Вести
Лустрирани академик и екс-директор на Управата за безбедност
Комисијата за лустрација на денешната седница лустрирала член на Македонската академија на науките и уметностите и поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Претседателот Аџиев не го открива идентитетот на лустрираните лица. Контраразузнавачот наводно издавал наредби за следење лица од идеолошко-политички побуди а академикот, според документите кои ги прегледала Комисијата, бил соработник на тајните служби.
Куќен притвор за Паско Кузман
Кривичниот суд во Скопје му одреди 30-дневен куќен притвор на директорот на Управата за културно наследство, Паско Кузман, јавуваат македонските медиуми. Тој се товари за злоупотреба на службената должност. Кузман беше уапсен утрово во рамки на акцијата „Фаланга 2“.
Свинскиот грип во Русија е донесен од Грузија?
Шефот на рускиот здравствен инспекторат изјави дека свинскиот грип во Русија бил донесен од соседна Грузија. Генади Онишенко во изјава за Интерфакс вели дека изворот на заразата е добро дефиниран факт. Тој дополнително тврди дека во Грузија има лабораторија на американската морнарица која не е под контрола на тамошните институции. Онишенко најави дека Моксва ќе инвестира во грузиските региони Абхазија и Јужна Осетија со цел да се „зајакне одбраната против биолошки закани“.
Словенечкиот претседател утре во посета на Македонија
Претседателот на Република Словенија Борут Пахор утре и задутре ќе престојува во официјална посета на Република Македонија. Предвидено е Пахор утре да има средба со својот домаќин, македонскиот претседател Ѓорге Иванов, а во среда да ја посети хидорецентралата Света Петка и да положи цвеќе пред споменикот на паднатите борци за Македонија. Пахор во Скопје ќе се сретне и со претставници на словенечки компании, како и со Словенците кои работат и живеат во Македонија, а ќе одржи и кратка презентација на Европското првенство во кошарка што од 4 до 22 септември ќе се одржи во Словенија.
Изгласан новиот изборен закон во Авганистан
Авганистанските пратеници го изгласаа новиот изборен закон, чии одредби ќе важат на следните локални избори во земјата. Указот за законското решение треба да го потпише претседателот Хамид Карзаи за легислативата да стапи на сила. Во изминатиов период беше изгласан уште еден закон со кој се регулираат одговорностите на изборните власти.
Москва нема барање за азил од Сноуден?
Властите во Москва тврдат дека немаат добиено барање за азил од Едвард Сноуден, поранешниот соработник на американските тајни служби кого Соединетите држави го обвинуваат за шпионажа. Шефот на руската миграциска служба Владимир Волох појасни дека доколку 29 годишниот хакер одлучи да поднесе барање за азил, истото би се ревидирало во период од три до шест месеци. Сноуден се уште се наоѓа во трансфер зоната на московскиот аеродром, каде пристигна пред три недели од Хонг Конг. Американските власти му го поништија пасошот.
Турција се уште го признава Морси за претседател на Египет
Турција се уште го признава Мохамед Морси за легитимен претседател на Египет, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу. „Доколку дојде до маргинализирање на политичките елементи по превратот во Египет, насилството може да се прошири во целиот регион на Блискиот Исток“ рече министерот. Турскиот амбасадор во Каиро минатата недела беше повикан во египетското Министерство за надворешни работи во знак на протест поради „мешањето на Турција во внатрешните работи на Египет“.
Уапсени екологистите кои влегоа во француската нуклеарка
Сите активисти кои упаднаа во француската нуклеарна централа се уапсени. Групата 29 екологисти влегоа во нуклеарката во Трикастин во југоисточниот дел на земјата каде истакнаа банери на кои пишува: „Трикастин – нуклеарна несреќа“ и „Франсоа Оланд – претседател на катастрофа?“. Полицијата соопшти дека активистите не влегле во клучните делови на објектот. Гринпис соопшти дека централата е една од петте најопасни нуклеарки во Франција.
Два закони за регулирање на медиумите испратени до собранието
Медиумите и аудиовизуелните и медиумските услуги ќе бидат регулирани во два посебни законa усогласени со препораките на ОБСЕ, Советот на Европа и ЗНМ, обелодени министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. Предлог законите за медиуми и за аудиовизуелни и медиумски услуги се усвоени на владина седница и пратени до Собранието на Република Македонија во редовна постапка. Законот за медиуми, според Ивановски, ќе се однесува на сите медуми што претставуваат средство за јавно информирање, односно било каков вид комуникација како весници, магазини, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други средства за дневно или периодично објавување.
Тахири: Српските партии мора да се регистрираат во Косово
Косовскиот вицепремиер Едита Тахири изјави дека партиите регистрирани во Србија нема да можат да учествуваат на локалните избори во Косово, доколку не бидат евидентирани во косовската Централна изборна комисија, пренесе Танјуг. Тахири за весникот „Коха диторе“ изјави дека политичките субјекти треба да бидат регистрирани како политички партии или граѓански иницијативи во согласност со косовскиот изборен закон. Шефицата на косовската екипа во преговорите меѓу Приштина и Белград додаде дека тоа и го кажала и на српската делегација за време на разговорите во Брисел.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете