Достапни линкови

Вести

Косовските Срби формираа парламент

Србите на Косово формираа сопствен парламент во знак на протест против одлуката на официјален Белград за признавање на владата во Приштина. Постапката на малцинството Срби во северот на Косово е спротивна на договорот кој го постигнаа Белград и Приштина со посредство на Европската унија, за нормализирање на односите меѓу двете земји. Лидерот на косовските Срби Славко Стевановиќ изјави дека формирањето на српскиот парламент е со цел да се демонстрира дека Косово се уште е дел од Србија.

Синдикатите бараат повисоки плати за наставниците во Романија

Синдикалните организации во Романија побараа од владата да усвои закони со кои ќе се зголемат платите на просветните работници во земјата. Според проценките на синдикатот, романски учител просечно зема месечна плата колку што е платен учителот во Луксембург за четири часа. Романските наставници во средно училиште за час земаат 2 евра, додека нивните колеги во Луксембург примаат 85 евра за час. Наставниците во Луксембург се најплатени меѓу колегите во европските држави. Потоа следат наставниците во Данска со 57 евра, Германија со 54 евра, Англија - 48 евра, Белгија - 45 евра, Ирска - 44 евра, Холандија - 42 евра, Шкотска и Финска - 41 евро за час.

Пакистан позајми над 5 милијарди евра од ММФ

Пакистан побара заем од Меѓународниот монетарен фонд со цел подршка на економијата на земјата. Пакистанскиот министер за финансии Ишак Дар и претставникот на ММФ во земјата Џефри Френкс изјавија дека е постигнат договор за заем вреден 5,3 милијарди американски долари, што е помалку од оригиналното барање на пакистанските власти за 7,2 милијарди долари. Пакистанската централна банка остана со 6,2 милијарди долари во резерви, што е доволно за покриваше на пест месеци увоз. Пакистан ќе го добива одобрениот заем од над 5 милиони долари на неколку транши во период од три години по каматна стапка од 3 проценти.

Јанукович назначи нов министер за правда во Украина

од протестите против полицијата по случајот со силување
од протестите против полицијата по случајот со силување
Украинскиот претседател Виктор Јанукович потпиша наредба за замена на министерот за правда. Со претседателскиот декрет на министерската позиција се назначува Олена Лукаш на местото на Александар Лавринович, кој од неодамна беше избран за член на украинскиот врховен суд. Промената се случува во услови на негодување против судскиот систем поради силувањето на жена од страна на припадник на полициските сили минатата недела.

Хрватска планира да ги даде под концесија магистралите

Хрватска планира да ги даде под концесија магистралите идната година, за да ги врати кредитите, земени за развој на патната инфраструктура. Новата членка на ЕУ земаше кредити во последната деценија за да ја реконструира патната мрежа, обезбедувајќи полесен пристап до познатите одморалишта на јадранското крајбрежје за граѓаните на соседните држави. Долгот за оваа намена се проценува на околу четири милијарди евра. „Ако не ги дадеме под концесија магистралите, државните гаранции за тие кредити ќе бидат активирани, што значи дека државниот долг ќе се зголеми, а ние не можеме да си го дозволиме тоа“ изјави министерот за транспорт Синиша Хајдаш Дончиќ. Според првичните планови, магистралите може да бидат дадени под наем за период меѓу 30 и 50 години, а Владата има за цел да добие меѓу 2,4 и 3,2 милијарди евра, рече министерот.

Четворица војници убиени во Пакистан

Најмалку четворица војници загинаа во напад на бомбаш самоубиец во северозападниот дел на Пакистан. Инцидентот се случил во Дата Кел во близина на авганистанската граница во Северен Вазиристан. Најмалку тројца припадници на армијата се повредени во нападот, кој се случи непосредно по напад на американско беспилотно летало во кој беа убиени 17 милитанти. Регионот е под контрола на авганистанските талибанци.

Русија со критики за Шпанија Франција и Португалија

Русија упати критики до Франција, Шпанија и Португалија за тоа што му го одложиле летот на претседателот на Боливија поради сомненија дека поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден се наоѓа во авионот кој мораше да слета во Австрија каде властите го претресоа леталото. Руското министерство за надворешни работи соопшти дека постапките на трите земји не може да се сметаат за пријателски однос кон Боливија. Боливијската влада смета дека Соединетите американски држави стојат зад инцидентот.

СДСМ бара ребаланс на буџетот и кратење на непродуктивни расходи

Ванчо Узунов
Ванчо Узунов
Опозициската СДСМ бара Владата рано наесен да направи ребаланс на Буџетот бидејќи смета дека постојниот буџет е неостварлив. „Ребалансираниот буџет ќе мора да содржи намалување на буџетската потрошувачка, бидејќи дефицитот на крајот на годината ќе биде преголем, односно поголем и од планираниот од 3,5 проценти од БДП“ рече на прес-конференција потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов. Партијата предлага платите и социјалните давачки да останат на исто ниво, а да се направи кратење на непродуктивните расходи. Бараат и запирање на задолжувањето, изготвување стратегија за раководење со јавниот долг и создавање реални услови за поттикнување на домашните инвестиции. Барањето за ребалансот СДСМ го темели на анализата за состојбата во економијата во првата половина од годината што ја презентира Узунов. Порастот на БДП од 2,9 проценти во првиот квартал, според него, не се должи на „позитивни и одржливи придвижувања, туку на енормно трошење буџетски средства и ниска споредбена основа со првиот квартал лани“.

Различни реакции за случувањата во Египет

Падот на исламистичкиот лидер Мухамед Морси во Египет предизвика различни реакции низ светот. Американскиот претседател Барак Обама вели дека е „длабоко загрижен“ за потегот на египетската армија, додавајки дека официјален Вашингтон очекува ситуацијата да ја разреши влада избрана на демократски начин. Шефот на Обединетите нации Бан Ки Мун повика на дијалог и воздржаност. Шефицата за надворешна политика на Европската унија Кетрин Ештон побара сите страни брзо да се навратат кон демократските процеси. Министерот за надворешни работи Гуидо Вестервиле смета дека случувањата се сериозно уназадување на демократијата.

Премиерот на Пакистан во лов по кинески инвестиции

Новоизбраниот премиер на Пакистан Наваз Шариф се цели кон обезбедување на подршка за големи инфраструктурни проекти за време на првата официјална посета на Кина. Шариф ќе се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг и ќе одржи одделни средби со претставници на државните енергетски и финансиски компании. За време на четиридневната посета пакистанскиот премиер ќе се фокусира на привлекување на кинески инвестиции.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG