Орбан и папата Франциск разговараа за Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и папата Франциск (архивска фотографија)

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска (4 декември) се сретна со папата Франциск и највисоките претставници во Ватикан, каде што разговарале за перспективите за мир во Украина. Подоцна во текот на денот Орбан треба да има средба и со италијанската премиерка Џорџа Мелони.

„За време на дијалогот особено внимание беше посветено на војната во Украина, фокусирајќи се на хуманитарните последици и напорите за промовирање на мирот“, се вели во соопштението од Ватикан.

Оттаму додаваат дека меѓудругото, Орбан и папата разговарале за унгарското претседавање со Европската Унија оваа година, за „централната улога на семејството и заштитата на младите генерации“.

Орбан на социјалните мрежи објави слика од утринска миса во базиликата Свети Петар, и напиша: „Мораме да ја искористиме шансата за мир!

Видете и ова: Трамп барал став од Орбан за војната во Украина, велат извори за РСЕ

Орбан, најблискиот сојузник на Кремљ во ЕУ, постојано повикуваше на мировни преговори и одбиваше да испрати воена помош за Украина откако Русија изврши инвазија во 2022 година.

Тој беше критикуван за водење одвоена дипломатија со Русија за да го истражи патот за ставање крај на војната во Украина, само неколку дена по преземањето на ротирачкото шестмесечно претседавање со ЕУ.

Папата Франциск редовно повикува на мир во конфликтите ширум светот и за време на неговата аудиенција во средата зборуваше за „маченичката Украина“, палестинските територии и Израел и Мјанмар.