Достапни линкови

Вести

Бакрачески прогласи победа во Охрид

Предизборен митинг на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
Предизборен митинг на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
Кандидатот на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Никола Бакрачески објави победа за градоначалник на Охрид.

„Големата излезност на граѓаните каков што немало последните 20 години ја покажа желбата на Охрид за посветла иднина, желбата на охриѓани да имаат иднина во која ќе чекорат на здрави нозе, иднина што ќе означи отвоарање нов прозорец на можности и нова страница за генерациите кои доаѓаат“, изјави Бакрачески.

Според податоците од аналитичкиот центар на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, од обработените 70 отсто од гласовите од 73-те избирачки места во Охрид, Бакрачески веќе има потврдени околу 14.200 гласови, наспроти неговиот противкандидат, досегашниот градоначалник Александар Петрески кој ја добил довербата на 8.600 гласачи.

Во изборниот штаб на коалицијата „Сојуз за иднината“ не ги оспорија изборните резултати, но соопштија за, според нив, евидентирани низа неправилности во текот на изборниот процес. Тие информираа дека поседуваат фотографии и други докази за таквите тврдења, што ќе ги презентирааат во текот на утрешниот ден, најавувајќи дека ќе ги достават до надлежните институции.

Георгиев - Во Битола се случува голема драма

Менде Диневски, кандидат за градоначалник на Битола од СДСМ.
Менде Диневски, кандидат за градоначалник на Битола од СДСМ.
СДСМ води во Делчево, Куманово, Велес, Карбинци, изјави потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев. Тој изјави дека наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ победува во прв круг во Струмица, како и во Ранковце. Што се однесува за Битола, за која ВМРО-ДПМНЕ објави победа во прв круг, Георгиев вели дека таму се случува голема драма.

„Ние очекуваме преку правни средства да одиме во втор круг во Битола. Во Битола имаше многу нерегуларности, и не само во Битола, но во Битола беше посебно драматично и ние се надеваме дека правната држава ќе профункционира и тие места кои ќе ги обжалиме да влеземе во втор круг“, изјави Георгиев.

Тачи - ДПА оди во втор круг во Тетово

Претседателот на ДПА Мендух Тачи.
Претседателот на ДПА Мендух Тачи.
Не ги добивме овие избори, но имаме 21 илјади гласови повеќе од парламентарните избори во 2011 година, рече претседателот на ДПА Мендух Тачи.

Тој рече дека ДПА победува во Струга и се надева на победа во Тетово во вториот круг. Според него, ДПА оди во вториот круг во Студеничани, Неготино-Врапчиште, Долнени и Теарце.

„Имаме една лесна загуба од 2-3 илјади гласови во Тетово. Се случија многу чудни работи. Изгубивме на Шар Планина овој пат 3.400 гласови. Мислам дека брзо ќе дознаеме што се случило, иако имаме сомнение за силна корупција, подмитување на гласачи, импликации на полицијата и верувам дека сите заедно ќе работиме да го добиеме Тетово во вториот круг“, рече Тачи.

ДУИ прогласи победа во Дебар, Желино, Пласница и Боговиње

Предизборен митинг на ДУИ.
Предизборен митинг на ДУИ.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) доби градоначалнички места во првиот круг во Дебар, Желино, Пласница и Боговиње, информира портпаролот на ДУИ Бујар Османи.

Според неофицијалните податоци на партијата, ДУИ е со големо водство на сите избирачки места во Тетово, во Гостивар и во Чаир, за каде очекуваат градоначалничко место во првиот круг. Во втор круг одат во Студеничани, Брвеница и Сарај, а ги очекуваат резултатите за Кичево и за Струга.

ВМРО-ДПМНЕ објави победа во најголем број општини

Илија Димовски.
Илија Димовски.
ВМРО-ДПМНЕ победува во повеќе општини и со поголема разлика отколку што очекувавме, изјави Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на партијата.

