Стотина уапсени на пропалестинскиот протест на Универзитетот во Амстердам

илустрација

Холандската интервентна полиција утринава го растури пропалестинскиот протест на Универзитетот во Амстердам, при што уапси околу 125 лица во повремено насилните судири, соопштија властите.

„Полициската рација беше неопходна за да се воспостави ред. Ги гледаме снимките на социјалните мрежи. Разбираме дека тие снимки може да изгледаат интензивно“, соопшти полицијата.

Локалните медиуми покажаа како демонстрантите пукаат со пиротехнички средства кон полицајците, но засега нема извештаи за повредени од двете страни.

„Сега сè е тивко... полицијата останува во близина на кампусот во Ротерсајланд“, соопшти полицијата подоцна на X.

Видете и ова: Зошто протестираат студентите на американските универзитети?

Холaндскиот министер за образование во заминување, Роберт Дијкграф, изјави дека универзитетите се место за дијалог и дебата и дека е разочаран што полицијата морала да интервенира.

Студентските протести поради војната и академските врски со Израел почнаа да се шират низ Европа, но се многу помали од оние во Соединетите Држави.