Достапни линкови

Вести

Нападнат воен комплекс во Пакистан

Серија експлозии и истрели од огнено оружје одекнаа во градот Сукур во југот на Пакистан. Локалната полиција соопшти дека мета на нападите бил воен комплекс во кој се сместени армиските разузнавачки служби и други канцеларии за јавна безбедност. Полициски извори велат дека десетмина вооружени лица го нападнале комплексот во чија близина биле детонирани четири бомби. За сега не се знае колкумина загинале во инцидентот.

Трајановски не е надлежен за нови споменици

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски
Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски
Градоначалникот на општина центар Андреј Жерновски ја поздрави иницијативата за зголемување на соработката меѓу гратските власти на средбата со скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Жерновски претходно најави дека нема да се поставуваат повеќе споменици на територијата за која тој е надлежен, додека Трајановски изјави дека не е надлежен за овие прашања. На градот Скопје му останува обврската за одржување и чување на постоечките градби, бидејки Жерновски одби да ги подмирува ваквите трошоци од касата на општина центар која, според него, ја наследил испразнета.

Двајца војници убиени во Египет

Безбедносните сили соопштија дека вооружени напаѓачи убиле двајца египетски војници на полустровот Синаи. Инцидентот се случил на контролен пункт во близина на градот Ел Ариш. Вооружените групи ги зачестија нападите врз безбедносните сили по отстранувањето на претседателот Мухамед Морси на 3 јули.

Златна Зора на нова локација ќе ја одржи хуманитарната акција

Грчката крајнодесничарска партија „Златна зора“ соопшти дека го менува местото на одржување на денеска планираната хуманитарна акција, откако полицијата забрани секакви јавни собири во центарот на Атина од пладне до полноќ, пишува весникот „Катимерини“. Според „Златна зора“, акцијата за делење храна на грчките граѓани ќе се оддржи пред седиштето на партијата, во близина на главната железничка станица Ларисис. Членовите на партијата често им делат храна на граѓаните, но претходно им ги проверуваат документите дали се Грци.

Сноуден останува на аеродромот во Москва

Адвокатот кој го советува Едвард Сноуден вели дека поранешниот соработник на американските тајни служби нема документ со кој ќе може да го напушти московскиот аеродром, каде 29 годишниот хакер престојува веќе еден месец. Сноуден е заглавен во транзит зоната на аеродромот, откако американските власти му го поништија пасошот. Соединетите американски држави бараат екстрадиција на нивниот државјанин кој се товари за шпионажа и објавување на доверливи документи. Сноуден пристигна во Москва од Хонг Конг на 12 јуни и побара привремен азил во Русија.

Власта и опозицијата се препукуваат за задолженоста

СДСМ на прес-конференција апелираше до Владата да престане со задолжување на земјата, посочувајќи дека внатрешниот долг на државата до крајот на годината би се искачил на над една милијарда евра. „Согласно најновите податоци на Народната банка, само домашниот долг на крајот на месец јуни изнесува речиси 940 милиони евра. Тоа поедноставено значи дека секој граѓанин на Република Македонија па дури и дечињата родени на почетокот на овој месец поединечно се задолжени со околу 470 евра“ рече потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов.

Сосема предвидливо од СДСМ е секогаш кога Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне успех и ќе направи чекор напред за подобар живот и иднина на овој народ, тие да излезат со режирани прес конференции за да ја прикажат Владата во негативно светло, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Узунов. Владеачката партија дополнително напоменува дека од буџетот редовно се исплаќаат плати, пензии, субвенции, се врши поврат на ДДВ и сето тоа се случува во време на европска економска криза.

Почна состанокот Ештон-Дачиќ-Тачи во Брисел

Во Брисел почна состанокот меѓу високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, српскиот премиер Ивица Дачиќ и косовскиот премиер Хашим Тачи, посветен на натамошните чекори во примената на Бриселскиот договор. Портпаролката Ештон, Маја Коцијанчич рече дека денеска ќе се разговара за телекомуникациите и енергетиката, како и за локалните избори на Косово. „Имплементацијата на Бриселскиот договор е клучна, а нема многу време“ изјави Коцијанчич. Според неа, на средбата ќе биде разгледано каков напредок е постигнат и што треба да е преземе во следните недели и месеци, имајќи предвид дека постојат амбициозни планови.

Путин ќе оди во Иран на разговори за нуклеарната програма

Рускиот претседател Владимир Путин ќе отпатува во посета на Иран идниот месец, јавуваат медиумите. Според медиумските извештаи, Путин ќе се сренте со новоизбраниот претседател на Исламската република со кого ќе разговара за нуклеарната програма на официјален Техеран. Руските медиуми јавуваат дека Путин ќе отпатува на 12 август, додека иранските медиуми пишуваат дека посетата е закажана на 16 август. Инаугурацијата на новоизбраниот ирански претседател Хасан Рохани е закажана на 3 август.

Презакажани изборите во Пакистан поради Рамазан

Врховниот суд во Пакистан нареди претседателските избори во земјата да се одржат порано од планираното. Изборната комисија го закажа гласањето на шести август, но согласно денешната пресуда, новиот датум е 30 јули. Одлуката следи по петицијата на владеачката Муслиманска лига до судот, со која се бараше презакажување на гласаљњето, бидејки првоодредениот датум се поклопува со крајот на рамазанските пости.

Нова транша помош за Грција

Земјите-членки на еврозоната се согласни на Грција да и се исплати следната транша од 2,5 милијарди евра од антикризната програма. Одлуката за исплатата на парите треба да биде донесена во текот на денот на телеконференцијата на која ќе учествуваат претставници на министерствата за финансии на 17 земји-членки на еврозоната, како и на Европската централна банка и на Европскиот стабилизациски фонд. Тоа ќе биде првиот дел од траншата од 6,8 милијарди евра за земјата. До крајот на летото Атина треба да ја добие и втората рата од 1,5 милијарди евра од еврозоната. Третиот пакет помош од 1,8 милијарди евра треба да биде исплатен од ММФ во август, а во октомври еврозоната ќе и даде на Грција уште една милијарда евра.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG