Достапни линкови

Вести

Помпео во посета на Истокот

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска ќе се сретне со претставници на поранешните четири советски републики и Кипар за време на петдневната турнеја насочена кон „Суверенитетот и територијалниот интегритет“на државите кои граничат со Русија. Помпеоќе ги посети Украина, Белорусија, Казахстан и Узбекистан .

Американскиот дипломат „ќе ја реафирмира американската поддршка за суверенитетот на Украина и територијалниот интегритет“, соопшти Стејт департментот.

Потпишан колективниот договор во културата

Архивска фотографија- Министерот за култура Хусни Исмаили
Архивска фотографија- Министерот за култура Хусни Исмаили

Вработените во културата добија колективен договор со кој ќе имаат регулирани работнички права, а од 1 јули следната година ќе бидат утврдени и коефициентите за платите. Договорот беше потпишан денеска од Синдикатот на културата и Министерството за култура.

„Со потпишувањето ќе бидат регулирани работничките права, се валоризира трудот, се утврдуваат надоместоците и се заштитуваат сите права на вработените од културата“, истакна министерот за култура Хусни Исмаили.

Од Синдикатот за образование, наука и култура се задоволни од потпишаниот колективен договор, но велат дека и во следниот период доколку има некакви неправилности ќе работат на нивно надминување.

„Во колективниот договор постои клаузила која кажува дека платите ќе бидат исплатени од 1 јули. Без разлика кој ќе биде на власт, тие средства ќе бидат исплатени“, рече Сања Арсовска од Синдикатот за култура.

Вработените во културата организирани од синдикатот, досега неколкупати излегуваа на протест за да бараат итно потпишување на колективен договор.

За Русија нападите на САД во Ирак и Сирија се неприфатливи

Архивска фотографија- американски војници во Сирија
Архивска фотографија- американски војници во Сирија

Руското министерство за надворешни работи денеска соопшти дека американските воздушни напади во Ирак и Сирија се неприфатливи и контрапродуктивни. Како што јавува Ројтерс, официјална Москва ги повикува сите страни да избегнат зголемување на тензиите во регионот. Претходно САД соопштија дека во Ирак и во Сирија извеле воздушни напади врз позиции на единиците обвинети за напад во кој бил убиен американски воен снабдувач. Пантагон соопшти дека американските сили извеле прецизни одбранбени удари врз пет локации на Хезболах, ирачка група поддржана од Иран. Во петокот во ракетен напад во близина на градот Киркук загина еден Американец.

Апелација- на Груевски и понатаму ќе му се суди за „Траекторија“

Архивска фотографија- Апелационен Суд
Архивска фотографија- Апелационен Суд

Иако судијата од Основниот кривичен суд Скопје, Горан Бошевски пред еден месец констатираше дека делото за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Траекторија“ е застарено, Апелацискиот суд Скопје го поништи ваквото решение. Ова значи дека на Груевски и понатаму ќе му се суди за злоупотребите при изградбата на автопатите Штип-Миладиновци и Кичево -Охрид.

Од Апелацискиот суд велат дека по жалбата на Обвинителството донеле одлука дека судијата не можел да донесе вакво решение, туку застареноста на делото се констатира единствено со одбивателна пресуда, поради што предметот се враќа повторно во Основниот кривичен суд Скопје. Од Апелација додаваат дека одлуката е укината од формални причини.

Од второстепениот суд информират дека денеска ја одбиле жалбата на поранешниот министер Миле Јанакиески за укинување на неговиот притвор, кој му е определен за случајот „Шпански скали”.

Ердоган бара од парламентот одобрение да прати војници во Либија

Архивска фотографија- турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Архивска фотографија- турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турското претседателство испрати барање до парламентот за испраќање на војници во Либија, јави турската државна агенција Анадолија. Пратениците се очекува да гласаат за одобрување на барањето кое претседателот Реџеп Таип Ердоган го потпиша во четвртокот. Минатата недела тој рече дека очекува гласањето да се случи на 8 или 9 јануари. Барањето се очекува да помине бидејќи партијата на Ердоган има мнозинство во парламентот. Тој вели дека владата на национален договор со седиште во Триполи, која е поддржана од Обединетите нации, побарала од Анкара да прати војници во пресрет на офанзивата од противничките сили. Пратениците од опозициската турска партија, Републиканската партија,пак, рекоа дека нема да го поддржат барањето наведувајќи дека Анкара треба да даде приоритет на дипломатско решение на состојбите во Либија.

ВМРО-ДПМНЕ ја комплетираше листата нивни предлози во техничката влада

Архивска фотографија- седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
Архивска фотографија- седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ ги комлетираше нивните предлози за позиции во техничката влада која треба да ги организира изборите договорени за на 12 април 2020 година. Извори од опозициската партија за Радио Слободна Европа брифираат дека на местото министер за труд и социјална политика ја предлагаат Рашела Мизрахи, доктор на науки по биохемија. Таа досега политички не беше експонирана, а од неодамна почна да држи прес конференции во име на опозициската партија.

Истите извори велат дека за местото заменик министер за информатичко општество и администрација нивни предлог е актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска Стојковски. За заменичка во министерството за финансии, пак, опозициската партија ја предлага Гордана Димитриеска Кочоска, која исто како Мизрахи досега не е политички позната, а била финансиски директор во ЕЛЕМ кога актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски беше директор.

За заменик министер во земјоделство ВМРО-ДПМНЕ се одлучи за поекспониран партиски кадар, Цветан Трипуновски, поранешен пратеник и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека генерално се работело за нови луѓе кои што добро ја познавале областа за која што се предложени.

Нивниот предлог за прв човек на полицијата полковникот Драган Ковачки за власта е неприфатлив поради, како што наведуваат, уставната обврска со полицијата да раководи цивилно лице. Техничката влада треба да се формира на трети јануари 2020 година кога и премиерот Зоран Заев треба да поднесе оставка, а неговата позиција до изборите да ја преземе актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Формирањето влада сто дена пред избори е обврска од Законот за влада донесен во таканаречените пржински разговори со кои се стави крај на тогашната политичка криза. Оваа ќе биде втора влада, по онаа во 2016 година, која е формирана според тој договор.

Истрага за осум лица за нелегална приватизација, меѓу нив и судија

Архивска фотографија- Основно јавно обвинителство во Скопје
Архивска фотографија- Основно јавно обвинителство во Скопје

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спроведува истрага за осум лица за кои се сомневаат дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување предвидено и казниво по член 353 став 5 од Кривичниот законик.

Од обвинителството соопштуваат дека истражуваат дело кое се случило во 2011 година, а се однесува на незаконска приватизација на градежно земјиште во државна сопственост во тетовско. Првоосомничениот, кој во тој период бил претседател на спортско здружение од Тетово, според дел медиуми е Зоран Теофиловски, актуелен судија и член на Судскиот совет. Другите осомничени претежно се вработени во општината.

Според обвинителството, на овој начин осомничените овозможиле правното лице да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4410 м2 откупувајќи го по цена од 43,00 денари за 1м2 или во вкупна вредност од 188.307,00 денари , а на штета на средства на Буџетот на РСМ во висина од 52.920.000,00 денари. Надлежен обвинител, информираат од ЈОРМ, во текот на денот до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување мерка притвор за шест осомничени и мерки на претпазливост за две осомничени лица.

Димитров: Носењето на законот за ЈО ќе ни помогне на европскиот пат

Архивска фотографија- Министерот за надворешни работи Никола Димитров
Архивска фотографија- Министерот за надворешни работи Никола Димитров

Годината што изминува министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во изјава за медиумите ја оцени како дипломатски плодна наведувајќи дека се заокружува членството во НАТО, а како што рече дојдовме и пред вратата на почеток на преговори со Европската унија.

„Имавме одличен извештај во мај, во јуни ни кажаа во октомври ќе има суштинска одлука, во октомври ни кажаа не одлучуваме, ќе одлучиме пред загрепскиот самит во мај во новата година“, рече Димитров.

Министерот додаде дека носењето на законот за јавно обвинителство ќе биде од голема корист на европскиот пат нагласувајќи дека многу ќе помогнело акополитичките сили кои имаат пратеници во Собранието најдат сили и визија да го донесат законот за Јавно обвинителство. Според министерот важно да се продолжи и со работа на судските процеси. Инаку Димитров потенцираше и дека од јуни 2017 година, до денес, 87,5 осто од дипломатите се кариерни, за разлика од периодот од 2006 до 2017 година кога тој процент изнесувал 33 отсто.

Средба Лавров- Зариф во Москва

Москва- Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф
Москва- Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска рече дека Соединетите Американски Држави и Европската унија треба или да ги завршат обврските од нуклеарниот договор од 2015 година со Техеран или да го прогласат за непостоечки. Лавров ова го рече по состанокот во Москва со иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф. Тој, пак, нагласи дека европските потписници на договорот „не преземаат ниту еден чекор“ да го поддржат. Со нуклеарниот договор се предвидува намалување на санкциите кон Техеран во замена за намалување на иранските нуклеарни активности. Тој беше потпишан од петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации плус Германија и Европската унија, но Соединетите Американски Држави го напуштија договорот во 2018 година и најавија нови санкции кон земјите кои соработуваат со Иран. Европските потписнички го поддржуваат договорот, но Техеран бара да направат повеќе за да го намалат значењето на американските санкции.

Лекарска комора: Годинава 163 доктори побарале потврди за странство

Во изминатите пет години бројот на поднесени барања од доктори на медицина за издавање на потврди за странство изнесува 794 и тоа во 2015 година – 171, во 2016 година -162, во 2017 година -120, во 2018 година 178, а до декември годинава -163, покажуваат податоците за кои денеска информира Лекарската комора.

Шеесет проценти од вкупниот број доктори на медицина кои го положиле стручниот испит годинава, посочуваат од Лекарската комора, се изјаснале дека своето вработување ќе го бараат во државава, а во последната испитна сесија од 171 доктор на медицина, 100 доктори навеле дека ќе бараат вработување во државава.

Иселувањето на лекарите со години ги загрижува медицинските власти поради стравувањата дека македонскиот здравствен систем може да остане без доволно доктори.Од комората информираат дека во последните пет години стручен испит положиле 1.820 доктори на медицина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG