Достапни линкови

Вести

ОН: Дачиќ и Тачи веруваат во успех на дијалогот

Премиерите на Србија и на Косово Ивица Дачиќ и Хашим Тачи на денешната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации изјавија дека сакаат да успее дијалогот меѓу двете страни што се води со посредство на Брисел. Сепак, Дачиќ прецизира дека Србија не била подготвена на двојни стандарди и понижувања и оти евентуалниот договор нема да значи и признавање на независноста на Косово. Тачи од своја страна додаде дека Приштина никогаш нема да дозволи на северот на Косово да се создаде нова Република Српска. Тој наведе дека очекува наскоро Косово да стане членка на Светската организација.

Платини во Скопје ја отвори Куќата на фудбалот

Претседателот на УЕФА Мишел Платини во разговор со претседателот на ФФМ Илчо Георгивески, Скопје 22.03.2013.
Претседателот на УЕФА Мишел Платини во разговор со претседателот на ФФМ Илчо Георгивески, Скопје 22.03.2013.
Претседателот на УЕФА Мишел Платини денеска во Скопје свечено ја отвори новата Куќа на фудбалот во Македонија. Тој притоа изјави дека бил среќен кога гледа како фудбалот добива подобри услови насекаде во Европа. „Пред четири години се видовме тука на камен темелникот на оваа Куќа на фудбалот и задоволен сум што сега ја гледам работата завршена. Навистина направивте одлична работа“, изјави Мишел Платини.

Курдските бунтовници добиле наредба за запирање на акциите

Командантот на вооруженото крило на Курдската работничка партија Мурат Карајалан денеска им наредил на неговите борци да ги запрат сите борбени активности против турските безбедносни сили, согласно вчерашниот повик на курдскиот лидер Абдула Оџалан за прекин на огнот и за разоружување на курдските бунтовници. Сепак, тој во обраќањето, како што јавуваат агенциите, не спомнал ништо за повлекување на курдските бунтовници од Турција. Оџалан вчера повика на прекин на огнот и повлекување од Турција, како дел од мировниот процес за ставање крај на тридеценискиот конфликт во кој досега загинаа околу 45.000 лица.

Одмрзнати односите меѓу Израел и Турција

Американскиот претседател Барак Обама во Јордан
Американскиот претседател Барак Обама во Јордан
Американскиот претседател Барак Обама изјави дека премиерите на Турција и на Израел Таип Реџеп Ердоган и Бенјамин Нетанјаху разговарале по телефон што го оцени како позитивен чекор за стабилноста во регионот. Од кабинетот на израелскиот премиер е соопштено дека притоа Нетанјаху му се извинил на Ердоган за инцидентот во 2010 година кога израелските сили убиле деветмина турски активисти кои со брод носеле хуманитарна помош за палестинците во Појасот Газа. Исто така е наведено дека со тоа се одмрзнуваат односите меѓу двете земји. Инаку, претседателот Обама денеска ја заврши посетата на Израел и допатува во Јордан на разговори со кралот Абдула.

Јанкулоска: без толеранција за нарушување на изборите

Гордана Јанкулоска
Гордана Јанкулоска
Републичкиот оперативен штаб на МВР ги заврши подготовките за обезбедување мирен, фер и демократски изборен процес, информираше на денешната прес конференција ресорната министерка Гордана Јанкулоска. „Уште еднаш би сакала да апелирам граѓаните и политичките партии да покажат висока свест и да не дозволат да бидат вовлечени во какви било изборни инциденти или нерегуларности. Нема да се толерира никаква узурпација или нарушување на изборниот процес“, рече Јанкулоска. Во рамки на подготовките за овие избори, МВР има изготвено мапа со места со зголемен ризик од тензии врз база на инцидентите регистрирани во претходните изборни циклуси и врз база на оперативните сознанија и информации.

Во Москва средба Путин - Џинпинг

Новиот кинески претседател Кси Џинпинг пристигна во Москва и се состана со неговиот домаќин преседателот Владимир Путин.
Тие ја нагласија важноста на нивните трговски односи и влијанието врз светските односи.
Фактот што Кси Џинпинг стана претседател на партијата минатиот ноември, а претседател минатата недела, и ја одбра Русија како прва странска земја што ќе ја посети, зборува за стртегиското партнерство меѓу двете земји, изјави Путин пред посетата на Џинпинг.

„Сојузот за иднината“ бара итна седница на ДИК

Коалицијата „Сојуз за иднината“ бара Државната изборна комисија да одржи вонредна седница за да утврди на кој начин, под кои услови и во која постапка лицата за кои опозицискиот блок се сомнева дека се неосновано внесени во Избирачкиот список добиле лични документи од надлежните органи и адресни податоци врз основа на кои се запишани во списокот. Се прецизира дека станува збор за упис на 13.869 ново запишани лица во Избирачкиот список, а кои, како што тврдат, не се стекнале со вакво право врз основа на стекнато полнолетство од 2011 до денес. Од коалицијата наведуваат дека утврдиле оти поголем број од тие лица се запишани на една иста адреса.

Ерменец со нож се обидел да влезе во Парламентот

Парламентот во Ереван
Парламентот во Ереван
Ерменец со нож се обидел да влезе во Парламентот во Ереван при што бил ранет од чуварите, јавија локалните медоиуми.
Истрагата за мотивите на овој човек е во тек.
Во 1999 група вооружени ерменци влегоа во Парламентот и ги убија премиерот Везген Саркисиан, парламентарниот спикер Карен Демиричиан, пет високи функционери и еден новинар.

Претседателот Иванов и ЕУ очекуваат фер и мирни избори

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов очекува локалните избори да поминат во најдобар ред и апелира сите учесници да придонесат тие да бидат фер и демократски.

Слободни и фер избори и гласање во услови на мирна и атмосфера без притисоци, е пораката и на Делегацијата на ЕУ за претстојните Локални избори во Македонија.

„Се надеваме дека сите граѓани ќе можат да го остварат своето демократско
право и да гласаат во услови на мирна и нормална атмосфера без никакви
притисоци. Слободни и фер избори се секако важни за ЕУ агендата, но пред се
важни се за сите граѓани во земјата, вклучувајќи ги и политичките партии,

истакнуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Локалните избори ќе се одржат во недела на 24 март.

Владата на Кипар со апел до Парламентот да ги усвои анти - банкрот мерките

 Nicosia, 22Mar2013
Nicosia, 22Mar2013
Владата на Кипар побара од Парламентот на Кипар денеска да ги изгласа новите привремени рестриктивни мерки за да биде избегнат финансиски колапс. Следните неколку часа се пресудни за иднината на земјата, изјави владиниот портпарол Христос Стлианидес.
Станува збор за мерки за контролата врз банките, формирање Инвестициски Солидарен Фонд, и за рестрикции на банкарските трансакции.
Процедурата за консолидација треба да му се спротивстави на ризикот од банкарски банкроти и да ги заштити сите гарантирани депозити на сума до 100.000 евра.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG