Вести
Избори во Белгија, гласачите поделени
Првичните резултати од изборите кои се одржаа денеска во Белгија покажуваат поделеност на резултатите исто како и на гласачите. Жителите на Фландрија кои зборуваат холандски и оние на Валонија кои зборуваат француски, денеска гласаа за парти со дијаметрално спротивни ставови за иднината на земјата. Во Фландрија води партија која е за поделба на земјата, а во Валонија јакне улогата на Социјалистичката партија
Молдавците им оддаваат чест на они кои загинале во Сибир
Околу 10.000 Молдавци присуствува на денешната церемонија во чест на илјадниците Молдавци кои беа депортирани во Сибир и во други региони, од страна на СССР пред 69 години. За прв пат, на годишната церемонија присуствуваше и лидерот на Молдавија, премиерот Влад Филат . Од страна на советите биле депортирани 23.000 Молдавци, а многу од нив загинале во руските региони.
Србија изгуби од Гана
Репрезентацијата на Гана ја совлада Србија со 1:0 во првото коло од натпреварите на Д групата на Светското првенство во фудбал. Голот го постигна Асамоа Гијан од пенал во 84-та минута.
На годишнината од изборите во Иран, уапсени 91 човек
На одбележувањето на годишнината од спорните претседателски избори во Иран се уапсени 91 човек , јавува новинската агенција ИСНА. Ланските избори доведоа до најголемите социјални немири во земјата по исламската револуција во 1979-та година. Властите соопштуваат дека некои од уапсените се осомничени дека имаат врски со забранетата бунтовничка група Мухаџедини. Првата годишнина од изборите помина без големи улични протести, но полицијата сепак се судри со приврзаниците на опозицијата, а имаше и престрелки на неколку универзитети.
Романците незадоволни од своите власти
Мнозинството Романци се незадоволни од владата на Емил Бок, од работата на претседателот Трајан Басеску и од тоа во кој правец оди државата, покажува најновата анкета на Групата за социјални студии. Дури 85 проценти од испитаниците сметаат дека Бок работи лошо, а 76 дека и претседателот Басеску не работи како што треба. А на прашањето дали властите се способни да управуваат со земјата над 80 проценти одговориле негативно.
Обама ќе се сретне со претседателот на Бритиш Петролеум
Американскиот претседател Барак Обама во среда ќе се сретне со претседателот на Бритиш Петролеум и ќе побара од компанијата да отвори специјална сметка за исплата на оштетените од нафтената катастрофа во Мексиканскиот залив. Советникот на Обама, Дејвид Екселрод за Ен-Би-Си изјавил дека Обама сака со таа сметка да раководи трета независна страна. Државниот обвинител на Флорида и министерот за финансии на Луизијана побарале БП да вложи милијарди долари за обештетување.
Надминат спорот меѓу Либија и Швајцарија
Со спогодбата што ја потпишаа либискиот министер за надворешни работи Муса Куса и неговата швајцарска колешка Мишлин Калми- Реј се прекина дипломатскиот спор меѓу двете земји. Односите меѓу Либија и Швајцарија беа нарушени во 2008 година кога во Женева беше уапсен Ханибал, синот на либискиот лидер Гадафи. Поради тоа Гадафи тогаш ги сопре сите испораки на нафта во Швајцарија, повлече милијарди долари од швајцарските банки и уапси двајца бизнисмени кои во тоа време престојувале во Либија. Спорот меѓу Швајцарија и Либија кулминираше кога Триполи прекина да им дава визи на граѓаните на повеќето земји членки во ЕУ како одговор на одлуката на Берн, 188 истакнати Либијци да ги стави на „црна листа“ на кои не им се дава виза. Во таа група беше и либискиот лидер и членовите на неговото семејство.
Северна Кореја пренесува одредени натпревари од СП
Севернокорејската државна телевизија емитувала три фудбалски натпревари од Светското првенство , како и неколку прилози за Мундијалот во Јужна Африка. Но телевизијата не ги прикажала натпреварите во кои учествуваат земји со кои некогаш Северна Кореја војувала, па така натпреварите на кој играа Јужна Кореја и САД не се емитувале. Првиот меч од првенството е прикажан еден ден по одигрувањето. Северна Кореја последен пат учествуваше на Светско првенство во 1966-та година.
Груевски:Македонија не се откажува од влезот во ЕУ и НАТО
Македонија нема да се откаже од зацртаната стратешка определба за влез во ЕУ и НАТО и по претстојниот самит на ЕУ во Луксембург изјави премиерот Никола Груевски денеска во Гостивар. Тој изјави дека независно што ќе се случува со проблемот за името и блокадите од страна на Грција, Македонија ревносно ќе продолжи да ги исполнува сите зацртани реформи во делот на модернизација на државата, но и во делот на подготовка на земјата за полноправно членство во ЕУ. Ние нема да го губиме времето и да чекаме некој ден да почнат преговорите, напротив ќе продолжиме со работа исто како да сме добиле датум за преговори, изјави премиерот.
Узбеците го напуштаат Киргистан
Властите во Узбекистан јавуваат дека десетици илјади узбекистански бегалци бегаат од Киргистан, откако започна крвавиот етнички судир на југот од земјата. Речиси 100 луѓе загинаа, а повеќе од 1000 се повредени во судирите меѓу Киргистанците и Узбеците во градовите Ош и Џалалабад. Привремената власт во Киргистан испрати и резервни војници за да им помогнат на безбедносните сили да го повратат мирот во земјата. Според извештаиет на Хјуман Рајтс Воч главна цел на киргистанските банди се населбите во кои живеат етнички Узбеци, па така киргистанките банди ги напаѓаат домовите, рестораните, продавниците кои се во сопственост на Узбеците и ги палат.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете