На 18 март врховниот командант на вооружените сили на Украина повторно ја пофали употребата на беспилотни летала на бојното поле, велејќи дека тие стануваат сè поважни во борбата против руските сили.
Говорејќи истиот ден кога владата одобри големи трошоци за набавка на оружје, генерал-полковник Олександр Сирски на Телеграм рече дека украинските војници треба да бидат опремени со најефикасното и најновото оружје. Тој исто така ја нагласи обуката на специјалисти за електронско војување, беспилотни летала и системи за автоматска контрола.
„Беспилотните системи заземаат важно место овде. Затоа, развојот на употребата на беспилотни системи е мој приоритет“, рече тој.
Украина работи на забрзување на имплементацијата на иновативни технологии и обезбедува „приспособливост на одредени воени тела за управување“ кога станува збор за оваа одбрана, додаде тој.
Видете и ова: Советот на ЕУ одобри нов фонд за помош на Украина од 5 милијарди евраМинатата недела, по посетата на украинските позиции во регионот Запорожје, Сирски рече дека борбите се карактеризираат со широко распространета употреба на беспилотни летала од сите видови заедно со артилериски и минофрлачки оган.
„Во такви околности, беспилотните системи за напад постепено стануваат главно ударно оружје на копнените единици во комбинираната воена борба“, рече тој на 14 март.
На 18 март, Сирски јасно стави до знаење дека потрагата по, како што рече, „асиметрични решенија“ за постигнување предност на бојното поле е во тек.
„Заземаме сеопфатен пристап за планирање на нашите потреби, пред сè земајќи го предвид вистинското искуство на бојното поле. Но, најважната задача што технологијата и иновациите мора да ја направат е да ги зачуваат животите на нашите војници“, рече Сирски.
Додека Сирски ја пофали употребата на беспилотни летала во војување, Кабинетот на министри на украинската влада одлучи да одвои дополнителни 5 милијарди гривни (129 милиони долари) за да купи повеќе од нив за вооружените сили, објави премиерот Денис Шмихал.
„Средствата ќе бидат насочени кон набавка на беспилотни летала кои им се потребни на нашите ветерани на првите борбени линии“, рече Шмихал.
Украина се обидува да го зголеми сопственото производство на оружје со цел да ја намали зависноста од испораките од западните партнери. Киевските трупи се борат со сериозен недостиг на артилериски гранати преку линијата на фронтот што се протега на повеќе од 900 километри во источна и јужна Украина.