Во два напади на бомбаши самоубијци во Пакистан, најмалку тројца војници загинале, а над 50 биле повредени, соопшти денеска (15 јули) локалната полиција. Причинета била и голема материјална штета.
Во соопштението се наведува дека прво дошло до експлозија на возило полно со експлозив, а потоа вториот напаѓач активирал елек со динамит во близина на оградата на зграда во градот Бану во северозападната пакистанска провинција Хајбер Пахтунхва, во близина на границата со Авганистан. Наведено е и дека полицијата брзо реагирала и спречила обид за упад во зградата во која се наоѓаат становите на припадниците на безбедносните сили.
Се додава дека воени хеликоптери и копнени сили учествуваат во операцијата за пребарување на преостанатите вооружени лица во областа.
Видете и ова: Убиен поранешен пакистански сенаторВладата и армијата сè уште не ги коментираат инцидентите. Никој не ја презеде одговорноста за нападите, но осомничени се пакистанските талибанци, кои ги засилија нападите врз безбедносните сили во последните месеци.
Бану се наоѓа во провинцијата Хајбер-Пахтунхва, каде во последните години има зголемен број на вооружени напади. Во јануари 2023 година, најмалку 101 лице беа убиени, главно полицајци, кога бомбаш самоубиец преправен во полицаец нападна џамија во северозападниот град Пешавар.
Талибанците, познати како Техрик-е Талибан Пакистан (ТТП), се посебна група, но се сојузници со авганистанските талибанци. ТТП ги засили нападите врз безбедносните сили откако авганистанските талибанци ја презедоа власта во соседната земја во 2021 година.