Достапни линкови

Вести

Сноуден сè уште не побарал азил во Русија

Руските власти соопштија дека поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност, Едвард Сноуден, кој е обвинет за шпионажа во САД, а во моментов е во Русија, сè уште не поднел официјално барање за азил. Шефот на руската служба за миграции Константин Ромодановски денеска изјави дека досега не е примено такво барање. На средбата со активисти за човекови права на московскиот аеродром Шереметјево вчера, Сноуден изјави дека ќе побара азил во Русија. Сноуден е во транзит делот на аеродромот од неговото пристигнување од Хонг Конг на 23 јуни. Белата куќа соопшти дека претседателите Барак Обама и Владимир Путин разговарале за Сноуден во вчерашниот телефонски разговор. Американските власти бараат од Русија да го протера Сноуден за да може да се соочи со кривичните пријави во САД.

Црна Гора го одбележува денот на државноста

Илустрација.
Илустрација.
Црна Гора денеска го одбележува денот на државноста, во знак на сеќавање на 13 јули 1878 година, кога на Берлинскиот конгрес е признаена како самостојна држава, како и на истиот датум во 1941 година кога црногорскиот народ ја почна борбата против фашизмот, јави Танјуг.

Црногорскиот претседател Филип Вујановиќ положи денеска венец на споменикот „На партизанот борец“ во спомен паркот во Подгорица.

Вујановиќ синоќа на свечениот прием во Цетиње изјави дека Црна Гора на најдобар начин ја симболизираат слободата и антифашизмот обединети во еден датум, 13 јули - Денот на државноста.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ панично реагира на најавените инвестиции

Индискиот бизнисмен Субрата Рој го посети Охрид на 10 јули 2013 година.
Индискиот бизнисмен Субрата Рој го посети Охрид на 10 јули 2013 година.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешната прес-конференција на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов кој побара да се објави текстот од договорот со индискиот инвеститор Субрата Рој, прашува зошто опозициската партија „реагира панично ако некој сам изјавува дека сака да инвестира во државата?“.

„Наше е да се бориме за инвестиции, а на крај одлуката е на инвеститорите. СДСМ со ваков однос само покажува дека продолжува со деструктивниот однос и празна критика кон што било“, оценува во реакцијата ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, СДСМ има најмал кредибилитет да зборува за странски директни инвестиции, затоа што, како што наведуваат, „такви во нивно време скоро и да немаше“.

Турскиот суд одобри девојче да се вика Курдистан

Илустрација.
Илустрација.
Турскиот суд одобри на семејство од курдско потекло нивната ќерка да го носи името „Курдистан“.

„Секој човек треба да има име. Правото на избор на име, кое е поврзано со животот на човекот и е неменлив дел од неговата личност, е основно индивидуално право, гарантирано со Уставот“, посочи судот во одлуката.

Локална служба поднесе жалба во 2011 година против семејството Топрак, кое живее во турскиот југоисточен округ Шанлафура, поради тоа што името на детето „Курдистан“ може „да го навреди општеството“. Локалниот суд тогаш одлучи името на детето да биде сменето со„ Хелин“.

Субрата Рој најави инвестиции во Џумајлија

Индискиот бизнисмен Субрата Рој.
Индискиот бизнисмен Субрата Рој.
Индиската компанија „Сахара груп“ на Субрата Рој го објави инвестицискиот план за Агрокомбинатот „Џумајлија“, каде за три години планира да вложи 300 милиони евра. Во првите 18 месеци индискиот инвеститор најавува отворање нови 900 работни места, а за 3 години 2.000. За година и половина планира да набави 8.000 крави, а за три години 20.000.

Субрата Рој на прес-конференција во присуство на премиерот Никола Груевски и министерот за земјоделство Љупчо Димовски, информираше дека е доставена банкарската гаранција со која 100 процентно ја потврдува инвестицијата. Министерот Димовски потврди дека е доставена банкарската гаранција која треба да обезбеди почеток на инвестицијата.