Тој напомена дека победуваат со голема разлика во Штип, Гази Баба, Аеродром, Крушево, Радовиш, Виница, Кисела Вода, Свети Николе, Прилеп, Битола, Крива Паланка, Валандово, Ресен, Гевгелија.

Изедначена битка со кандидатот на опозицијата, како што истакна, има во Центар и Велес.

ВМРО-ДПМНЕ со голема разлика води и во Бутел, Крушево, Кривогаштани, Охрид, Пехчево, Василево, Илинден, Вевчани, Дојран, Петровец, Македонска Каменица, Демир Капија, Росоман.

Заедничките кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ водат во Кичево и Струга

Заеднички предизборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во Кичево.
Заеднички предизборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во Кичево.
Заедничките кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Кичево и Струга водат пред своите опоненти за градоначалничкото место, покажуваат првичните информации од Државната изборна комисија за обработен мал број избирачки места.

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ води во Кочани, Кратово, Крива Паланка, Охрид, Кривогаштани, Куманово, Маврово Ростуша и Прилеп, а „Сојуз за иднина“ и СДСМ во Струмица.

Набљудувачите на МОСТ забележале бројни неправилности

Прес-конференција на директорот на Граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов
Прес-конференција на директорот на Граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов
Граѓанската асоцијација МОСТ вечерва објави неправилности што ги забележале нивните набљудувачи на одредени избирачки места во тек на локалните избори, меѓу кои семејно гласање, фотографирање гласачки ливчиња, некористење УВ ламба...

Според МОСТ, 27 случаи семејно гласање на гласачкото место 1852 се регистрирани во општина Струга и 30 такви случаи на гласачното место 1930 во општина Тетово.

Во ОИК Суденичани, според МОСТ, се пријавени 23 гласачи кои имале биометриски лични карти, а ги немало во Избирачкиот список.

На гласачкото место 1376 во општина Прилеп, пак, две лица во два одделни наврати се фатени како сликаат гласачки ливчиња. Во двата наврати реагирала полицијата и имало прекин од 10 минути по што гласањето продолжило.

Според МОСТ, на гласачките места 1944 и 1989 во општина Тетово забележани се над 15 случаи семејно гласање поединечно. На гласачкото место 1947 општина Тетово забележани се над 30 случаи на некористење УВ ламба.

Набљудувачите на МОСТ, исто така, забалежале и дека на гласачкото место 1976 општина Тетово малолетно лице сакало да гласа со туѓа лична карта, а Избирачкиот одбор му издал гласачки ливчиња. ИО притоа ја увидел грешката и ги поништил гласачките ливчиња и ги ставил во гласачката кутија. Полицијата извршила увид и случајот е внесен во записник.

Десет случаи на семејно гласање се евидентирани и на гласачкото место 0301 во општина Валандово, а на гласачкото место 1682 општина Свети Николе се читале на глас имињата на гласачите.

Во општина Гази Баба на гласачкото место 2507 – 20 лица, гласачко место 2509 – 30 лица и гласачко место 2510 - 30 лица не се нашле во Избирачкиот список.

По затварањето на избирачките места 2764 и 2765 во Дом на слепи, избирачките места 2766 и 2767 во ОУ „Круме Кепески“ и на избирачкото место 2655 во месна заедница Пржино во општина Кисела Вода имало прекин струја. Исто така, и во избирачките места 2557 и 2558 во ОУ „Димитар Поп Ѓоргиев Беровски“ во општина Ѓорче Петров нема струја, покажува набљудувањето на МОСТ.

ДПА - Власта потфрли во организирање слободни, фер и демократски избори

Претседателот на ДПА Мендух Тачи.
Претседателот на ДПА Мендух Тачи.
Пратеникот и кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на ДПА, Беким Фазлиу на својата прва прес конференција по изборите во партиското седиште во Тетово оцени дека актуелната власт „уште еднаш потфрлила во организирањето слободни, фер и демократски избори и во тек на вчерашниот и во тек на денешниот ден“.

„Продолжи праксата на ДУИ со закани и уцени кон гласачите особено Албанци, прекумерното присуство на полицијата на гласачките места не дозволи дел од граѓаните слободно да ја изразат својата волја. Нашата проценка врз основа на информациите што ги добиваме од теренот е дека голем број Албанци беа спречени во остварувањето на гласачкото право“, рече Фазлиу.

Според него, посебна појава е тоа што многу лица со биометриски лични документи не биле во избирачките списоци, а најочигледни примери, како што рече, се лидерот на ДПА Мендух Тачи и пратеничката Мерале Ферати кои исто така денеска не можеле да гласаат.

ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во Македонска Каменица, Вевчани, Демир Капија и Дојран

Предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ.
Предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонска Каменица, Вевчани, Демир Капија и Дојран се општините во кои ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа уште во првиот круг на локалните избори што се одржаа денеска.

Како што изјави на прес-конференцијата во Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ директорот на Центарот за комуникации Илија Димовски според првично обработените податоци кои ги покажуваат тенденциите во однос на резултатите од гласањето дека нивниот кандидат во Битола води со 5.600 наспроти 3.700 гласови од кандидатот од опозицијата.

Во Росоман соодносот според освоените гласови во моментов е 2:1, општина Илинден, како што вели, очекувано водат со 3:1, и во Петровец нивниот кандидат за градоначалник води 2:1 во однос на кандидатот на опозицијата.

Јанкулоска - Денеска имавме најдобро организирани и најчисти избори

Mинистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Mинистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Локалните избори 2013 година се одвиваа во мирна, фер и демократска атмосфера. Не е регистриран ниту еден посериозен инцидент. Гласањето на избирачките места се одвиваше без проблеми и без нарушување на избирачкото право, оцени министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Според сите показатели со кои располага МВР, потенцира на прес-конференцијата министерката Јанкулоска, заедничка е оценката дека веројатно денеска имавме најдобро организирани и најчисти избори во независна Македонија. Сите заедно, нагласи таа, треба да бидеме горди на фактот што Република Македонија недвосмислено демонстрираше дека местото и е во ЕУ.

Во помалку од еден процент од избирачките места, според податоците на МВР, гласањето започнало со задоцнување, а на само 20 гласачки места имало помали прекини во времетраење до еден час. Задоцнувањата или кратките прекини, посочи Јанкулоска, се главно поради технички причини или поради поситни забелешки, но тоа генерално не влијае на избирачкиот процес.

„До МВР беа доставени неколку поплаки и претставки. По сите беше постапено веднаш и за разлика од сите претходни избори поднесени се вкупно три кривични пријави и две прекршочни, што дополнително говори за мирниот изборен ден“, појасни министерката Јанкулоска.

Таа потсети дека кривичен прогон е преземен против лице од Куманово за сторени кривични дела повреда на слободата на определување на избирачите и обид за спречување избори и гласање. Од СВР Куманово е поднесена уште една кривична пријава против кумановец за сторено кривично дело спречување на избори и гласање.

Изготвен е и записник за примање кривична пријава против засега непознати сторители за две кривични дела повреда на слободата на определување на избирачите и поткуп при избори и гласање.

На гласачкото место 2256 во Штип лице фотографирало гласачко ливче по што откако излегло фотографијата ја покажало на друго лице, а по документирање на случајот МВР ќе поднесе кривична и прекршочна пријава.

На подрачјето на полициската станица Гевгелија, информира министерката Јанкулоска, по претходна вербална расправија меѓу носител на листа на опозициската коалиција и член на политичка партија настанала расправија по што против нив ќе бидат преземени соодветни и законски мерки согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Во гласачкото место во селото Мирковци, скопско, жител на селото во алкохолизирана состојба недолично се однесувало и против него ќе биде поднесено барање за поднесување прекршочна пријава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG