Достапни линкови

Вести

Во бомбашки напади во Авганистан убиени 2 војници

Во бомбашки напад на воената база во јужниот дел на Авганистан животот го загубија двајца војници на НАТО силите, а 8 се повредени. Норвешкиот војник загинал во експлозија на бомба поставена покрај патот во покраината Фарџаб, а британскиот војник во експлозија во покраината Хелманд. Талибанците во меѓувреме ја преземаа одговорноста за ракетниот напад на аеродромот во Кандахар во кој беа повредени двајца бугарски и двајца романски војници.

Додик не е изненаден од одлуката на ЕУ за Инцко

Премиерот на Република Српска, Милорад Додик соопшти денеска дека очекувал заклучокот на министрите за надворешни работи од ЕУ да биде дека неговата земја треба да ги почитува одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко. Но тој смета дека високиот претставник со ниту еден акт не добил право да наметнува закони и дека се прави обид да се одбрани бесправното дејствување на високиот претставник, криејќи се зад една толку важна институција,

Во Мадрид започна судењето на шпански двоен агент

Судскиот процес против Роберто Флорез кој работеше за шпанската национална разузнавачка служба започна денеска во Мадрид. Тој негираше пред судот дека бил двоен агент и дека продавал доверливи информации на Русија. Пред судот биле претставени копии од две писма кои Флорез ги испратил до руската амбасада во Мадрид. Во нив наводно тој им нуди да ги откри идентитетите на шпанските тајни агенти, структурата на разузнавачката служба и методите на работа кои ја засегаат Русија.

Белериве бара поддршка за реизградба на Хаити по земјотресот

Премиерот на Хаити, Жан Макс Белериве ги повика меѓународните донатори да дадат поддршка во изградбата на островот, по земјотресот што го погоди на 12 јануари. Белериве на денешниот состанок со светските официјалните лица во Монтерал побара тие да смислат план за повторна изградба на Хаити. Најмалку 150 луѓе загинаа во земјотресот. Обединетите Нации соопштија дека во среда ќе одржат итен состанок за ситуацијата во Хаити.

Франција ќе забрани носење на бурки

Францускиот парламантарен панел утре ќе поднесе извештај во кој ќе се препорача да биде забрането носењето на муслиманските шамии или бурки за прикривање на лицето во јавноста. Тие шест месеции расправаа за тоа прашање, откако претседателот Никола Саркози во јуни соопшти дека таквиот начин на облекување не е добредојден во Франција. Прикривањето на лицето со шамија или бурка ќе биде забрането во јавниот транспорт, училиштата, болниците и во администрацијата.

Втор круг преговори на лидерите на двете заедници во Кипар

Лидерите на двете заедници во Кипар денеска го започнаа вториот круг на преговори за повторно обединување на островот. Кипарскиот претседател Димитрис Христофиас и лидерот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат се сретнаа во Никозија каде разговараа за поделбата на власта и за економијата во земјата. Преговорите ќе продолжат и во наредните два дена.

Карзаи-сојузниците не подржуваат за договор со Талибанците

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи соопшти денеска дека обидите на властите да се помират со Талибанците во земјата се подржани од Соединетите Американски Држави и Европа. Карзаи денеска престојуваше во Истамбул на четвртата рунда разговори меѓу Авганистан и Пакистан, под раководство на Турција, која е во добри односи со двете земји. Карзаи со пакистанскиот претседател Асиф Ал Задари разговараше за заедничка соработка во борбата против Талибанците и за зајакнување на билатералните односи на двете земји.

Литванија и Естонија бараат од ЕУ специјален статус за Украина

Министрите за надворешни работи на Литванија и Естонија ја повикаа Европската Унија да и даде специјален статус на Украина и поттик на земјата да стане нејзина членка. Литванскиот министер Вигаудас Ушацкас по средбата со европските соработници соопшти дека партнерството не е доволно за Украина, но и дека земјата не е подготвена за влез во европското семејство. Тој побара од унијата да и обезбеди менторство на Украина. Естонскиот министер Урмас Пает ијави дека Украина треба да има чиста перспектива за членството во ЕУ. Во Украина на 7 февруари ќе се избира нов лидер на државата. Во трката се Јулија Тимошенко и Виктор Јанукович.

Медведев се сретна со претседателите на Азербеџан и Ерменија

Рускиот претседател Димитри Медведев денеска во Сочи се сретна со претседателите на Ерменија и Азербеџан да разговара со нив за статусот на Нагорно Карабах. И Ерменија и Азербеџан тврдат дека територија им припаѓа на нив. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров соопшти по состанокот дека двете земји се согласиле на пред договор за основните принципи за спорот со Нагорно Карабах. Тој изјави дека сеуште има прашања од договорот со кои не се согласуваат, но дека тие ќе подготват предлози со кои ќе се обидат да ги решат.

Хемичарот Али денеска егзекутиран во Ирак

Али Хасан Ал Мајед познат како Хемичарот Али е егзекутиран денеска, недела откако беше осуден за нападот на Халабџа во 1988 година во кој загинаа околу 5000 Курди. Ал Мајед му беше роднина на поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин, кој беше егзекутиран во 2006 година. Тој беше осуден на смртна казна на неколку оделни судења за напади врз Курдите во Ирак во осумдесетите години на минатиот век. Организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч соопшти дека Ал Мајед е одговорен за смртта и исчезнувањето на 100 илјади Курди.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG