Достапни линкови

Вести

Груевски: Обновената препорака - признание за остварените резултати

Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски.
Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски.
Обновената препорака на ЕК за почеток на пристапни преговори претставува признание за остварените резултати во изминатата година и очекуваме дека и земјите членки во Советот на ЕУ ќе се раководат од овие аргументи и во декември, ќе донесат одлука за почеток на преговорите, изјави вечерва премиерот Никола Груевски на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Аиво Орав кој му го предаде Извештајот на ЕК за напредок на земјата за 2013 година.

„Се согласуваме со констатација на Комисијата дека почетокот на преговорите не само што ќе го забрза консолидирањето на реформите и ќе ја зајакне меѓуетничката кохезија туку и ќе го зачува кредибилитетот на проширувањето на Унијата“, рече Груевски.

Во однос на грчко-македонски разлики околу името тој повтори дека Македонија сака што поскоро да се реши спорот и оти патот до решение е преку владеење на правото и почитување на меѓународната правна рамка дефинирана од ОН и Меѓународниот суд на правдата.

„Сакаме да имаме проактивен и интензивен процес на највисоко политичко ниво. Одлагањето на решавањето на ова прашање не е од корист за никого“, изјави премиерот.

Груевски вели дека отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Македонија може да придонесе за унапредување на односите меѓу двете земји и надминување на разликите.

Тој изјави дека Извештајот темелно ќе биде разгледан, а препораките ќе претставуваат патоказ за идните активности на Владата во пристапниот процес.

Инспекторите посетиле 11 места со хемиско оружје во Сирија

Организацијата за забрана на хемиското оружје денеска соопшти дека тимот инспектори посетиле 11 места што сириската влада ги посочила како дел од нејзиниот хемиски арсенал. Притоа, како што се додава, инспекторите уништиле важна опрема на шест места. Сириското хемиско оружје треба целосно да биде уништено до средината на идната година, откако Сирија се согласи на тоа по заканите на Соединетите држави за воени удари врз таа земја.

Амбасадорите на ЕУ и САД ја посетија Тимошенко

Амбасадорите на Соединетите држави и на Европската Унија во Украина Џефри Пијат и Јан Томбински
Амбасадорите на Соединетите држави и на Европската Унија во Украина Џефри Пијат и Јан Томбински
Амбасадорите на Соединетите држави и на Европската Унија во Украина Џефри Пијат и Јан Томбински ја посетија затворената експремиерка Јулија Тимошенко во болница во Харкив каде што е на третман од болки во грбот. Тимошенко е осудена на седум години затвор поради злоупотреба на нејзината функција. Европската унија смета дека станува збор за политички мотивирана казна и со нејзино ослободување го услови потпишувањето на договорот за асоцијација со Украина.

САД: лидерите на Сенатот со договор за избегнување банкрот

Лидерите во американскиот Сенат, демократот Хари Рид и републиканецот Мич Меконел, како што е соопштено во Сенатот, постигнале договор за одбегнување на евентуалниот банкрот на Соединетите држави и за крај на делумната блокада на владата која трае веќе 16 дена. Американското министерство за финансии соопшти дека договорот за финансирање на владата и за зголемување на лимитот на нејзиното задолжување се неопходни пред 17 октомври со цел да се спречи банкротот на земјата.

Попоски: очекуваме одлука за старт на преговорите

министерот за надворешни работи Никола Попоски
министерот за надворешни работи Никола Попоски
„Цениме дека и овој пат Европската комисија изложи мноштво резултати, факти и аргументи за донесување на позитивна одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија на претстојниот декемвриски Самит“. Ова го истакнува министерот за надворешни работи Никола Попоски во пишаната изјава до медиумите, по објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија. Според него отворањето на пристапните преговори може само да придонесе за унапредување на грчко македонските односи и за надминување на разликите. „По петгодишно исполнување на критериумите од македонска страна, попречувањето е сериозен предизвик за кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ. Ќе работиме заедно со сите наши европски партнери да поддржиме кредибилен европски проект за мир и просперитет во регионот“, оценува министерот за надворешни работи Попоски.