Саудиска Арабија апелира старите и болни да не одат на аџилак

Аџилак во Мека во 2012.
Аџилак во Мека во 2012.
Саудиска Арабија ги повика постарите лица и хронично болните муслимани да не одат на аџилак, во обид да се запре ширењето на вирусот МЕРС. Триесет и осум луѓе починаа од вирусот сличен на САРС во Саудиска Арабија од септември досега. Министерството за здравство соопштува дека луѓето со послаб имунитет, децата и бремените жени треба да го избегнуваат аџилакот во Мека во октомври. Милиони муслимани патуваат секоја година во Саудиска Арабија на аџилак. Светската здравствена организација потврди 80 случаи на заразени од вирусот МЕРС во светот, од кои 45 смртни случаи.

Автобуска несреќа во Москва, 14 загинати

Најмалку 14 луѓе загинаа, а 22 се повредени денеска во судир на автобус со камион во близина на Москва, соопштија руските власти. Полицијата соопшти дека несреќата се случила кога камион кој превезувал товар од чакал се судрил со автобус. Министерството за внатрешни работи соопшти дека меѓу загинатите има и дете. Руската новинска агенција РИА Новости соопшти дека автобусот од силината на ударот бил распарчен на два.

Мудис - постои ризик Кипар да ја напушти еврозоната

Заканата за нова платежна неспособност на Кипар во однос на неговите државни обврзници останува на високо ниво следните години поради многу поголемите ризици, со кои се соочува економијата на земјата и нејзините државни финансии, оцени денеска меѓународната рејтинг агенција Мудис.

Според Мудис „постои суштински ризик Кипар да ја напушти еврозоната“.

Агенцијата минатата недела одлучи да го остави рејтингот на Кипар на неинвестициско ниво ЦАА3 со негативна перспектива.

Во годишниот извештај на Мудис се наведува дека ниската оценка за Кипар е определена од малата економска база и слабите перспективи за раст.

Според аналитичарите спогодбата меѓу кипарската Влада и тројката меѓународни кредитори, Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд за доставување на помош од десет милијарди евра во замена за реструктуирање на банкарскиот сектор на земјата, ќе доведе до значително намалување на активностите на кипарските банки, што ќе има големо влијание врз кипарската економија уште од оваа година.

СДСМ бара Владата да го објави договорот со Субрата Рој

СДСМ посакува во Македонија да влегуваат што повеќе странски инвестиции, и во туризам, и во земјоделие. Ќе ја поздравиме секоја инвестиција која навистина отвара работни места и нови шанси за македонската економија, изјави портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

„СДСМ инсистира пред Владата да му подари на Субрата Рој плодна земја, да одговори на прашањата кои се парцелите кои ќе му бидат продадени, колку чини земјата која ќе ја продаде Владата и која цена ќе ја плати Субрата Рој, како и меѓу другото зошто не се почека да се расчистат обвинувањата за криминал во Индија“, рече Шилегов.

Тој изјави дека СДСМ инсистира пред потпишување на каков било договор со Субрата Рој, Владата да го објави текстот на договорот, да се види точно какви поволности му дава и какви конкретни обврски тој ќе преземе, вклучително и колкави банкарски гаранции.

Дефект на пруга - причина за несреќата во Франција

Француската Национална железнички компанијата соопшти дека железничката несреќа што се случи вчера во близина на Париз, најверојатно, била предизвикана од дефект на железничките пруги. Пјер Изард, претставник на железничката компанијата, изјави дека истрагата открила дека две шини кои требало да бидат поврзани со метална шипка, останале одвоени. Претходно францускиот министер за транспорт ја отфрли можноста за човечка грешка, како причина за смртоносната несреќа. Во несреќата загинаа шест луѓе, а 30 беа повредени, од кои осум сериозно.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG