Достапни линкови

Вести

Николиќ: Косово ќе го сметаме за автономија

Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави дека Србија во иднина на Косово ќе гледа како на автономна област. Според него, Белград е подготвен на Приштина да и отстапи уште некои надлежности, но никогаш нема да биде подготвен да ја признае косовската независност, пренесе Танјуг. Николиќ ја даде изјавата во словенечкото одморалиште Брдо крај Крањ, каде учествува на регионална претседателска средба. На прашањето како гледа на иднината на односите меѓу Србија и Косово, тој одговори: „Така што ќе разговараме, ќе се договараме, тие ќе тврдат дека се држава, ние ќе ги сметаме за автономија. Подготвени сме на Приштина да и отстапиме уште многу, но ќе треба некаде да запреме... Повеќе од тоа не можеме“.

Грција усвои нов пакет закони за да добие меѓународна помош

Владината одлука предизвика протести на вработените во јавната администрација
Владината одлука предизвика протести на вработените во јавната администрација
Грција го усвои последниот дел од пакетот закони на кои инсистираат меѓународните кредитори на земјата за да продолжат и натаму да и даваат финансиска помош. Како што пренесуваат британските медиуми, пратениците се собраа за време на летниот одмор на парламентот за да го донесат новиот даночен кодекс и да ги прецизираат последните детали од таканаречената шема на мобилност, што предвидува преместување и намалување на бројот на државни службеници. Прифаќањето на законите ќе одблокира уште една транша од 5,8 милијарди евра од спасувачката помош од еврозоната, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Кривичниот суд против новинарите кои бараат ослободување на Кежаровски

Поединци и групи го злоупотребуваат медиумскиот простор преку различни иницијативни одбори, со организирање на протести пред судот за да се прави упад во независноста на судскиот систем, реагираат од Кривичниот суд по протестите за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски од притвор. „ Со ваквото постапување од поединци и групи се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозува правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните“ се наведува во соопштението од институцијата.

СДСМ контра ВМРО-ДПМНЕ: Каква е реториката од Брисел?

Се заострува реториката на европските претставници кон Македонија поради нереализираните обврски, а власта глуми дека не ги разбира пораките, смета опозициската СДСМ. Како што рече потпретседателот на партијата Дамјан Манчевски, СДСМ е на став дека Македонија во подолг временски период го загуби правецот кон евроатлантските интеграции. Тој додаде дека нема промена на пораките, реториката и очекувањата на Брисел од Македонија. Владеачката партија реагира - Четири години по ред Македонија добива позитивни извештаи од страна на Европската Комисија и препорака за почеток на преговорите, но СДСМ никогаш не собра храброст да ги поздрави позитивните чекори кои што Република Македонија ги правеше досега. Според ВМРО – ДПМНЕ, четири години СДСМ ја критикува сопствената држава за се што треба и не треба, мислејќи дека на тој начин ќе ја смени власта.

Заглавија преговорите за „Мави Мармара“

Преговорите меѓу Израел и Турција за обесштетувањето на жртвите на израелскиот напад врз бродот „Мави Мармара“, кој превезуваше хумантарна помош за Појасот Газа во 2010 година, се блокирани поради несогласувањата околу начинот на кој се означува овој инцидентот, изјави турскиот заменик-премиер Булент Аранч. Тој рече дека Израел сака да го плати обесштетувањето како израз на добра волја, додека Турција бара од израелските влати да преземат одговорност за кривично дело. Турција и Израел прават напори за подобрување на билатерланите односи, кои беа прекинати по израелскиот напад врз „Мави Мармара“ на 31 мај 2010 година, во кој загинаа осум турски државјани и едно лице со американско и турско државјанство.

Седуммина загинати во експлозија на бомба во Дамаск

Седуммина загинале а 62 се повредени во експлозија на автомобил бомба во предградие на сирискиот главен град Дамаск. Државната новинска агенција Сана обвини терористи за инцидентот, термин со кој сириската влада ги опишува бунтовниците кои се противат на режимот на претседателот Башар ал Асад. Предградието Друзе е честа мета на напади и неколку бомби беа детонирани во текот на 28 месечната граѓанска војна во земјата.

Возот во Шпанија се движел со 190 километри на час пред да излета

надзорна камера го сними излетувањето од шините на кривина
надзорна камера го сними излетувањето од шините на кривина
Шпанксата полиција покрена истрага за еден од машиновозачите на возот кој излета од шините во регионот Галициа. Медиумите јавуваат дека машиновозачот потврдил дека возот се движел со брзина од 190 километри на час пред излетувањето. Најмалку 78 лица загинаа а повеќе од 140 се повредени во најлошата железничка несреќа во поновата историја на Европа. Премиерот Мариано Рахој прогласи тридневна жалост низ целата земја.

Расте бројот на бегалци од Сирија во Турција

Бројот на сириски бегалци во Турција достигна 201.067 лица, покажуваат податоците на турската Дирекција за управување со природни несреќи и вонредни ситуации. Тоа се двојно повеќе сириски бегалци отколку во истиот период минатата година, кога бројот на присутни бегалци во Турција изнесуваше 100.363 лица. Сириските бегалци се сместени во вкупно 14 кампови од шатори и шест населби со контејнери. Поголем дел од нив се наоѓаат во јужните провинции на Турција. Турција има приближно 900 километри копнена граница со Сирија, која е најдолга во споредба со останатите нејзини соседи.

Барање за истрага за полициско насилство во Бугарија

Бугарската Влада треба да спроведе истрага за активностите на полицијата за време на протестите ноќта на 23 јули пред бугарскиот Парламент, при што беа повредени 17 лица, соопшти денеска организацијата Хјуман рајтс воч. Организацијата за заштита на човековите права се повикува на претставник на Бугарскиот хелсиншки комитет, кој бил сведок на судирите и според кого, околу 22 часот полициските сили за борба против немири без причина ги тепале демонстрантите со палки, ги удирале со штитови и ги клоцале. Според медиумските извештаи, во судирите се повредени петмина новинари.

Судењето на Кодорковски не било фер, утврди Европскиот суд

Европскиот суд за човекови права одлучи дека првото судење на поранешниот шеф на руската компанија Јукос Михаил Кодорковски не било фер и ги прекршило човековите права на обвинетиот. Европската институција ја даде пресудата по серија жалби кои ги поднесоа Кодорковски и неговиот партнер. Во образложението на европската пресуда се наведува дека обвиненијата биле дадени од солидна основа, но рускиот суд не направил соодветно сослушување на обвинетите. За сега Европскиот суд не најде политичка основа на судскиот процес за која обвинуваат двајцата осудени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG