Достапни линкови

Вести

ВМРО-ДПМНЕ: Споменикот на Јакимовски е помал од владиниот

Во скопската населба Козле во општина Карпош денеска беше поставен споменик на народниот херој Кузман Јосифовски Питу. Општината соопшти дека споменикот е поставен во близина на местото на неговото погубување кое се случи на 25 февруари 1944. По поставувањето на споменикот кој што свечено ќе биде откриен на 25 февруари годинава, реагираше и владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во нивната писмена реакција е наведено дека споменикот е направен многу помал од оној што Владата и општина Центар ќе го постават.

„Со оглед на тоа што споменикот го почнаа многу подоцна од оној кој го најавија и го реализаираат Владата на Република Македонија и општина Центар, Стевчо Јакимовски побрза да го заврши овој споменик, пред Владата да постави ист таков во Центар за околу еден до два месеци од сега“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, за да стигне да го заврши еден месец пред Владата, чиј споменик е во завршна фаза на полирање, Стевчо Јакимовски споменикот во Карпош го направил многу помал од оној на Владата.


Протест во Авганистан поради егзекуција на Авганистанци во Иран

Стотици луѓе присуствуваа на погребот на десет мажи во североисточната авганистанска провинција Такхар. Станува збор за луѓе кои беа обесени во Иран поради обвинение за шверц со дрога. Дописникот на Радио Слободен Авганистан јавува дека ожалостените во Калафган марширале во знак на протест поради убиствата повикувајќи се на авганистанската влада и на Обединетите Нации повикувајќи да престане со убиствата на Авганистанците во Иран. Тие тврдат дека во последниве 6 месеци закопале тела на 80 луѓе кои биле егзекутирани во Иран. Стотици Авганистанци биле егзекутирани во Иран поради обвиненија за шверц на дрога под, како што јавуваат новинските агенции, сомнителни судски процеси.

Бериша му ветил на Вестервеле фер избори

Албанскиот премиер Сали Бериша на средбата со шефот на германската дипломатија Гвидо Вестервеле, вети дека ќе спроведе слободни и фер избори, јавуваат албанските медиуми. Што се однесува на критиките од САД и од земјите на ЕУ за употребата на националистичката реторика, Бериша ја потенцирал албанофобијата која, според него, постои во регионот.„ Зачленувањето на Западен Балкан во ЕУ е и останува значаен проект за земјите од регионот, како нивна најдобра и најбезбедна иднина“ изјавил Бериша. Како што јавуваат албанските медиуми, тој смета дека од исклучително значење е да се надминат сентименталностите и појавите на албанофобија, кои не само што не се во служба на мирот и соработката во регионот , туку не се во интерес и на неговата интеграција во ЕУ. Вестервеле вчера во Тиран изјави дека е важно емоциите и националистичките расположенија да бидат контролирани и третирани со голема одговорност и многу внимание. Тој им порача на албанските политички партии да избегнуваат да играат на националистичката карта на парламентарните избори, што се закажани на 23 јуни.

СДСМ бара одложување на локалните избори а ВМРО-ДПМНЕ не дава

Опозицијата ги прифаќа предлозите на претседателот и премиерот на државата за формирање на експертска комисија и ќе учествуваат на локалните избори кои треба да бидат одложени за 14 дена поради спроведувањето на предлозите на власта. Ова за Радио Слободна Европа го изјави потпретседателот на СДСМ Зоран Заев. Заев вели дека доколку на локалните избори коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ добие поддршка од граѓаните со еден глас повеќе на советничките листи во однос на коалицијата предводена од СДСМ тогаш нема да бараат предвремени парламентарни избори. Тој додава дека новиот предлог до власта го доставиле по писмото кое го добиле од еврокомесарот Штефан Филе во име на силната решеност за добра иднина на државата, политички дијалог и евроатлански перспективи.
Заев истакнува дека опозицијата го прифаќа предлогот на претседателот Ѓорѓи Иванов за конституирање на експертска комисија пред почетокот на изборната кампањата и предлогот на премиерот Никола Груевски заедно да го донесат изборниот законик со вградени препораки на ОБСЕ и ОДИХР и да испратат заедно позитивна порака до меѓународната зедница.
На ова реагираше владеачката партија ВМРО ДПМНЕ која порача дека „Нема одложување на терминот за локалните избори, ниту можност за каков било политички дијалог за предвремени парламентарни избори ниту постои можност за прифаќање на какви било уцени од страна на СДСМ.“
Во писмената реакција е наведено дека „За сите други идеи за надминување на кризата создадена од СДСМ, а планирана од нивна страна уште од јуни, во кои не се содржани овие две точки, ВМРО-ДПМНЕ внимателно ќе ги анализира и ќе се произнесе.“

Морси размислува за промена на датумот на изборите

Египетската влада размислува за промена на датумот за престојните парламентарни избори по барањето на коптските христијани во земјата. Претседателот на Горниот дом на Парламентот Ахмед Фами изјави пред пратениците дека претседателот Мухамед Морси одговорил на барањето и наскоро ќе го соопшти новиот датум за изборите. Но тој не објасни ни кога ќе биде соопштен датумот ни за колку време ќе биде одложувањето на изборите. Причините за барањето за промена на датумот за оддржување на парламентаните избори е поклопувањето на четвртиот круг на изборите со велигденскиот празник според коптскиот календар. Станува збор за датумите 27 април и 5 мај. Во меѓувреме лидерот на опозицијата Мухамед ел Барадеј повика на бојкот на гласањето.

Денеска се очекуваат последните резултати за млекото

Александар Ѓорѓиев, портпарол на македонската Влада
Александар Ѓорѓиев, портпарол на македонската Влада
Надлежните институции ревносно постапуваат со контролата на млекото и млечни производи од увоз и произведените во Македонија, изјави денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. Тој истакна дека прелиминарните податоци покажале оти сите производи кои се во промет ги исполнуваат стандарите, односно дека нема опасност за граѓаните. Но во текот на денов треба да бидат готови и резултатите од дополнителните истражувања и по нивното објавување граѓаните ќе знаат дали има опасност или не да купуваат некој производ од млеко, објасни Ѓорѓиев. Што се однесува на увезените производи Ѓорѓиев изјави дека Агенцијата за храна и ветеринарство веќе информираше дека ќе бидат уништени количините кај кои е забележано одредено отстапување од стандардите и дека ниту еден од нив не е ставен во промет во Македонија.

Снежно невреме во Хрватска

Снежно невреме синоќа и утрово ги зафати западните и централните делови на Хрватска, па снег падна и на крајбрежјето и на островите. Во Риека паднаа 17 сантиметри снег, што значително го отежна одвивањето на сообраќајот, додека во Загреб се измерени 25 сантиметри снег. На повеќето патни правци прогласени се зимски услови, односно забранет е сообраќај за камиони со приколки и шлепери со полуприколки, додека останатите возила мора да поседуваат зимска опрема.

Санино:Дијалогот Белград- Приштина тргна во позитивна насока

Директорот на Директоратот за проширување на Европската Унија, Стефано Санино по последната рунда преговори меѓу Белград и Приштина во Брисел изјави дека „работите тргнаа во позитивна насока“ и дека последните разговори поминале „многу добро“. Тој на прес конференцијата по семинарот на Регионалната академија за демократија во Белград изјави дека целото внимание сега паѓа врз Србија и можноста годинава ЕУ да ги започне преговорите со Србија.
Санино истакна дека во јуни ќе се донесе формална одлука која ќе биде базирана на извештајот на Европската Комисија за напредок на Србија што ќе биде објавен во април. Тој додаде дека е важно властите да имаат во предвид дека има јасна потреба да се види дека во следниве неколку недели „нешто конкретно се случува“, но постои ризик дека постигнат договор во последен момент во април може да остави простор за сомнеж кај членките на ЕУ.

Германски и холандски министри во инспекција во Турција

Министерот за одбрана на Германија и на Холандија Томас де Мезиер и Јеанине Хенис-Пласхарт се во посета на Турција. Тие заедно со туркиот министер за одбрана Исмет Јилмаз беа во инспекција на ракетите „Патриот“ лоцирани во Адана. Ракетите се распоредени од НАТО за одбрана на Турција од евентуален напад од страна на Сирија. Дел од ракетите во Адана се испратени од Германија и од Холандија и за нив се задолжени војници од овие држави.

Иранската револуционерна гарда започна воени игри

Иранската револуционерна гарда стартуваше воена вежба на јужниот дел на земјата. Државните медиуми во Иран јавуват дека тридневната воена вежба околу градот Сирјан има за цел да ја подобри борбената готовност на Револуционерната Гарда. На снимките кои беа емитуваани беа покажани артилерија и тенкови поставени за напад на хипотетички непријателски позиции. Техеран ги прошири воените маневри по зголемувањето на меѓународните тензии поради контроверзната нуклеарна програма.
Израелските власти во неколку ситуации посочија дека тие би можеле да извршат воени напади за да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје.
Како одговор на ваквите коментари ирански воени претставници предупредиле дека тие би можеле да ги распоредата ракетите со долг дострел со кои би можеле да го погодат Израел, јавуваат странските новински агенции.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG