Вести
Груевски: владин акциски план за препораките на ЕК
Позитивниот извештај за напредокот на Македонија и обновената петта по ред препорака за почеток на преговорите со Европската комисија претставуваат позитивен момент за државата. Ова, како што соопшти прес службата на македонската влада, го оцениле премиерот Никола Груевски и известувачот во Европскиот Парламент Ричард Ховит на нивната денешна средба во Скопје. Груевски го информирал Ховит дека со цел продолжување на реформите за натамошен напредок и надминување на предизвиците кои се дефинирани во последниот извештај, владата ќе состави акциски план што ќе се спроведува во текот на следните 12 месеци. Европратеникот Ховит изрази надеж дека конечното пристапување на Македонија позитивно ќе влијае за развој на државата и регионот.
Медведев: нема веќе „гас комунизам“
Рускиот премиер Дмитри Медведев денеска изјави дека на сите граѓани кои не ги плаќаат сметките ќе им биде прекинато снабдувањето со гас. Според последните пресметки, граѓаните и должат на компанијата „Газпром“ над 3 милијарди долари. „Времето на „гас комунизам“ мора да запре“, рекол Медведев кој како можна мерка предложил авансно плаќање на сметките за гас.
Сирија: Асад го смени заменик премиерот
Сирискиот претседател Башар ал Асад го смени заменик премиерот Кадри Џамил кој наводно во текот на изминатиот викенд имал средба со американски претставници. Во образложението се наведува дека тој недоволно соработувал со другите членови на сириската влада. Џамил деновиве во Женева се сретнал со американнски претставници за можноста за одржување мировна конференција за Сирија.
Отворен тунелот под Босфор
Во Истанбул денеска свечено беше отворен историскиот железнички тунел кој ги поврзува европскиот и азискиот дел на градот. На церемонијата присуствуваа претседателот Абдула Ѓул и премиерот Реџеп Таип Ердоган. Станува збор за тунел долг над 13 ипол километри, од кои километар ипол под Босфорот. Се очекува низ тунелот дневно да минуваат по милион ипол патници. Првата идеја за ваков тунел се појави уште пред 150 години.
Ставрески: Проектите на Сахара груп по утврдената динамика
„Најавените проекти на Субрата Рој во Македонија одат според планираното“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во врска со последната одлука на индискиот суд да му забрани на Субрата Рој да ја напушти Индија. „За нас е најважно што се оди според планираното во реализацијата на поректите што Сахара груп ги има во Македонија во делот на Џумајлија каде што имаат купено земјиште и се одвиваат инвестициски и други активности. Таму има стрикни рокови до кога треба да се заврши и тоа е она што го следиме. Се друго е прашање на Индија“, рече Ставрески.
Против Навални нови обвинувања за перење пари
Гласниот критичар на Кремљ Алексеј Навални се соочува со нови обвинувања за проневера и за перење пари во случај со рускиот огранок на коземетичкиот гигант „Ив Рошер“. Според рускиот истражен комитет, Навални и неговиот брат украле околу 816 милиони долари. Навални ваквите обвинувања ги нарече абсурдни.
Грција шпионирала американски амбасадори
Грчките разузнавачки служби ги прислушувале телефонските разговори на американските амбасадори во Атина и Анкара во деведесетите години од минатиот век. Ова денеска го изјави поранешниот шеф на грчката дипломатија Теодорос Пангалос. Тој додаде дека тоа следење не траело долго и оти притоа не биле извлечени некои корисни податоци. Пангалос беше министер за надворешни работи на Грција од 1996 до 1999 година.
Израел повторно во Советот на ОН за човекови права
Претставници на Израел по скоро една година денеска повторно се појавија во Советот на ОН за човекови права. Израел ги прекина односите со овој совет по намерата на тоа тело да покрене истрага за еврејските населби на Западниот брег. Израел го обвинува Советот за човекови права дека бил негативно настроен спрема сите израелски акции.
Во Пакистан убиени седуммина луѓе
Непознати напаѓачи денеска во југозападниот дел на Пакистан убиле провладин племенски лидер и уште шестмина членови на неговото семејство. Се прецизира дека до нападот дошло во провинцијата Балочистан и оти напаѓачите успеале веднаш да избегаат. Засега никој не ја презеде одговорноста, но овој регион е познат по зачестеното наислство меѓу муслиманските суните и шиити.
Ховит се сретна со претставници на ЗНМ
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит денеска се сретна со претставници на Здружението на новинари на Македонија. Новинарите изразија загриженост за случајот со новинарот Томислав Кежаровски, кој е осуден на казна затвор од 4 и пол години за објавен текст во 2008 година. На средбата, од ЗНМ истакнале дека најдобро времено решение за Кежаровски е да му се даде можност да се брани од слобода додека не заврши судската постапка. Разговарано било и за медиумските закони кои се во последно читање во Собранието. За нив претставниците на ЗНМ сметаат дека најдобро решение е тие да бидат повлечени со цел да се вградат забелешките на Европската комисија.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете