Достапни линкови

Вести

Пакистан-властите загрижени за преговорите со талибанците

Хакимулах Мехсуд
Хакимулах Мехсуд
Пакистанското министерство за внатрешни работи соопшти дека убиството на талибанскиот лидер во земјата Хакимулах Мехсуд ќе влијае на мировните преговори на властите со талибанците.
Според нив, секој аспект на соработката на Пакистан со Вашингтон ќе биде разгледан по американскиот беспилотен напад во кој загина Мехсуд.
Во меѓувреме талибанците го избраа Кан Саид за нов лидер.

Шеќеринска-вилата во Маврово е изградена пред да стапам во брак

Радмила Шеќеринска
Радмила Шеќеринска
Изгледа во четвртокот навистина допревме болна точка на која владејачката партија и премиерот немаат одговор. Затоа, денеска ја откриваат Америка и после 10 мои изјави и соопштуваат триумфално на македонската јавност дека сум одела, замислете во семејната вила во Маврово. Ако е и од ВМРО-ДПМНЕ, многу е, изјави потпретседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска по наводите на владејачката партија дека таа поседува вила во Маврово.
Според неа, обвинувањата се со цел да се создадат нови нови лаги, манипулации, напади и навреди коишто ќе го скријат фактот дека премиерот не можеше да каже ниту еден збор за дуплираниот имот на својот директор на тајната полиција и братучед.
Се прашувам, рече Шеќеринска, за што ќе бидам обвинета во деновиве кои проаѓаат. Дали ќе бидам обвинета и за ниската откупна цена на јаболката, дали ќе бидам обвинета за падот на Вол стрит, дали ќе бидам обвинета и за убиството на Кенеди, можеби?
Шеќеринска порача дека вилата во Маврово била изградена пред таа да стапи во брак и дека нема што да крие. Според неа, интересен е начинот каква математика и какви множења и делења применува ВМРО-ДПМНЕ кога зборува за другите, а каква математика применува за своите.

СДСМ бара кандидат за претседател на Македонија

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев
Претседателот на СДСМ Зоран Заев за време на посетата на Струга изјави дека партијата повеќе од еден месец е интензивно посветена на изнаоѓање вистинска личност за кандидат за претседател на државата. Според него, очекуваат кандидат Македонец кој ќе биде прифатлив за граѓаните Албанци, граѓаните Турци и граѓаните од ромска, влашка и друга национална припадност.
Тој порача дека е задоволен и од ставот на членовите на неговата партија во Струга кои поддржуваат кандидат за претседател на државата да биде личност која ќе гарантира извршување на претседателската функција без разлика на етничката, верската или каква било друга припадност.

Нападнат кандидат за градоначалник на Косовска Митровица

Крстимир Пантиќ
Крстимир Пантиќ
Кандидатот за градоначалник на Косовска Митровица од Граѓанската иницијатива „Српска“, Крстимир Пантиќ бил нападнат синоќа од страна на двајца маскирани мажи. Тој денеска изјави дека целта на нападот била негова ликвидација и изрази надеж дека тоа ќе биде последен политички мотивиран напад врз Срби во Митровица. Според него, организаторите на нападот се партиите кои два месеца заговараат бојкот на локалните избори на Косово, кои ќе се одржат утре.
Српскиот министер без ресор задолжен за Косово и Метохија, Александар Вулин го осуди нападот врз Пантиќ и нагласи дека тоа е кукавачки чин.

Попоски-поддршка од Паневропската унија за Македонија во ЕУ

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски оцени денеска дека Паневропската унија целосно ги поддржува македонските стратешки цели. Во рамки на денешната меѓународна конференција „Европа меѓу вредностите и предизвиците“, Поспоски истакна дека во изминатите години европската идеја е соочена со економски потешкотии и процесот на проширувањето не ја има посакуваната динамика.
Според него, не е случајно што ЕК пет години по ред вели дека Македонија е целосно подготвена да ги почне преговорите и што Советот не може да постигне консензус поради противењето од една земја членка која, како што рече, сака да наметне определено решение надвор од меѓународно-правната рамка.

Јахјага-изборите тест за политичката зрелост на Косово

Косовскиот претседател Атифете Јахјага
Косовскиот претседател Атифете Јахјага
Косовскиот претседател Атифете Јахјага изјави дека утрешните локални избори ќе бидат тест за политичката зрелост на земјата, која се обидува да воспостави поблиски односи со ЕУ. Според неа, учеството на Србите на изборите за прв пат од независноста на Косово во 2008 година ќе помогне за нивна интеграција во општеството. На одѕивот на Србите на изборите во Косово се гледа како на важен чекор на патот на Србија кон членство во ЕУ.

Зголемени безбедносни мерки за маратонот во Њујорк

Њујорк
Њујорк
Властите на Њујорк соопштија дека преземаат дополнителни безбедносни мерки пред одржувањето на утрешниот маратон за да бидат спречни напади, како оној на бостонскиот маратон на почетокот на годинава. Илјадинци полицајци, нуркачи, хеликоптери, кучиња кои детектираат бомби и камери за набљудување ќе бидат обезбедени за трката да помине во најдобар ред. Во нападот на бостонскиот маратон загинаа три лица, а 264 беа повредени.

ВМРО ДПМНЕ-Шеќеринска поседува и вила во Маврово

Радмила Шеќеринска
Радмила Шеќеринска
ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во анкетниот лист не го навела целиот имот кој го поседува со својот сопруг. Од партијата информираат дека покрај становите, Шеќеринска и нејзиниот сопруг поседуваат вила на два спрата со вкупна површина од околу 200 м2 и двор од 347 м2 во Маврово. Светлана Јакимовска од ВМРО ДПМНЕ изјави дека вкупната вредност на имотот е околу 154.700 евра и дека вилата е градена во 2003 година кога Шекеринска била потпретседател на Владата. Куќата, според неа, е пријавена како имот на мајката на сопругот.
Јакимовска порача дека е очигледно оти семејството на Шеќеринска поседува недвижен имот во вредност од околу 650.000 евра и ја повика да објасни од каде со нејзиниот сопруг имаат толкави примања за да може во рекордно време да стекнат толкав имот.

Иванишвили именува близок соработник за премиер на Грузија

Иракли Гарибашвили
Иракли Гарибашвили
Грузискиот премиер Бидзина Иванишвили го предложи неговиот близок соработник министерот за внатрешни работи Иракли Гарибашвили да го наследи на функцијата. Тој го именуваше Гарибашвили по консултациите со членовите на неговата влада и на неговата партија. Иванишвили изјави дека ќе се повлече кога Георги Маргвелашвили ќе стапи на претседателската функција на 17 ноември.

Русија и Јапонија со зголемена соработка во одбраната

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров
Русија и Јапонија постигнаа договор за одржување заеднички воени и анти-пиратски вежби и за воспоставување рамка за одбрамбена соработка. Договорот беше постигнат на средбата на министрите за надворешни работи и одбрана на двете земји во Токио. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека средбата претставува нова фаза во односите меѓу Русија и Јапонија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG