Достапни линкови

Вести

Кипар нема да приватизира државни фирми за исплаќање долгови

Кипарскиот претседател Димитрис Христофиас.
Кипарскиот претседател Димитрис Христофиас.
Кипарскиот претседател Димитрис Христофиас изјави дека ќе го отфрли секое барање од меѓународните кредитори за продажба на државни компании како дел од договорот за доделување кредитна помош на земјата.

Планот за постигнување спасувачки договор со Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд предвидува Кипар сериозно да размисли за приватизација доколку долгот на земјата се покаже како неодржлив.

Земјите членки од еврозоната ќе треба да донесат одлука за доделување спасувачки заем на Кипар на 21 јануари.

Во меѓувреме, кипарскиот министер за финансии Васос Сиарлис изјави дека до март нема опасност од прекин на државните плаќања на Кипар.

ОН - Во сиријскиот конфликт досега загинале 60 илјади луѓе

Илустрација.
Илустрација.
Повеќе од 60 илјади луѓе загинале досега во сиријскиот конфликт, покажуваат новите анализи на Канцеларијата на човекови права на ОН. Високиот комесар за човекови права на ОН Нави Пилај изјави дека експертите од светската организација евидентирале повеќе од 59 илјади убиства во Сирија од 15 март 2011 до 30 ноември 2012 година. Со оглед на тоа што насилствата не се намалени, вели Пилај, „може да претпоставиме дека до крајот на 2012 имало повеќе од 60 илјади жртви“. ОН работеле на анализата пет месеци. Според сиријските опозициски организации во конфликтот во земјата загинале повеќе од 45 илјади луѓе.

Пакистан ќе ги осигурува странските бизнисмени

Илустрација: Пекарница во Пакистан.
Илустрација: Пекарница во Пакистан.
Пакистан ќе ги осигурува странските бизнисмени како дел од обидите за привлекување странски инвестиции во земјата која е под закана од тероризам. Властите соопштија дека пакистанските бизнисмени кои канат странски бизнисмени или инвеститори ќе мора да ги осигураат нивните гости преку Националната осигурителна компанија. Западните земји, меѓу кои и САД и Велика Британија, моментно им советуваат на граѓаните да не патуваат во Пакистан ако немаат потреба. Пакистан се соочува со напади од Талибанците и од Ал Каеда.

Бугарските цркви ги отвораат вратите за бездомниците

Архивска фотографија: Студ во Бугарија.
Архивска фотографија: Студ во Бугарија.
По наредба на митрополитот на Варна Кирил Ковачев, во текот на студените месеци кога температурите паѓаат многу под нулата, сите храмови во градовите и селата на митрополијата ќе мора деноноќно да бидат отворени за бездомниците и скитниците да се засолнат од временските непогоди. Црквата на сите нив ќе им обезбеди топол оброк и по потреба облека.

Меѓународната федерација на новинари ги осуди македонските власти

Логото на Меѓународната федерација на новинари.
Логото на Меѓународната федерација на новинари.
Меѓународната федерација на новинари и нејзината европска организација - Европската федерација на новинари ги осудуваат македонските власти за исфрлањето на новинарите од галеријата на Собранието пред расправата за буџетот за 2013 година. Федерацијата била известена за насилното исфрлање на новинарите од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, кој е членка на Федерацијата, се вели во соопштението. Претседателот на меѓународната федерација Џим Бумела изјави дека ја осудуваат одлуката за забрана новинарите да присуствуваат на дебата од голем јавен интерес.

„Оваа мерка е спротивна на добрите собраниски практики за јавно вршење на работите. Пристапот на новинарите до информации е клучен да се обезбеди тоа. Со давањето наредба да се истераат новинарите, властите сакаат да станат тие што одлучуваат за што ќе се известува или за што нема да се известува“, вели Бумела.

Меѓународната и Европската федерација на новинари ја осудуваат одлуката за цензура на новинарството и поткопувањето на слободниот проток на информации во Македонија, се наведува во соопштението.

„Одлуката повеќе е за обидот за контрола на информациите отколку за решавање на безбедносните прашања“, вели претседателот на Европската федерација на новинари Арне Кониг.

Дачиќ - Зголемување на наталитетот е национална задача број еден

Српскиот премиер Ивица Дачиќ.
Српскиот премиер Ивица Дачиќ.
Националната задача број еден на Србија е да има повеќе деца, изјави српскиот премиер Ивица Дачиќ.

„Ни требаат повеќе деца или Србија ќе изумре. Во Србија годишно се раѓаат 70.000 бебиња, а умираат 110.000 луѓе, што значи дека секоја година имаме 40.000 луѓе помалку, наведува Дачиќ.

Тој најави дека државата ќе преземе мерки за да се зголеми наталитетот.

Нови етнички судири во Мјанмар

Илустрација: Будистички свештеник се моли во Мјанмар.
Илустрација: Будистички свештеник се моли во Мјанмар.
Армијата на Мјанмар, според активистите, ги напаѓа етничките качински бунтовници на северот на земјата со авијација, но овие информации не може да се потврдат од независни извори. Борбите меѓу владините сили и бунтовниците од државата Качин на северот на Мјанмар неодамна се интензивираа, откако конфликтот се обнови во 2011 години по 17-годишното примирје. Бунтовниците бараат поголеми политички права и крај на наводното кршење на човековите права од страна на армијата. Борбите во Качин, како и насилствата врз муслиманскиот народ Рохингја во западната држава Рахин фрлаат сенка врз про-реформските чекори на цивилната влада во Мјанмар по децении воена власт.

Најмалку 16 загинати во новогодишно стампедо во Ангола

Илустрација: Војник во Ангола.
Илустрација: Војник во Ангола.
Најмалку 16 луѓе, од кои најмалку три се деца, загинаа на новогодишната ноќ, во стампедо на преполниот со верници стадион Цитадела Деспортива во главниот град на Ангола, Луанда. Според локалните медиуми, до несреќата дошло поради тоа што верниците на Универзалната црква на царството божје се собрале во многу поголем број од капацитетот на стадионот. Претставници на Пентакостната црква велат дека очекувале на новогодишното бдеење да присуствуваат околу 70 илјади луѓе, но оти дошле повеќе од 250 илјади. Во друг настан, во стампедо во Брегот на Слоновата Коска загинале повеќе од 60 луѓе кои го следеле новогодишниот огномет.

ЗНМ „крајно незадоволно“ од одговорот на МВР

Претседателот на ЗНМ, Насер Селани, избркан од Собраниската галерија за време на седницата за носење на буџетот за 2013-та.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селани, избркан од Собраниската галерија за време на седницата за носење на буџетот за 2013-та.
Здружението на новинарите на Македонија е „крајно незадоволно“ од одговорот на Министерството на внатрешни работи за претставката на ЗНМ во врска со исфрлањето на новинарите од Собранието кога се носеше буџетот за 2013 година.

„Одговорите на МВР не се однесуваат на нашата претставка. Ние баравме да се утврди одговорност на наредбодавачите и извршителите на одлуката која е спротивна на Уставот и со која беа спречени новинарите да ги следат настаните во Собранието. Насилното исфрлување на новинарите без никаква правна основа од галеријата во Собранието е чин на цензура што е забрането со член 16 од Уставот“, се вели во реакцијата од ЗНМ.

Ако одлуката била во согласност со Уставот и законите и спроведена на соодветен начин, зошто тогаш државниот врв изразува жалење, прашува Здружението на новинари.

ЗНМ очекува државните институции да смогнат сили да го расветлат случајот. Се додека тоа не се случи ЗНМ останува на одлуката за прекинување на разговорите со Владата, соопштува Здружението на новинари на Македонија.

Милибанд - Зацврстување на односите меѓу ЕУ и Турција во 2013

Поранешниот министер за надворешни работи на Велика Британија Дејвид Милибанд.
Поранешниот министер за надворешни работи на Велика Британија Дејвид Милибанд.
Европа и Турција „ќе ги зацврстат“ односите во текот на 2013 година, пишува поранешниот министер за надворешни работи на Велика Британија Дејвид Милибанд во колумна за британскиот весник „Фајненшал тајмс“. Според Милибанд, во моментов и Европа и Турција имаат добри причини повторно да мислат за зближување. Европа мисли за зближување заради фактот дека на прагот и стои економски џин, а таа има потреба од секаква помош. За Турција, пак, Европа претставува регион на соодветна стабилност. Не треба да се заборави и фактот дека Турција е членка на НАТО, пишува Милибанд.

Промената во правилата на игра може да дојде од земјата, од која тоа најмалку можеше да се очекува - Франција. За време на претседателскиот мандат на Никола Саркози, Франција беше против идејата за членство на Турција во ЕУ. За разлика од Саркози, Франсоа Оланд не кажал ништо слично, посочува Милибанд.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG