Вести
Обама јавно положи свечена заклетва за неговиот втор мандат
Американскиот претседател Барак Обама денеска јавно положи свечена заклетва на почетокот на неговиот втор мандат. Церемонијата се одржа пред американскиот Конгрес во Вашингтон. Обама вчера положи заклетва на приватна церемонија во Белата куќа. Заклетва положи и потпретседателот Џо Бајден. На церемонијата присуствуваат неколку стотици илјади луѓе, меѓу кои и поранешните претседатели Бил Клинтон и Џими Картер.
Саакашвили ги нападна и Русија и грузиската влада
Грузискиот претседател Михаел Саакашвили жестоко ги критикуваше Русија и актуелната грузиска влада на премиерот Бидзина Иванишвили, во неговото обраќање пред парламентарното собрание на Советот на Европа. Саакашвили ја обвини Москва дека не се придржува до меѓународно преземените обврски во врска со грузиските области Абхазија и Јужна Осетија, кои Русија ги призна како независни држави. Саакашвили обвини дека Русија го зајакнува военото присуство таму. Тој ја обвини и владата на Иванишвили дека ги напаѓа судиите и медиумите и спроведува селективна правда против политичките противници.
Зафировски разрешен од Антикорупциска
Собранието попладнево го разреши Воислав Зафировски од член на Државната комисија за спречување на корупцијата, по иницијатива на комисијата. Во иницијативата се наведува дека Зафировски, во периодот кога бил претседател на Антикорупциска, ги пречекорил границите на служебното овластување со што се создале услови за негова лична одговорност.
Алжир - Во заложничката драма биле убиени 37 странци
Алжирскиот премиер Абделмалик Селал соопшти дека 37 странци од осум држави биле убиени за време на акцијата за ослободување на заложниците што ги држеа исламистичките милитанти во една гасна постројка во близина на границата со Либија. Седуммина странци сè уште се водат како исчезнати. Во акцијата биле убиени 29 милитантни, а тројца биле уапсени. Тие, како што рече премиерот Селал, дошле од соседен Мали. Меѓу исламистите имало државјани на Египет, Нигер, Мавританија, Тунис и Мали, а најмалку еден од нив бил Канаѓанец.
Протести против отстранувањето на споменикот на ОВПМБ во Прешево
Албанците од јужниот дел на Србија денеска протестираа поради отстранувањето на споменикот на расформираната Ослободителна војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац(ОВПМБ), од центарот на Прешево. Српските власти вчера ја отстранија мермерната спомен плоча од плоштадот. Белградските медиуми јавуваат дека митингот поминал мирно и без инциденти. На денешниот протест Албанците положија венци пред зградата на општината во Прешево, каде што се наоѓаше споменикот.
Локалните власти во Прешево, каде живее речиси чисто албанско население, го поставија спорниот споменик во декември минатата година и одбија да го послушаат барањето на Белград за негово отстранување.
Локалните власти во Прешево, каде живее речиси чисто албанско население, го поставија спорниот споменик во декември минатата година и одбија да го послушаат барањето на Белград за негово отстранување.
Зврлевски избран за државен јавен обвинител
Собранието денеска го именува Марко Зврлевски за државен јавен обвинител на Република Македонија. За предлогот гласаа 58 пратеници, воздржани и против немаше. Зврлевски досега беше прв човек на скопското обвинителство, а функцијата јавен обвинител ќе ја извршува во следните шест години. Досегашниот државен јавен обвинител Љупчо Шврговски чиј шестгодишен мандат завршува за една недела, најверојатно, како што вели, ќе и се посвети на адвокатурата.
Под истрага и адвокатот на Тимошенко
Главниот адвокат на затворената поранешна украинска премиерка Јулија Тимошенко, Сергеј Власенко, изјави дека ќе продолжи да ја застапува неговата клиентка и покрај тоа што и против него се води истрага. Тој рече дека очекува да биде уапсен. Власенко е обвинет за кражба на автомобил, грабеж и непочитување на судска одлука по разводот со неговата сопруга пред неколку години. Тој ги негира обвинувањата и смета дека тоа е обид на претседателот Виктор Јанукович да ја поткопа правната заштита на Тимошенко.
Властите вчера соопштија дека Тимошенко може да биде обвинета и за организирање на убиството на еден бизнисмен во 1996 година. Таа во моментов отслужува казна од седум години затвор за злоупотреба на службената должност.
Организациите за човекови права и западните земји сметаат дека затворањето на Тимошенко е политички мотивирано.
Властите вчера соопштија дека Тимошенко може да биде обвинета и за организирање на убиството на еден бизнисмен во 1996 година. Таа во моментов отслужува казна од седум години затвор за злоупотреба на службената должност.
Организациите за човекови права и западните земји сметаат дека затворањето на Тимошенко е политички мотивирано.
Христијан Делев - нов заменик-министер за економија
Христијан Делев е изгласан за нов заменик-министер за економија на денешната собраниска седница. Тој доаѓа на местото на Катерина Веловска, која поднесе оставка на функцијата поради лични и приватни причини. Во моментов, Делев ја извршува функцијата заменик директор на Агенцијата за привлекување странски инвестиции.
Бунтовниците потиснати од градот Диабали во Мали
Француските и војниците на Мали, поддржани од хеликоптери и извидувачки авиони, влегоа во градот Диабали, една недела откако исламистите го освоија градот. Безбедносни извори велат дека исламистите го напуштиле градот и се повлекле на север, а некои од нив се обидуваат да се измешаат со локалното население. Француските сили се вмешаа во конфликтот во Мали на 11 јануари, откако исламистичките милитанти почнаа да се приближуваат кон главниот град Бамако. Бунтовниците го држат под контрола северот на Мали, каде што воведоа шеријатско право.
ЕБРД прогнозира 1,8 отсто раст за македонската економија
Најновата прогноза на Европската банка за развој за растот на македонската економија годинава е 1,8 проценти. Според најновиот извештај, ЕБРД предвидува раст на БДП за 2013 година во Хрватска и Црна Гора 0,8 проценти, Бугарија 1,9 проценти, Албанија 2 проценти, Србија 2,1 и Косово три проценти. Прогнозата за целиот регион е дека економијата ќе има раст од 1,5 проценти, а растот за европската економија е 1,2 проценти. Владата очекува растот на економијата годинава да биде 2 отсто, а Светската банка го проектира растот на 1 отсто.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете