Министерството за надворешни работи до бугарскиот амбасадор изразило загриженост за отстапување од договорениот протокол

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија(МНРНТ) беше повикан амбасадорот на Република Бугарија, Желјаско Радов, каде беше изразена загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирањето на двајцата претседатели, при што дополнително беше побарано објаснување од бугарската страна, соопштија од министерството на 16 септември.

Радуков не ја примил протестната нота, потврдија од МНР за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Причина за реакцијата на МНРНТ е изоставањето на државното знаме на Северна Македонија од местото каде претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова се фотографираше со бугарскиот претседател Румен Радев на средбата во Софија во петокот на 13 септември.

„Во разговорот со бугарскиот амбасадор беше потенцирано дека средбата и заедничкиот ручек на двајцата претседатели поминале во пријателска атмосфера. Дополнително, на амбасадорот Радуков му беше укажано дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е непријатно изненадено од последната изјава на амбасадорот Ангел Димитров, претседавач на бугарскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, дадена во емисијата „Офанзива со Љубомир Огњанов“ на НОВА Вести. Изјавата во основа го нарушува начелото дека претседавачот на експертската комисија не треба да дава политички изјави за Владата на соседна држава, која е легитимно избрана. Сметаме дека оваа изјава е несоодветна и непримерна“, пишува во соопштението од Министерството за надворешни работи.

Според соопштението, на амбасадорот Радуков, исто така, му било пренесено дека Република Северна Македонија и понатаму останува посветена на позитивен развој, унапредување и зајакнување на билатералните односи и соработката во сите области од заемен интерес за двете држави и нивните народи, за што беше потврдена подготвеност и од другата страна.

Видете и ова: Скопје и Софија – Од културна дипломатија до протестна нота

Претходно, и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во Северна Македонија.

„Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса“, изјави Мицкоски.

Од бугарска страна реагираа дека ќе ја пречекаат Сиљановска-Давкова со државно знаме кога ќе отиде во официјална државна посета.

„Да се разбереме, ова не беше ниту државна, ниту работна посета и се надевам дека во најбрз можен рок претседателката на Република Северна Македонија ќе има државна посета, која ќе биде со сите официјални церемонии по протокол, а тоа ќе придонесе за понатамошен развој на нашите односи“, изјави денеска (16 септември) бугарскиот претседател Румен Радев, кој оцени и дека средбата в петокот била конструктивна.

Средбата на Радев и Сиљановска - Давкова беше дел од активостите на македонската претседателка при посетата на Софија по повод присуство на настапот на македонската опера во Софија со „Набуко“, како чекор од културната дипломатија. Во македонската делегација беа и министрите за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и за култура Зоран Љутков.

Новоименуваниот амбасадор на Бугарија Желјаско Радуков и ги предаде акредитивните писма на претседателката Сиљановска Давкова на 10 септември, заменувајќи го досегашниот амбасадор Ангел Ангелов.