Вести
Тим на ОН ќе проверува дали во Сирија има хемиско оружје
Двајца високорангирани претставници на Обединетите нации отпатуваа кон Сирија со цел да проверат дали во конфликтот се употребувало хемиско оружје. Шефот на тимот Аке Селстром заедно со Ангела Кане моментално се во Бејрут и за сега не се знае кога ќе пристигнат на конечната дестинација во Дамаск. Нивната посета е по покана на сиријската влада, но тимот се уште не може да влезе во земјата поради несогласувања околу тоа колкав пристап ќе им се даде на претставниците на светската организација.
Прв случај на западно - нилска треска во Македонија
Во Македонија е регистриран прв случај на западно-нилска треска, кој е потврден и лабараториски. Со вирусот е заразена 57-годишна жена, која не патувала надвор од Македонија. Таа е во добра општа здравствена состојба и ја прима потребната тераприја, соопштија од Министерството за здравство. Болеста се пренесува со каснување од заразен комарец со вирусот на западно-нилска треска. Кај најголем број заболени, болеста може да помине без симптоми, додека кај помал дел од заболените се јавуваат симптоми како висока температура, треска, главоболка, мачнина и замор.
Расте бројот на настрадани во земјотресот во Кина
Бројот на настрадани во земјотресот во Кина се искачи на најмалку 94 лица а илјадници се повредени. Државната новинска агенција јави дека осум населени места во регионот Жангџиан биле погодени од потресите во понеделникот. Околу 2.000 домови се комплетно уништени. Над 120.000 лица трпат штети од природната катастрофа а 31.600 лица се преселени поради штетите од земјотресот.
Нови немири на турско - сиријската граница
Едно лице загина во престрелка на турската граница со Сирија. Турската војска соопшти дека војниците реагирале на напад на цивили кои се обидувале илегално да ја преминат границата. Станува збор за последен од серија инциденти во граничната зона меѓу двете земји, со што се создава загриженост за можно прелевање на сиријскиот конфликт кон Турција.
Повторно отворена пистата од која излета „Боинг 737“
Аеродромот ЛаГуардиа ја отвори пистата која беше блокирана поради отежнатото слетување на авион марка „Боинг 737“, кој излета во тревникот поради проблеми со опремата. Десетмина се полесно повредени во инцидентот кој се случи во понеделникот. Леталото на компанијата „Саутвест ерлајнс“ удри со носот во пистата откако откажаа тркалата за слетување и излета кон тревникот. Оштетеното летало е преместено во хангар.
Иванов се сретна со Давитковски
Претседателот Ѓорге Иванов се сретна со професорот Борче Давитковски, поранешен претседател на ад-хок комисијата за расветлување на настаните во собранието пред и на 24 декември 2012 година. Давитковски го го информирал шефот на државата за неговата одлука за оставка на функцијата, како и за досегашната работа на Комисијата. „На средбата Иванов беше информиран за досегашните активности и резултати од работата на Комисијата, како и за разликите во ставовите за одредени прашања меѓу нејзините членови од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Иванов беше информиран и за оставката на Давитковски од должноста ретседател на ад-хок комисијата“ информираат од кабинетот на претседателот.
МПМЈЕ бара ослободување на Кежаровски
Мрежата за професионализација на медиумите од Југоисточна Европа соопшти дека е длабоко загрижена за здравствената состојба на македонскиот новинар Томислав Кежаровски кој на 22 јули започна штрајк со глад а е во притвор уште од 28 мај годинава. Организацијата, која обединува седумнаесет невладини организации во дванаесет земји од областа на развојот на медиумите, бара неодложно ослободување од притвор на Кежаровски. Тој беше притворен поради наводно објавување на име на заштитен сведок во 2008 година. Неговата сопруга исто така штрајкува со глад. Претходно, Српското здружение на новинари потстети на забелешката на ОБСЕ, дека постапката на македонските власти негативно ќе се одрази на слободата на медиумите. Здружението исто така побара Кежаровски да биде пуштен да се брани од слобода. Народниот правобранител установи дека на Кежаровски, во текот на продолжениот притвор, му се ускратени правата за излез на свеж воздух и пристап до платен дневен печат.
Најави за средба меѓу Груевски и Орешарски
Бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин денеска најави средба на премиерите на Македонија и на Бугарија, Никола Груевски и Пламен Орешарски, што би се одржала во текот на оваа недела. „Во моментов ги прецизираме темите за средбата. Последниот контакт на тоа ниво беше ден или два пред поранешниот премиер да си поднесе оставка“ изјави Вигенин на прес-конференција во Софија. Тој информира дека бугарскиот преговарачки тим е обновен, а ќе го предводи амбасадорот на Бугарија во Скопје, Иван Петков. „Ја изразив нашата подготвеност за поскоро потпишување на договорот за добрососедство. Досега нема таква покана. Има извесно придвижување. Се одржаа четири круга (преговори). Но, откако стапив на должност, не се водени преговори. Нема особен притисок во Македонија тоа да се случи“ изјави Вигенин.
Турската централна банка реагира за заштита на лирата
Турската централна банка ја зголеми основната каматна стапка и најави дека доколку е потребно ќе преземе дополнителни мерки за да го спречи падот на курсот на турската лира. Зголемувањето на каматната стапка по рефинансирањето од 6.5 отсто на 7,25 проценти е реакција на истекување на капитал, што доведе до поевтинување на лирата до девет проценти во однос на доларот. Несигурноста околу програмата за откупување на државни обврзници од Управата на федерални резерви на САД им нанесе удар на растечките пазарни економии во светот. Турските инвестиции беа засегнати и од демонстрациите минатиот месец против Владата на премиер Реџеп Таип Ероган.
Ал Каеда превзема одговорност за нападите во Ирак
Ал Каеда превзема одговорност за нападите на ирачки затвори при кои избегаа стотици затвореници, меѓу кои и високорангирани лидери на милитанската организација. Според писмената изјава на интернет, подготовките за ослободувањето на затворениците траеле со месеци. Нападите се случија во неделата вечер во затворските институции во градовите Таџи, северно од Багдад и Граиб, западно од главниот град на Ирак. Најмалку 25 припадници на безбедносните сили загинаа во инцидентите.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете