Достапни линкови

Вести

Приведени 12 осомничени за воени злосторства во Хрватска

Хрватската полиција денеска во Осијек приведе 12 поранешни припадници на некогашната српска територијална одбрана и милиција во селото Трпиња, под обвинение за воени злосторства извршени во 1991 година. Уапсените се товарат за воени злосторства извршени врз 16-мина хрватски цивили, воени заробеници и ранети и болни лица. Претходно, српскиот Заеднички совет на Општина Вуковар соопшти дека полицијата утрово извршила претрес на неколку српски куќи во селото Трпиња кај Вуковар, при што привела 11 лица под сомнеж дека извршиле воени злосторства од средината на септември до крајот на ноември 1991 година.

Закана за бомба во парламентот на Кипар

Зградата на Парламентот на Кипар денеска беше евакуирана по добиена телефонска закана дека во објектот е поставена бомба, јави ИТАР-ТАСС. Непознати лица околу 16 часот по локално време прво се јавиле во еден од локалните весници, а потоа и во канцеларијата на претседателот на парламентот, тврдејќи дека во зградата има бомба. Телефонските закани биле упатени за време на пленарната седница на која се разгледуваше предлог-законот за стабилизациската програма, што кипарската влада ја усгласи со меѓународните кредитори.

Пронајдена тајна воена база во Саудиска Арабија ?

Проминентна публикација од областа на одбраната објеви дека е пронајдена локација за лансирање ракети во Саудиска Арабија. Лондонскиот „Џејнс Интелеџенс Ривју“ пишува дека судејки по сателистските снимки на пустинската област, ракетите од оваа локација би имале дострел до Израел и Иран. Исламската република Иран е догогодишен ривал на Саудиска Арабија.

Груевски го тужи Петковски за клевета и бара 15,000 евра

Премиерот Никола Груевски се појави во судницата во рочиштето по тужбата за претседателот на НСДП, Тито Петковски за клевета. Основата за тужбената постапка е ланската изјава на Петковски за неделникот „Фокус“ дека премиерот со официјално писмо до генералниот секретар на Обединетите Нации во 2008 предложил новото име да биде Република Македонија - Скопје. „Тоа се измислени факти“, се вели во во тужбата, во која се бара Петковски да плати отштета во висина од 15 илјади евра за нанесување штетна на честа и угледот на Груевски. Тито Петковски во својот исказ изјави дека премиерот е човек што не трпи навреди, а своите јавни говори ги користи да навреди други луѓе, пренесуваат македонските медиуми.

Караџиќ ќе одговара за геноцид, одлучи Хашкиот трибунал

Хашкиот трибунал ги возобнови обвиненијата за геноцид против лидерот на босанските Срби Радован Караџиќ, по жалба од обвинителството. На Караџиќ му се суди за геноцид во Сребреница, за прогон на муслимани и Хрвати ширум БиХ, тероризирање на населението во Сараево со кампања на артилериски и снајперски напади и земање заложници. Со денешната одлука на Трибуналот, се враќа едно од двете обвиненија за геноцид, за кое беше донесена одлободителна пресуда минатата година.

„Азијана ерлајнс“ летал на автопилот во последните две минути

Судејки по податоците од црната кутија, во последните две и пол минути од летот, автопилотот извршувал неколку програми и се забележува автоматско подесување на брзината, изјави денеска шефицата на Националниот борд за транспортна безбедност Дебра Хершман во врска со уривањето на авионот на „Азијана Ерлајнс“ во Сан Франциско. „Треба да разбереме зошто биле вклучени неколку програми за автопилотот – дали пилотите го направиле подесувањето намерно или по грешка. Исто така треба да провериме дали пилотите разбрале за што се програмите“ вели Хершман и додава: „Автоматизацијата многу помага, но има причина за двајца пилоти во авионот“

Спречен терористички напад во Дагестан

Полицијата во руската република Дагестан соопшти дека спречила терористички напад врз безбедносните сили во земјата. Според Националниот антитерористички комитет, две бомби со 150 килограми експлозив биле пронајдени во областа Дербент во Дагестан. Комитетот соопшти дека се планирало експлозивите да се постават на автопат во близина на полициски контролен пункт. За сега не е јасно каде точно биле пронајдени бомбите и кој ги составил.

Собир во Сребреница на 18 годишнината од масакрот

Десетици илјади луѓе се собраа во босанското село Сребреница за погребување на останките на 409 новоидентификувани жртви од масакрот во 1995 година. Денеска се одбележува 18 годинишнината од најмасовното убиство на европска територија по нацистичката ера. Телата се погребуваат на посебни гробишта по нивна ексхумацијата од масовните гробници. Пред 18 години силите на босанските Срби заклаа околу 8,000 босански муслимани мажи и момчиња. Телата на 5657 лица се идентификуваат со ДНК тестови.

Папандреу го прозва Караманлис за кризата во Грција

Поранешниот грчки премиер социјалистот Јоргос Папандреу го обвини својот претходник, конзервативецот Костас Караманлис за економската криза оценувајќи ја политиката на неговата влада како „криминална“, објави грчкиот сајт „Капитал“. Во писмена изјава поранешниот премиер наведува дека уште од првиот мандат зборувал за реалната состојба на грчката економија додавајки дека барал дополнително време од европските партнери за да ги реши проблемите на земјата. Папандреу, меѓу другото, ја обвинува владејачката партија до 2009 година и дел од медиумите дека ширеле гласини дека неговата Влада фабрикувала статистички податоци за буџетскиот дефицит и дека целта на овие забелешки било да се дискредитира управувањето на социјалистите.

Се очекува конечна меѓупресуда за Радован Караџиќ

Жалбениот совет на Хашкиот трибунал ќе изрече конечна меѓупресуда за поранешниот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ по една точка од обвинението, која се однесува на геноцид во повеќе општини во Босна и Херцеговина, не вклучувајќи ја Сребреница, јави Танјуг. „Меѓупресудата е во согласност со правилото 98 од правилникот на Трибуналот, кое вели дека Советот може да го ослободи обвинетиот од повеќе точки од обвинението, ако заклучи дека нема основи за осуда“ рече портпаролката на Хашкиот трибунал Магдалена Спалинска. На Караџиќ му се суди за геноцид во Сребреница, за прогон на муслимани и Хрвати ширум БиХ, тероризирање на населението во Сараево со кампања на артилериски и снајперски напади и земање за заложници припадници на мировните сили на ОН во периодот од 1992-95 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG