Достапни линкови

Вести

Секретарот за одбрана на САД во посета на Авганистан

Чак Хегел
Чак Хегел
Американскиот секретар за одбрана Чак Хегел пристигна во ненајавена посета на Авганистан.
Хегел, кој е прв пат во Авганистан изјави дека има многу предизвици пред НАТО да ја предаде безбедноста во рацете на авганистанците.
Ние сме се уште во војна, им изјави Хегел на новинарите кои патуваат со него.

ВМРО-ДПМНЕ ги повлекува советничките листи во Струга и Кичево

ВМРО-ДПМНЕ побара од Државната Изборна Комисија повлекување на поднесените листи на кандидати за членови на советите на Општина Кичево и на Општина Струга.
Опозициската СДСМ пред неколку дена најави дека ќе ги поддржи градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево и Струга доколку владејачката партија ги поддржи нивните листи за советници во овие градови. ВМРО-ДПМНЕ, исто така, искажа подготвеност за соработка во овие две општини.
Во меѓувреме, како што јави Утрински Весник, власта и опозицијата предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги договорија деталите како ќе настапат на локалните избори во Кичево и Струга.
Опозицијата во Кичево ќе го подржела кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Благоја Деспотовски, а партиите од македонскиот блок ќе настапат со заедничка советничка листа. Весникот пишува дека македонските партии договориле заеднички настап и на локалните избори и во Струга.

МВР ќе ги идентификува и учесниците во денешните протести

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе ги идентификува и учесниците во денешните протести по што ќе следуваат соодветни пријави. Протестите се организираа преку социјалните мрежи.
Најголем дел од граѓаните, соопшти МВР, покажувајќи висока свест, ги послушаа и почитуваа апелите на Министерството за внатрешни работи, верските заедници и невладините организации и не се приклучија кон протестите кои се организираа преку социјалните мрежи.
Пред Џамијата Јаја Паша, денеска се собраа над сто лица, од кои најголемиот дел малолетни. Истите се упатија кон зградата на Владата на Република Македонија, но во близина на стоковната куќа „Мост“ беа спречени од страна на полициските службеници. Дел од нив започнаа со каменување кон полицијата по што следеше интервенција, а групата се растури. Двајца полициски службеници се пожалија на телесни повреди здобиени од каменувањето, а досега не е пријавена материјална штета, стои во соопштението.

Во Драч запленети 422 килограми марихуана

Канабис
Канабис
Албанските царински службеници во пристаништето во Драч открија и запленија 422 килограми марихуана скриена во автобус со тирански регистарски таблички, јави МИА од Тирана.
Крајната дестинација на дрогата била Италија.
Ова е втора поголема запленета пратка на марихуана во изминатите денови во Драч. Претходно во македонски камион со скопски регистарски таблички, кој транспортирал конзерви со риба, беа откриени и запленети над 835 килограми марихуана. Истата била по потекло од источните земји, во Албанија влегла преку преминот „Ќафасан“ и требало да продолжи за Италија.
.

Зетот на Бин Ладен се изјасни за невин за заговор против САД

Сулејман Абу Гаит (во средината)
Сулејман Абу Гаит (во средината)
Зетот на Осама бин Ладен се изјасни како невин во судот во Њујорк каде е обвинет за заговор против Американците.
Сулејман Абу Гаит беше портпарол на Ал Каеда по терористички напади врз САД на 11 септември 2001. На судското сослушување во Њујорк обвинителите истакнаа дека нивните докази содржат и видео и аудио снимки.
Гаит наводно, бил уапсен во Јордан и однесен во Њујорк откако пред тоа бил држен во Турција.

Илјадници венецуелци и странски лидери на погребот на Чавез

Venezuela -- Vice President Nicolas Maduro, Nicaraguan first lady Rosario Murillo, Nicaraguan President Daniel Ortega and Venezuelan Foreign Minister Elias Jaua during the funeral of President Hugo Chavez, in Caracas, 08Mar2013
Venezuela -- Vice President Nicolas Maduro, Nicaraguan first lady Rosario Murillo, Nicaraguan President Daniel Ortega and Venezuelan Foreign Minister Elias Jaua during the funeral of President Hugo Chavez, in Caracas, 08Mar2013
Странски лидери и дипломати се собраа во Каракас на погребот на Уго Чавез на кој присуствуваат и стотици илјади венецуелци кои му одаваат почест на починатиот Претседател. Меѓу другите во Каракас се претседателот на Куба Раул Кастро, иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад и Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко.
Инаку за 30 дена ќе бидат одржани избори додека во меѓувреме Ве Де Претседател ќе биде потпретседателот Николас Мадуро. Чавез седум дена ќе биде ставен во статуа за да го видат што повеќе луѓе.
Мадуро изјави дека Чавез ќе биде балсамиран како Хо Ши Мин. Лењин и Мао.


Бугарија не успеала да спаси 11.000 Евреи од депортација

Отворање на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија
Отворање на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија
Бугарскиот Парламент, по повод одбележувањето на почетокот на депортацијата на Евреитe од пред 70 години, денеска изрази жалење што оваа земја не успеала да спаси повеќе од 11.000 Евреи од територии што беа под нејзина контрола.
Бугарија, која била сојузник на нацистичка Германија за време на Втората светска војна, ја одби депортацијата на повеќе од 48.000 Евреи, бугарски граѓани, во логорите на смртта, се наведува во декларацијата на Парламентот.
Објективната проценка на историските настани, сепак не може да го отфрли фактот дека 11.343 Евреи се депортирани од Грција и Кралството Југославија, кои тогаш биле под надлежност на Германија, се додава во документот.
- Осудувајќи го тоа злосторство, извршено под команда на Хитлер, изразуваме жалење што бугарската локална управа не била во можност тоа да го спречи, соопшти Парламентот.
Бугарија прв пат ќе го одбележи сеќавањето на сите оние кои биле депортирани и тоа во градот Лом, каде биле извршени првите депортации на небугарски Евреи на 13 март 1943 година, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи

Сараево - Сакам секој ден да е 8 март

Активистки од босанската феминистичка фондација „Цуре“, по повод Денот на жените-8 март, организираа протестни настани во Сараево и уште 10 градови во Босна и Херцеговина заради лошата положба на жените во земјата, пренесе агенцијата Анадолија.
Сакаме солидарноста, ненасилството и мирот да бидат секојдневие за сите граѓани и граѓанки на Босна и Херцеговина, беше основната порака на протестот.
Десетици жени прошетаа по улиците на Сараево со транспаренти „Сакам секој ден да е 8 март“, „За среќен живот без насилство“, „Не ми купувај цвеќе, можам да го направам и сама“.
„Ние не го празнуваме 8 март, туку само го одбележуваме. Сакаме да го свртиме вниманието на јавноста во БиХ врз се уште тешката положба на жените, особено на помладите. За нас нема место во извршната и законодавната власт, подложени сме на дискриминација и насилството врз жените, како физичкото, така и психичкото и економското, постојано нараснува“, изјави Јадранка Миличевиќ од фондацијата „Цуре“.

Групата млади се разотидоа без поголеми инциденти

архива
архива
Групата млади лица кои по денешната молитва пред Јајапашината џамија се упатија кон Владата, попладнево се разотидоа без поголеми иниценти. Стотината помлади луѓе, меѓу кои и малолетници, на кои им се придружија и неколку повозрасни лица, откако кај поранешната стоковна куќа „Мост“ беа спречени од полицијата да продолжат кон мостот „Гоце Делчев“, преку Бит Пазар се вратија во Чаир и се разотидоа. Некои од нив по пат фрлаа камења и извикуваа пароли, но до посеризни инциденти не дојде. По минатонеделните насилни протести, преку социјалните мрежи имаше повици за нови собири денеска и утре. Полицијата презеде превентивни мерки за спречување на евентуално нови нереди.

МОСТ: одредени прекршувања на изборните правила

Извршниот директор на граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов
Извршниот директор на граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов
Во пресрет на локалните избори, граѓанската асоцијација МОСТ на денешната прес конференција информираше за одредени прекршувања на изборните правила, притоа посочувајќи дека некои општински изборни комисии се соочуваат со финансиски проблеми. Станува збор за Ранковце, Градско, Пласница, Чашка и Свети Николе. Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов информира дека во досегашниот тек на кампањата повторно била забележана злоупотреба на државни и јавни ресурси, односно користење на службени возила во текот на изборната кампања, присуство на малолетници на предизборните собири и користење на навреди и омаловажувања во јавните настапи на кандидатите. Конечниот број на набљудувачи на изборите, МОСТ ќе го соопшти в сабота.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG