Достапни линкови

Вести

Повеќе од 30 лица починаа од домашна ракија во Индија

Најмалку 37 лица починаа од труење со алкохол од домашно производство во северната индиска сојузна држава Утар Прадеш. Жртвите се жители на неколку села од округот Азамгарх.
Во многу продавници во Индија може да се набави алкохол од домашно производство со сомнителен квалитет. Лани во декември во индиската држава Западен Бенгал од труење со алкохол починаа над 100 лица.

Оланд: ромското девојче може да се врати во Франција, но без семејството

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека 15- годишното ромско девојче кое беше депортирано од Франција може да се врати и да продолжи со нејзиното школување во таа земја. Но тој додаде дека нејзиното семејство не може да се врати во Франција.
Леонарда Дибрани на 9 октомври беше приведена од француската полиција за да ја депортираат заедно со членовите на нејзиното семејство на Косово како илегални имигранти. Случајот предизвика многубројни критики, а илјадници средношколци со протести ја поддржаа нивната врсничка.

Берлускони доби двегодишна забрана за вршење јавна функција

Апелацискиот суд во Милано денеска му одреди двегодишна забрана за вршење јавна функција на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони. Берлускони може да се жали на оваа одлука која мора да ја одобри Сенатот, каде што Берлускони има мандат. Ваквата одлука е донесена врз основа на пресудата со која Берлускони е прогласен за виновен поради даночни затајувања и измами.

Самоубиствен бомбашки напад во Сомалија

Локалните власти соопштија дека во напад на бомбаш самубиец во централниот дел на африканската држава Сомалија загинале најмалку 12 лица, а 11 биле повредени. Експлозијата одекнала кога бомбашот самоубиец влегол во ресторан во градот Беледвејне. Овој град е под контрола на владата и во него се распоредени африкански мировници.
Исламските милитанти кои се поврзани со Ал Каеда ја презедоа одговорноста за нападот. Нивната организација и минатиот месец ја презеде одговорноста за нападот во трговскиот центар во Најроби, Кенија.

Ден пред парадата во Подгорица нападнат активист на ЛГБТ заедницата

Истакнат член на ЛГБТ заедницата вербално и физички бил нападнат денеска пред зградата во која живее во Подгорица, ден пред одржување на Парадата на гордоста во главниот град на Црна Гора. Случајот е пријавен во полиција. Во соопштението се наведува дека тројца момчиња на возраст од околу 20 години го навредувале активистот додека минувал преку улица, а потоа тој силно бил удрен во пределот на телото.
Во неколкуте последни инциденти напаѓачи врз припадниците на Геј заедицата се малолетници. Парадата на гордоста е означена како еден од најризичните собири во последната деценија. Утрешниот собир ќе го обзебедуваат околу 2000 полицајци.

Авганистан – Парламентот ќе дискутира во ноември за договорот со САД

Официјални претставници на Авганистан соопштија дека во ноември Парламентот ќе дискутира за безбедносниот договор меѓу Кабул и Вашингтон. Претходно овој месец авганистанскиот претседател Хамид Карзаи и американскиот државен секретар Џон Кери изјавија дека е постигнат парцијален договор, но дека остануваат разликите. Кери кажа дека двете страни остануваат со поделени ставови околу тоа дали треба да имаат имунитет американските војници, кои остануваат во Авганистан по повлекувањето на странските трупи во 2014. Ова го бара Вашингтон, но Кабул се спротивставува.

СДСМ: За Стариот театар се потрошени 39 милиони евра

СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека објектот „Стар театар“ за кој првично беше најавено дека ќе чини шест милиони евра, заедно со сите анекс договори граѓаните ги чини 39 милиони евра.
Според податоците достапни од Бирото за јавни набавки, за овој објект, освен основниот договор склучени се дополнителни 40 договори, или анекс на договор во вредност од над 33 милиони евра. Ако се погледне за што се склучени овие 40 договори и анекси, испаѓа дека власта сакала да прави театар ама не предвидела во тој театар да има мебел, ентериерна опрема, осветлување, завеси за сценскиот простор, градежно- занаетчиски работи, хидротехнички работи..., рече портпаролот на СДСМ Петре Шилегов на денешната прес-конференција.
Тој побара од минситерката за култура Елизабета Канческа-Милевска да одговори зошто е тоа така.

Дачиќ во Грачаница: Србија сака да ја пренесе пораката за мир

.
.
Премиерот на Србија Ивица Дачиќ денеска пристигна во Грачаница каде што во истоимениот манастир беше пречекан од владиката рашко-призренски Теодосиј. Дачиќ пред новинарите изјави дека Србија сака да ја пренесе пораката за мир, заеднички живот и дека Србија се грижи за своите граѓани. Премиерот на Србија пред манастирот беше пречекан од голем број граѓани. На прашање на новинарите дали ќе учествува на денешниот митинг на Граѓанската иницијатива Српска во Грачаница, Дачиќ рече дека не е негова работа да учествува на партиски митинзи, но додаде дека е јасно што поддржува Србија.

Повторно тендер за Чебрен и Галиште

Владата наскоро ќе го објави 10-от тендер за реализација на проектот за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште на Црна Река. Условите на новиот јавен повик за реализација на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река, познат како ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, се на некој начин балансирани помеѓу потребите на државата и барањата на идните концесионери, рече министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на денешната прес-конференција во Владата.Тој посочи дека во новиот тендер не е предвидена изградбата на ХЕЦ Галиште, но се остава можност да се гради во иднина ако државата одлучи така.
Неговиот ресор, како што рече Адеми, предложил Владата да ги измени условите на новиот тендер, а Владата тоа го прифатила на последната седница.

Австралија се бори со пожари

Пожарникарите во Нов Јужен Велс и денеска се борат со пожарите кои се меѓу најголемите што било кога ја погодиле оваа најнаселена австралиска држава. Се очекува со натамошното зголемување на температурите и засилувањето на ветерот во наредните денови дополнително да се зголеми опасноста. Во Сините планини, западно од Сиднеј, една од областите што е најпогодена од огнената стихија, пожарот во четвртокот уништил 193 куќи, а уште толку се оштетени.
Моментално во Австралија горат 68 пожари од кои 22 се вон контрола.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG