случи кога ја одложи одлуката за давање на зелено светло" за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија. Пахор ја истакна поддршката од неговата земја во приближувањето на Северна Македонија во ЕУ и НАТО, јавуваат агенциите.

"Во овој случај мислам дека ќе биде добра идеја да се одвои прашањето на Украина и Турција, кои се земји-кандидатки и земјите од Западен Балкан треба да се гледаат како целина, со цел да се поттикнат на меѓусебно решавање на заедничките проблеми", рече словенечкиот претседател.

Пендаровски изјави дека поддршката на Словенија како членка на ЕУ е многу важна, но дека во неговата земја сите се разочарани поради одложувањето на одлуката за почеток на преговорите за членство од страна на ЕУ. Тој додаде дека се надева оти се работи само за техничко одложување до октомври, кога Советот на ЕУ треба повторно да одлучува.

Ердоган планира заедничко производство на оружје со Русија

Реџеп Таип Ердоган
Реџеп Таип Ердоган

Следна цел на Турција, по набавката на ракетниот систем С-400, е заедничко производство на воздушни одбранбени системи со Русија, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Некои тврдеа дека нема да можеме да добиеме С-400 и нема да можеме да ги распоредиме на наша територија, но тие почнаа да пристигнуваат. Некои велат дека тоа е погрешно. Но наша следна цел е заедничко производство со Русија“, истакна Ердоган на собирот по повод три годишнината од неуспешниот обид за пуч во Турција.

Ново правило на Белата Куќа за намалување на барањата за азил

Со ново правило кое ја редефинира прифатливоста на азилот, а кое ќе стапи на сила утре, администрацијата на Доналд Трамп направи чекор напред за да ги блокира повеќето мигранти кои преминале на јужната американска граница откако пробиле низ Мексико барајќи азил. Ова е последниот обид да се прекине протокот на недокументирани мигранти во земјата, а доаѓа во време на фрустрацијата на Белата куќа поради неуспехот на Конгресот да го смени законот за азил.

Новото правило го прогласува за непогоден за добивање азил секој мигрант кој влегува во САД од јужната граница и кој не побарал азил во било која од земјите низ кои поминува за да дојде во САД.

"САД е великодушна земја, но е под голем притисок поврзан со апсење и обработка на стотици илјади странци низ јужната граница.Ова правило ќе го намали приливот на економски мигранти и оние кои сакаат да користат нашиот систем на азил за да влезат во САД", изјави државниот обвинител Бил Бар.

Новото правило на Белата куќа е насочено кон стотици илјади мигранти од Централна Америка и други земји кои се обидоа да влезат во САД од Мексико и побараа азил за да се здобијат со престој во земјата.

Јовески: Обвинителите и судиите треба да имаат интегритет

Јавниот обвинител Љубомир Јовески
Јавниот обвинител Љубомир Јовески

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на денешната прес-конфернеција на новинарско прашање за неговиот став за ветинг во судството, одговори дека поддржува таква постапка и истакна дека правосудството и судиите треба да се подложат на некоја проверка.

„Да бидам сосема на чисто, поддржувам таков процес, во кој во рамките на обвинителството и судството ќе останат чесните, ќе останат тие што се борат за правдата, тие што имаат неселективна примена на законот, јавни обвинители и судии со свој интегритет“, изјави Јовески.

Тој рече дека сите забележале што се случило со последната одлука во делот на противправното градење, односно како Судот ја толкува таа одредба.

„Мислам дека на такви судии не им е местото во правосудството и веројатно Судскиот совет ќе треба по соодветна постапка да го испита тој дел. Јас после објавувањето на пресудата барав и судска пракса. Судската пракса во однос на овие кривични дела е сосема јасна, таму не се бараат ниту записници од инспектори, ниту дали некој пријавил, доволно е лицето да отпочне да гради без одобрение за градба,“ потенцираше главниот јавен обвинител.

Села ја прифати поканата од Заев за лидерска

Зијадин Села
Зијадин Села

Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села ја прифати поканата на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев да учествува на лидерска средба во петок. Од Кабинетот на Села наведуваат дека ќе учествуваат на средбата и оти ќе презентираат свои предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира.

„Добро е што премиерот почнал да ја чувствува вистинската сила на Алијансата за Албанците. Отсекогаш сме мислеле дека вакви лидерски средби треба почесто да се свикуваат кога станува збор за чувствителни државни прашања. Ќе ја прифатиме поканата и сигурно ќе учествуваме во неа со наши предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира,“ стои во информацијата испратена од Кабинетот на Села.

Харадинај повтори дека таксата ќе се укине кога Србија ќе го признае Косово

Рамуп Харадинај
Рамуп Харадинај

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска повтори дека таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина ќе се укине тогаш кога Белград ќе ја признае независноста на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

За време на посетата на општина Вучитрн, Харадинај рече дека укинувањето на таксата не е услов за визна либерализација за Косово и изрази уверување дека не е далеку денот кога косовските граѓани ќе патуваат во Европа без визи.

„Денот кога ќе се укинат визите не е далеку и ние продолжуваме да работиме посветено на тој план. Меѓутоа, ова не е поврзано со укинување на таксата, иако барања за нејзино суспендирање има. Тоа повеќе служи како начин на дисциплинирање. Кога ќе не признае Србија ќе се укине таксата“, изјави Харадинај.

Медведчук: Украина и Русија би можеле да разменат затвореници

Виктор Медведчук
Виктор Медведчук

Украина и Русија би можеле да разменат затвореници во следните неколку дена, доколку Киев ја покаже потребната политичка волја, Ова се однесува и на режисерот Олег Сенчов кој од страна на Москва беше затворен под обвинение за тероризам, изјави про-рускиот лидер на опозицијата во Украина, Виктор Медведчук, а пренесува Ројтерс.

Медведчук говореше пред украинските парламентарните избори во неделата, за кои анкетите покажуваат дека претседателот на партијата Володимир Зеленски ќе победи, но најверојатно нема да има мнозинство во парламентот. Се проценува дека партијата на Медвечук ќе биде втора, но тој веќе изјави дека нема да влезе во коалиција со Зеленски бидејќи имале сосема различни идеологии.

Медведчук изјави дека рускиот претседател Владимир Путин го почитува Зеленски, но оти чека да го слушне неговиот став за решавање на конфликтот во Донбас, во којза пет години животот го загубија 13 илјади лица.

Украина и нивните западни сојузници вршат притисок врз Москва да се ослободат затвореници, вклучувајќи го Сенчов, кој беше затворен во 2015 година. Сенчов тврди дека неговиот притвор бил политички мотивиран.

Иран се закани дека ќе се врати на ситуацијата пред нуклеарниот договор

Иран ќе се врати на ситуацијата пред нејзиниот нуклеарен договор со светските сили, ако европските земји не ги исполнат своите обврски, изјави портпаролот на иранската нуклеарна агенција Бехруз Камалванди.

Официјален Техеран тврди дека европските земји мора да направат повеќе за да ги гарантираат економските придобивки што Иран требаше да ги добие за возврат за ограничувањето на својата нуклеарна програма согласно договорот, кој Вашингтон го напушти минатата година.

Во исто време, Франција, Велика Британија и Германија изразија загриженост дека иранскиот нуклеарен договор ќе се распадне поради тензиите во Персискиот залив. Во заедничка изјава, тие повикаа на дијалог меѓу сите страни.

Меј со критика до Трамп за пораките до некои демократски пратенички

Британската премиерка Тереза Меј и американскиот претседател Доналд Трамп. Архивска фотографија.
Британската премиерка Тереза Меј и американскиот претседател Доналд Трамп. Архивска фотографија.

Британската премиерка Тереза Меј смета дека изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп во серија на објави на Твитер за некои демократски пратенички во Конгресот е неприфатлива, соопшти нејзиниот портпарол.

Трамп им порача на демократски пратенички дека „можат да се вратат од каде што дошле“, со што предизвика остри критики од демократите кои го означија како расист и ксенофоб.

„Ставот на премиерката е дека јазикот кој е употребен и кој се однесува на овие жени е целосно неприфатлив“, соопшти портпаролот на Меј.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG