Потрагата по исчезнатата двегодишна Данка Илиќ е во тек, се проверуваат сите факти и сите лица кои се поврзани со исчезнувањето на девојчето, соопшти српската полиција.
Полицискиот мајор Бојана Отовиќ Пјановиќ за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека истрагата е динамична, обемна и дека се проверуваат сите можни факти.
Таа наведе дека по пријавата за исчезнувањето на девојчето на 26 март, најпрво било пребарано подрачјето најблиску до местото на исчезнување, но оти истрагата потоа била проширена на сите можни гранични премини и патишта кои водат до нив.
Таа наведе и дека се преземени снимки од сите камери од сите можни правци, а специјални екипи пребарувале тунели, подземни канали и шахти, шуми, но не нашле траги од исчезнатото дете.
Видете и ова: Виенската полиција го истражува исчезнувањето на девојчето од СрбијаЗборувајќи за видеото направено од српски државјанин во Виена, на кое се гледа девојче кое личи на Данка Илиќ, мајорот Отовиќ Пјановиќ за РТС изјави дека се работи на проверка на автентичноста на споменатото видео.
„Шефот на Службата за сузбивање на криминалот стапил во директен контакт со човекот кој го доставил предметното видео за да можеме да видиме, бидејќи имало многу лажни видеа и објави, без разлика дали се работи за добронамерна или злонамерна личност“, рече Пјановиќ.
На 30 март, авторот на видеото стапил во контакт со српските власти, кои потоа се обратиле до виенската полиција со барање да го истражат случајот.
Амбасадата на Србија во Виена апелираше до граѓаните доколку ја препознаат исчезнатата Данка Илиќ на територијата на Австрија веднаш да ја известат српската или австриската полиција.
Во меѓувреме потрага по исчезнатото девојче започна и Интерпол, Меѓународна полициска организација. Нејзината фотографија е објавена на сајтот на Интерпол и на неа се опишани карактеристичните детали за нејзиниот изглед.
Министерството за внатрешни работи на Црна Гора на 1 април апелираше до граѓаните да ја известат канцеларијата на Интерпол во Подгорица, доколку имаат информации за исчезнатата Данка Илиќ од Србија.
Видете и ова: Нема трага од исчезнатото девојче во Србија по пребарувањето на тунелите и подземните каналиНа прашањето дали постои можност девојчето да е жртва на трговија со деца, Пјановиќ за РТС изјави дека во моментов не исклучуваат ништо.
„Секое лице кое поминало во која било насока и кое можело да биде поврзано, во зависност од околностите, дали било таму некаде во непосредна близина во моментот на исчезнувањето на девојчето, се доведува во полиција, се врши разговор, а елиминацијата ќе продолжи, се разбира, кога ќе го добиеме несомнениот факт дека некој не може да биде поврзан со извршувањето на дело“, рече Бојана Отовиќ-Пјановиќ.
Двегодишната Данка Илиќ, која исчезна на 26 март, има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри. Во моментот на нејзиното исчезнување таа носела маслинесто зелена јакна, виолетови панталони и црни патики.
На денот на исчезнувањето, полицијата за прв пат во Србија го активираше системот „Најди ме“ (Amber Alert) кој итно ја информира јавноста за исчезнувањето на дете.