Достапни линкови

Вести

Погреб на убиен туниски опозиционер се претвори во антивладини протести

Тунис.
Тунис.
Илјадници луѓе што се собраа на погребот на убиениот опозициски политичар во Тунис Мухамад Брахми извикуваа антивладини слогани. Тој е втор опозициски политичар што беше убиен од почетокот на годинава во Тунис. Владата за двете убиства го обвини исламистичките екстремисти. Секуларистичката опозиција побара распуштање на владата. Полицијата денеска употреби солзавец за да ги растера секуларистичките демонстранти и нивните исламистички противници од пред зградата на парламентот.

Обвинение за убиство од небрежност за шпанскиот машиновозач?

Повредениот машиновозачот Франциско Гарзон.
Повредениот машиновозачот Франциско Гарзон.
Шпанскиот Министер за внатрешни работи Хорхе Фернандез Диаз соопшти дека е можно машиновозачот на возот што во средата излета од шините при голема брзина во близина на градот Сантијаго де Компостела, при што загинаа 78 луѓе, да се соочи со обвиненија за убиство од небрежност. Mашиновозачот Франциско Гарзон денеска излезе од болница каде што беше згрижен поради повреди на главата, но останува во полициски притвор. Се очекува, 52-годишниот Гарзон утре да биде изведен пред истражен судија. Полицијата веќе соопшти дека Гарзон се сомничи за невнимателно управување на возот кој се движел со брзина поголема од пропишаната, при што излета од шините. Ова е најголемата железничка несреќа во Шпанија во изминатите 70 години. Неколку тела на загинатите сè уште не се идентификувани, а десетици повредени се во болница во тешка состојба.

Пешевски - Врската со дијаспората не смее да се изгуби

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Врската со дијаспората не смее да се изгуби. За Македонија е добро што поголем број млади луѓе од втората или третата генерација иселеници да доаѓаат во земјата на нивните корени, со тоа ќе имаат можност да видат што се случува во Македонија која се менува, а некои од нив да препознаат и можност и за бизнис инвестиција покрај за туризам, порача вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на Четвртата Годишна конференција на Обединетата македонска дијаспора.

„Кога се работи за инвестиции, секој гледа да направи добар профит, оти ако нема добар обрт никој нема да инвестира, ниту дијаспора, ниту алтруист. Мора да се препознае можноста дека во Македонија може да се направи подобро. Тоа доколку го видите е одлично. Но, она што може да да се направи реално е поголем број од вас да земат македонски пасоши, поголем број од вас да инсистираат кај помладите генерации да земат македонски пасош, да доаѓаат и да ја посетуваат Македонија. Тоа ќе биде повеќе од доволно. Улогата на дијаспората за опстанокот на Македонија во идните години ќе биде сè поголема. Односите помеѓу етничките заедници во Македонија се менуваат. Бројките се менуваат и многу ќе биде важно бројноста на Македонија и на Македонците да ја задржиме и ја растеме во годините што доаѓаат. Тоа ќе биде важно и за економските ефекти“, истакна Пешевски.

Според гувернерот Димитар Богов, вкупните дознаки од странство се стандардно високи, изнесуваат 18-20 проценти од БДП и покриваат најголем дел од трговскиот дефицит. Појасни дека од нив на приватните трансфери отпаѓа 60 отсто. Тој информира дека во првите четири месеци од годинава странските директни инвестиции изнесуваат околу 70 милиони евра, а проекциите се меѓу 200 и 300 милиони до крајот на годината.
Претседателот на Управниот одбор на ОМД Никола Стојанов истакна дека дијаспората сака да помогне и да инвестира во Македонија а еден од начините се патриотски обврзници по примерот на Израел.

Напад врз владините сили во Балучистан

Архивска фотографија: Балучистан.
Архивска фотографија: Балучистан.
Вооружени напаѓачи нападнаа контролен пункт на крајбрежната стража во покраината Балучистан во југозападниот дел на Пакистан, при што беа убиени седум, а најмалку петмина стражари беа убиени. Нападот се случил во крајбрежниот град Гавадар во близина на границата со Иран, по што напаѓачите избегале. Балучкиот ослободителен фронт ја презеде одговорноста.

Австралискиот премиер Кевин Рад во ненајавена посета на Авганистан

Австралискиот премиер Кевин Рад.
Австралискиот премиер Кевин Рад.
Австралискиот премиер Кевин Рад пристигна во ненајавена посета на Авганистан. Заедно со премиерот, на средбата со гувернерот на јужната провинција Урузган, беа и претставници на министерството за одбрана, советникот на национална безбедност и австралискиот амбасадор во Кабул. Рад рече дека дека Австралија останува посветена на заложбите за помош на авганистанската влада по повлекувањето на австралиските војници во 2014 година. Во Авганистан има околу 1600 австралиски војници, претежно во провинција Урузган. Гувернерот на провинцијата Амир Мухамад Ахунѕада се зафали за австралиската помош. Ова е прва посета на Рад на Авганистан откако ја презеде премиерската функција минатиот месец.

Николиќ - Србија никогаш нема да го признае Косово

Претседателот на Србија Томислав Николиќ на средба со украинскиот претседател Виктор Јанукович.
Претседателот на Србија Томислав Николиќ на средба со украинскиот претседател Виктор Јанукович.
Претседателот на Србија Томислав Николиќ денеска во разговор со украинскиот претседател Виктор Јанукович истакна дека Србија е сериозно посветена на евроинтеграциите, дека никогаш нема да го признае Косово и дека од ЕУ очекува да остане неутрална, јави Танјуг.

„Србија со ЕУ преговара со сериозни отстапки, но постојат прашања за кои нема преговори“, изјави српскиот претседател.

Според Николиќ, постои еден услов што Европа не и го постави на Србија и за кој дури била принудена да изјави дека е статусно неутрална, иако понекогаш не се однесува така.

„На тој „непоставен услов“ одговорот на Србија е дека никогаш нема да ја прифати независноста на Косово“, истакна Николиќ.

Тој се наоѓа во посета на Киев, каде присуствува на одбележувањето на 1025 години од примањето на христијанството. На свеченоста по повод јубилејот од крштевањето на Киевска Рус во главниот град на Украина присуствуваа и рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Молдавија Николае Тимофти.

Притворен еден од најголемите бродосопственици во Грција

Илустрација.
Илустрација.
Еден од најголемите бродосопственици и инвеститори во Грција Викторас Рестис е во притвор, откако против него беа покренати обвиненија за измама и перење на пари. Атинскиот суд вчера соопшти дека 45-годишниот бизнисмен е испратен во притвор, пред да биде изведен пред истражните органи. Тој ќе мора да одговара за кусокот 5,8 милиони евра од заеми дадени од грчката Прва бизнис банка, која била контролирана од неговото семејство, пред да биде затворена претходно оваа година.

Рестис беше приведен на распит во вторникот, но тогаш категорично ги отфрли сите обвинувања, велејќи дека се „неосновани“ и се базираат на лажни тврдења на поранешен негов вработен.

Рестис поседува неколку бродови и медиумска компанија, како и 40 отсто од акциите на грчкиот весник „Прото тема“. Тој е меѓу финансиерите на „Карфур Бугарија“ и познатиот црногорски туристички проект во Свети Стефан.

Воена парада во Пјонгјанг

Во Пјонгјанг денеска се одржува воена парада за одбележување на 60-годишнината од примирјето по Корејската војна. Војници и воена опрема учествуваат на внимателно испланираната церемонија. Илјадници војници и гледачи извикуваа „Ќе го заштитиме Ким Џонг-Ун со нашите животи“. Севернокорејците на овој датум го прославуваат „Денот на победата во татковинско-ослободителната војна“. Но, на датумот всушност завршила војната која траела од 1950 до 1953, но технички поделениот корејски полуостров останува во војна.

Новинарите им подарија маички „Слобода за Кежо“ на пратениците

Точно 123 маички со натпис „Слобода за Кежо“, колку што има и пратеници, денеска беа предадени во Собранието, односно во Архивот, од страна на Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски. Новинарите што ги предадоа маичките изразија надеж дека пратениците ќе ги облечат в понеделник, во знак на протест и поддршка на нивната заложба за укинување на притворот, но и во име на борба за слободата на изразување и слободата на медиумите. Судењето за новинарот на „Нова Македонија“ Кежаровски, ќе се одвива по итна постапка. Претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, за „Утрински весник“ изјавил дека имајќи ги предвид сите случувања изминативе денови и штрајкот со глад на новинарот Кежаровски, судењето ќе почне во многу скоро време и нема да се чека до септември. Домашните и меѓународни организации за медиуми и слобода на изразување бараат да му се дозволи на Кежаровски да се брани од слобода. Тој е обвинет дека го открил идентитетот на заштитен сведок во судење за убиство.

Авганистански политичар преживеа атентат

Илустрација: Провинцијата Саманган.
Илустрација: Провинцијата Саманган.
Гувернерот на Провинцијата Саманган во северен Авганистан преживеа бомбашки напад од Талибанците. Бомбата поставена покрај патот експлодирала кога гувернерот со своето возило одел на работа. Тој и неговите двајца телохранители претрпеле полесни повреди. Вчера, пак, бомбаш самоубиец активираше бомба ба пазар во Провинцијата Газни на истокот на Авганистан при што загина тој и уште седум луѓе. Нападите на талибанците се во пораст во Авганистан.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG