Уставниот суд го смени премиерот на Тајланд

Премиерот на Тајланд, Срета Тависин

Уставниот суд на Тајланд денеска (14 август) донесе одлука со која го разрешува од функцијата премиерот Срета Тависин поради кршење на етичките принципи. Против Тависин е отпочната постапка пред Уставниот суд, бидејќи за министер именувал поранешен адвокат, кој бил во затвор поради обид за подмитување на судски службеник.

„Тависин како премиер има единствена одговорност за проверка на квалификациите на членовите на неговиот кабинет. Тој знаел за минатото на Пичит, но сепак го именувал со што ги прекршил етичките кодекси“, се наведува во образложението на Уставниот суд.

Тависин тврди дека никогаш не било докажано обвинението за поткуп против Пичит Чуенбан, кој беше именуван за министер во април при реконструкцијата на владата. Пичит неколку недели по именувањето поднесе оставка, а беше осуден на шест месеци затвор поради непочитување на судските обвиненија, откако тој наводно се обидел да поткупи судија, кој работел на случајот на поранешниот премиер Таксин Шинаватра.

Видете и ова: Поранешниот тајландски премиер ќе излезе од затвор

Тависин е четврти премиер на Тајланд која во изминатите 16 години е сменет од страна на Уставниот суд. Тој на власт беше помалку од една година, а сега Владата останува на привремена функција додека Парламентот не одобри нов премиер, за што не постои временско ограничување.

На Тајланд изминатите две децении сменети се неколку влади и забранети се политички партии од страна на Уставниот суд, кој минатата недела ја распушти опозициска партија Тргни напред, пресудувајќи дека нејзината кампања за реформа на законите против навредување на круната доведува до ризик од поткопување на уставната монархија.