Вести
Воз излета од шини во близина на Париз, најмалку седуммина загинати
Најмалку седуммина загинале а десетици се повредени откако воз излета од шините во предградието на Париз, соопшти францускиот министер за внатрешни работи Мануел Валс. Инцидентот се случи попладнево во градот Бретигни сур Орг на 20 километри од француската метропола. Надлежните во железничката компанија соопштија дека на меѓугратскиот воз имало 350 патници. Спасувачките екипи се на местото на настанот. „Бројот на загинати постојано еволуира и за жал ќе расте“ изјави министерот. Причината за излетувањето се уште не е позната.
Романскиот министер за транспорт осуден на пет години затвор
Високиот касационен суд на Романија го осуди денеска романскиот министер за транспорт Релу Фенекиу на пет години затвор, под обвинение за злоупотреба на службената положба на штета на јавниот интерес. Првпат во историјата на Романија, Високиот касационен суд осудува на казна затвор актуелен министер, но одлуката на судот не е конечна. По изрекувањето на казната романскиот премиер Виктор Понта соопшти дека ја потпишал оставката на министерот за транспорт, чија функција ќе ја извршува тој до назначувањето на нов министер. Судскиот процес против Фенекиу започна во јуни минатата година година, кога тој беше пратеник, врз основа на обвинението дека како акционер и директор на фирма на една романска државна енергетска компанија и продал стара опрема за цена како да е нова.
Напад на бомбаш самоубиец во Авганистан
Еден загинал а двајца се повредени во напад на бомбаш самоубиец во главниот град на Авганистан. Шефот на полициските сили во Кабул вели дека бомбашот почнал да бега откако полицајците сакале да го претресат, по што ја детонирал експлозивната направа. За сега никој ја нема превземено одговорноста за инцидентот но од друга страна, Талибанските милитанти најавија зачестување на нападите врз безбедносните сили во Авганистан.
Повик за посилни напори за образование за сите деца
Тинејџерката Мала Јоусафзаи од Пакистан изјави дека нема да ја замолчат терористички закани. Талибанските милитанти ја застрелаа Јоусафзаи на враќање од училиште минатата година. Ова е нејзино прво јавно обраќање во кое младата девојка повика на поголеми напори за обезбедување на образование за сите деца. Шеснаесет годишниот борец за мир се обрати пред 500 младински лидери од 85 земји, во присуство на генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун. ОН го прогласи 12 јули за денот на Малала.
Сноуден повторно бара азил во Русија
Руските адвокати и активисти за човекови права, кои се сретнаа со Едвард Сноуден на московскиот аеродром, велат дека поранешниот соработник на американските тајни служби побарал одобрување на барањето за азил во Русија. Состанокот се одржа денеска во транзитната зона на аеродромот каде 29 годишниот американец е заглавен поради поништен пасош. Вашингтон бара негова екстрадиција по обвиненија за шпионажа и откривање на детали од тајни планови. Сноуден наводно втор пат бара азил во Русија, откако го повлекол првото барање, поради ставот на рускиот претседател Владимир Путин. Шефот на државата понуди одобрение на барањето, доколку поранешниот разузнавач ги прекине активностите кои се штетни за Соединетите држави.
Откриен нов извор на нафта во Украина
Украинската државна компанија за гас и нафта соопшти дека открила голем извор на нафта на украинска територија. Нафотхаз тврди дека станува збор за најголемиот извор во поселдниве 15 години, во кој има 12,8 милиони тони нафта. Фирмата работи на локацијата во регионот Полтава од 2011 година. Украинската влада се обидува да ја намали зависноста на земјата од руски енергенси.
Нови анти-армиски протести во Египет
Десетици илјади подржувачи на отстранетиот египетски претседател Мухамед Морси се собраа на протест во Каиро и бараат лидерот да се врати на функцијата. Насобраните во толпата извикуваат слогани против армијата, која го тргна Морси од претседателската функција и го суспендираше уставот во земјата. Во меѓувреме, В.Д. премиерот на Египет за во недела најави разговори за формирање на нов владин состав.
Сноуден на средба со адвокати и активисти за човекови права
Поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден се среќава со руски активисти за човекови права и адвокати на московскиот аеродром. Средбата се случува во транзитната зона на објектот каде Сноуден е заглавен по пристигнувањето од Хонг Конг на 23 јуни. Пасошот на американецот е поништен а Соединетите држави бараат екстрадиција на 29 годишниот хакер кој објави тајни информации за американските надзорни програми. Состанокот е затворен за јавноста а предвидено е Сноуден подоцна да даде изјави за медиумите.
Експлозија во Истанбул при изградба на метро линија
Силна експлозија на гасовод одекна во Истанбул за време на градежни работи за изградба на метро линија. Како што јави турската телевизија Си-Ен-Ен-Турк, во инцидентот нема повредени. Експлозијата се случила во 9:30 часот во истанбулскиот кварт Ускудар, во азискиот дел на градот. На местото на несреќата пристигнале противпожарни возила. Екипи на истанбулската компанија за транспорт на гас моментално работат на спречување на истекувањето на гас.
Љубе Бошкоски осуден на 12 години затвор
Дванаесет години затворска казна за Љубе Бошкоски, пресуди судот во случајот за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев од 2001 година. Екс-министерот е осуден за помагање при убиство. Десет години затвор доби Зоран Трајановски, а од 6 до 8 години казна затвор останатите обвинети. Доживотна казна затвор им е пресудена во отсуство на четворицата српски државјани за убиство.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете