Достапни линкови

Вести

Дачиќ:Заедничка српска општина е единствен начин за Србите

Премиерот на Србија Ивица Дачиќ денеска изјави дека формирањето на Заедничка српска општина по локалните избори на Косово е единствен начин да се одржи легалната, меѓународно призната, врска меѓу Белград и Србите на Косово. Тој ова го кажа во Белград по положувањето венец на спомен обележјето на осободителите на Белград.
Дачиќ пред новинарите изјави дека учеството на Србите на изборите на Косово, засега претставува единствениот начин да се одржи таа врска. Тој оцени дека нападите врз кандидатот на српската листа на Косово се поврзани со притисоците да не се излезе на изборите.

Повеќе од 30 загинати во напад во Сирија

Повеќе од 30 лица се убиени во денешниот самоубиствен бомбашки напад во Сирија. Експлозијата одекнала на контролен пункт во Хама. Најголем дел од жртвите се цивили. Се очекува бројот на загинати да се зголемува бидејќи во експлозијата се повредени и многу цивили, од кои некои се во критична состојба.Од нападот се оштетени и десетици автомобили,како и неколку домови и продавници.Сириските државни медиуми за нападот ги обвинија терористите.Тие овој термин го користат за бунтовничките сили кои се борат против режимот на претседателот Башар Ал Асад.

Канческа Милевска утре ќе поднесе кривична пријава против Шилегов

Минстерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска изјави дека утре ќе биде поднесена кривична пријава против портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, по обвинувањата од СДСМ за стариот театар. Јас и преку соопштение вчера до медиумите и денеска лично ќе кажам – доколку смета СДСМ дека нешто е прекршено и е работено надвор од законот, мислам дека конечно дојде време да не се кријат зад параванот како што кажаа усна кривична пријава, како што секојдневно ја известуваат лажно јавноста со најразлични документи кои не се точни, а тоа и вчера го видовме, рече министерката за култура.
Портаролот на СДСМ Шилегов вчера на прес-конференција изјави дека објектот „Стар театар“ за кој првично беше најавено дека ќе чини шест милиони евра, заедно со сите анекс договори граѓаните ги чини 39 милиони евра.

Нов бран насилства во Ирак

Ирачки официјални претставници соопштија дека во серијата напади биле убиени повеќе од 12 луѓе во повеќе градови низ земјата. Најфаталниот напад се случил во градот Рава, во провинцијата Анбар, каде милитантите нападнале контролен пункт, полициска станица и владина зграда. Во овој напад загинале осум лица.
Во меѓувреме,полицијата соопшти дека биле убиени три лица во напад на бомбаш самубиец ,100 километри северно од Багдад. Во Багдад едно лице загинало, а девет биле повредени во експлозија на бомба поставена покрај патот.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите, но за слични насилства во минатото беа обвинувани милитантите поврзани со Ал Каеда.

Вонредна состојба во Австралија поради пожарите

Во источниот дел на Австралија е прогласена вонредна состојба, по предупредувањата дека со влошување на временските услови дополнително се зголемува опасноста од ширење на огнените стихии. Австралиските пожарникарски служби вчера излегоа со предупредување дека делови од Нов Јужен Велс се соочуваат со опасност од ескалација на состојбата.
Од службите потенцираа дека со натамошното зголемување на температурите и засилувањето на ветерот во наредните денови дополнително ќе се зголеми опасноста. Во Сините планини, западно од Сиднеј, една од областите што е најпогодена од огнената стихија, пожарот уништи над 100 куќи, а уште толку се оштетени.

Голем интерес за вработување во полицијата

На конкурсот за прием на 400 нови полициски службеници распишан пред десетина дена, се пријавиле вкупно 5.491 кандидати. На конкурсот се пријавиле 820 женски кандидатки од кои 87 отсто се Македонки, 4,5 отсто се Албанки, 2,5 отсто Србинки, околу 1,8 отсто од ромска националност. Најголем одѕив имало во Скопје каде конкурирале 1484 кандидати или 27 отсто од вкупниот број на кандидати, а потоа следуваат Битола, Куманово и Тетово.
Министерката Гордана Јанкуловска на денешната прес конференција изјави дека Комисијата која што ќе ја реализира селекцијата е формирана и наскоро кандидатите ќе бидат информирани за агендата на полагањето на физичките, општообразовните и психолошките тестови.

Подгорица-ЛГБТ активистите успешно евакуирани

Учесниците на црногорската парада на гордоста денеска успешно се евакуирани, но за време на парадата и потоа имаше судири меѓу полицијата и противниците на парадата, така што полицијата интервенираше на повеќе места во градот. Агенциите кои се повикуваат на полициски извори јавија дека ЛГБТ активистите со полициски коли биле евакуирани на непозната локација. Полицијата употреби солзавец кај зградата на Американската амбасада во Подгорица и во текот на парадата и потоа имаше повеќе судири со противниците на одржувањето на првата црногорска парада.
Министерот за човекови и малцински права Суад Мановиќ оцени дека со мирното собирање Црна Гора покажала дека ги гарантира слободата и собирањата без оглед на различноста.
Активистите на ЛГБТ заедницата највија дека следната парада на гордоста треба да биде во јуни. Учесниците ги поздравија и активисти на ЛГБТ од Белград и потсетија дека такво нешто не беше возможно да се одржи во Белград.

Почина Јованка Броз

Вдовицата на поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, Јованка Броз почина денеска во 11:45 минути по локално време во Белград, изјави директорот на Ургентниот центар, Златибор Лончар. Осумдесет и девет годишната Јованка Броз во Ургентниот центар беше примена на 23 август во тешка здравствена состојба.
Таа е родена во 1924 година, а во 1952 година се омажила за Јосип Броз Тито со кого живееше до неговата смрт во 1980 година.
Јованка Броз изминатите години живееше во скромни услови во белградската населба Дедиње.

Арапска Лига: Конференцијата за Сирија на 23 ноември

Генералниот секретар на Арапската Лига Набил eл Араби денеска изјави дека Меѓународната конференција за Сирија, на која треба да се состанат претставници на сирискиот режим и опозицијата, со учество на претставници на светските сили, ќе се одржи на 23 ноември во Женева.
По средбата во Каиро со пратеникот на ОН за Сирија Лакдар Брахими, Араби изјави дека подготовките за оваа конференција се во тек. Брахими изјави дека планира да ги посети Катар, Турција, Иран и Сирија и да има разговори со американските и руските претставници, со цел конференцијата да биде успешна.
Одржувањето на конференцијата неколку пати е одложувано поради несогласувањето околу целите. Сирискиот режим не се согласува со привремено заминување од власт на претседателот Башар Ал Асад, а опозицијата отфрла транзиција што би вклучила негово останување на власт.

Иран: претседателот предложи тројца нови министри

Иранските медиуми јавија дека Претседателот Хасан Рохани номинирал тројца кандидати за состав на владиниот кабинет. Тие треба да дојдат на местото на кандидатите чии номинации претходно беа одбиени од Парламентот. Предложените кандидати треба да раководат со Минстерствата за наука и технологија, спорт и млади и за образование.
За кусо време по инаугурацијата на Рохани во август, пратениците во Парламентот го критикуваа неговиот предлог за состав на новиот кабинет, поради сомневања дека некои од кандидатите се блиски со опозицијата. Парламентот тогаш одби три од 18- те номинирани кандидати. Парламентот треба да дебатира за новите предлози наредната недела.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG