Три лица загинаа, а 18 се ранети во експлозија на бомба во Пакистан

Пакистан - експлозија на бомба во провинцијата Балучистан, 24 август 2024 година.

Три лица, меѓу кои две деца, загинаа, а уште 18 лица, меѓу кои и двајца полицајци се ранети во експлозија на бомба во Пишин, област во пакистанската југозападна провинција Балучистан, изјави полициски претставник за Радио Машаал, сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Шефот на окружната полициска станица изјави дека импровизирана експлозивна направа била поставена на мотоцикл во градот Пишин, утрото на 24 август.

Пишин се наоѓа на околу 55 километри северно од Квета, главниот град на провинцијата Балучистан.

Медицинскиот надзорник на Окружната централа болница во Пишин, Вакел Шерани, изјави за Радио Машаал дека неговата болница примила две мртви тела и 18 ранети лица, меѓу кои и три жени.

„Седумнаесет од ранетите се упатени во Граѓанската болница во Квета на понатамошно лекување“, рече Шерани.

Медицинските власти соопштија дека една од трите жени им подлегнала на повредите.

Видете и ова: Владата на Талибанците во Авганистан станува главен противник на Пакистан

Ниту една група засега не ја презела одговорноста за нападот.

Белуџистан е провинција богата со минерали која граничи и со Авганистан и со Иран и редовно е мета на исламистичките милитанти, секташки групи и белушки сепаратисти кои се борат за независност.

Ослободителната војска на Балучи, милитантна група Балучи и нејзината „специјална сила“ бригадата Маџид неодамна ги интензивираа нападите врз пакистанските воени бази и кинеските државјани во Белучистан.