Хрватска не ја повлекува на тужбата против Србија

Томислав Николиќ и Иво Јосиповиќ, Белград, 16.10.2013.
Томислав Николиќ и Иво Јосиповиќ, Белград, 16.10.2013.
Хрватска се откажа од намерата за повлекување на тужбата за геноцид поднесена против Србија пред Судот во Хаг. Ова денеска го изјави српскиот претседател Томислав Николиќ по средбата со хрватскиот колега Иво Јосиповиќ во Белград. Николиќ оцени дека тоа не е добро решение. „Никогаш не може да се каже дека добри пријатели се оние кои се судат. Во овие три недели, колку што ќе трае процесот, меѓусебно ќе се навредуваме и ќе зборуваме што е можно најлошо едни за други“, рече Николиќ, додавајќи дека двете земји треба да направат напори и да разговараат за решавање на проблемите.

Ховит: изгубивме премногу време

Ричард Ховит
Ричард Ховит
„Изгубивме премногу време. Реално самата земја е вратена на позицијата од декември лани. Нашата заедничка задача е да ги оживееме надежите за прогрес кои тогаш постоеја. Во годината кога го славиме влегувањето на Хрватска и во која Албнија ќе добие кандидатски статус, мора да го сфатиме влијанието што би се почувствувало во Скопје доколку земјата повторно биде оставена на чекање, иако има најдолг кандидатски статус“. Ова го изјави британскиот европратеник Ричард Ховит во врска со новиот извештај на Европската комисија за Македонија и обновената препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ховит смета дека претстојното грчко претседателство со Унијата треба да биде нов политички инпут за решавање на долгогодишниот спор за името меѓу Атина и Скопје.

Орав: Извештајот на ЕК, добра вест за Македонија

Аиво Орав
Аиво Орав
Петтата по ред препорака за почнување на преговорите за пристапување кон ЕУ е добра вест за Македонија, оцени денеска во Скопје амбасадорот на ЕУ Аиво Орав непосредно по конференцијата за печат на еврокомесарот Штефан Филе во Брисел на која беше презентиран Извештајот за напредокот на земјите кандидати за членство и земјите аспиранти. Посочувајќи ги забелешките во годинaшниот извештај тој изрзаи надеж дека до декември кога треба да се одржи Самитот на Советот на ЕУ тие ќе бидат земени предвид од сите чинители во земјата.

Разговори за името на 24 и 25 октомври во Њујорк

илустрација
илустрација
Посредникот во разговорите за името Метју Нимиц ја свика новата рунда разговори во Њујорк за 24 и 25 октомври. Од канцеларијата на генералниот секретар Бан Ки Мун информираат дека двајцата учесници во разговорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис го потврдиле своето учество на средбата. „Амбасадорот Нимиц ќе се сретне со двајцата претставници одделно, а потоа заедно со нив, за да продолжат разговорите под посредништво на Обединетите нации со цел да се изнајде заемно прифатливо решение на прашањето за името, се наведува во соопштението на портпаролката Ери Канеко. На разговорите се очекува да учествува и заменикот генерален секретар Џефри Фелтман.

За неколку недели нови преговори за иранската нуклеарна програма

Шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф изјави дека неговата земја ќе учествува на следниот состанок во Женева со шестте светски сили што би требало да се одржи за неколку недели. Неговата изјава е најнов сигнал за напредок во сегашните дводневни разговори исто така во Женева за надминување на ќорсокакот во решавањето на проблемот со иранската нуклеарна програма. Вчера Иран предложи план кој, според оценките на Техеран би можело да води до надминување на засотојот во преговорите. Западот се сомнева дека Иран се обидува да развие нуклеарно оружје.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG