Европскиот економско социјален комитет (ЕЕСК) станува првиот официјален форум на Европската Унија (ЕУ) кој прифаќа членови од земјите кандидати.
Во овој Комитет се примени членови од девет земји кандидати: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Албанија, Украина, Молдавија и Грузија, освен Косово бидејќи е единствената земја која е дел од процесот на проширување на ЕУ, но формално нема кандидатски статус.
Членовите на овој комитет кои доаѓаат од земјите кандидати активно ќе учествуваат во работата на Европскиот економски и социјален комитет на рамноправна основа со нивните колеги од земјите на ЕУ. Членовите ќе имаат советодавна улога, но нема да имаат право на глас.
Европскиот економско социјален комитет (ЕЕСК) е консултативно тело на Европската Унија (ЕУ) и постои од 1958 година. Тоа е советодавно собрание составено од претставници на здруженија на работодавачи, синдикати и граѓански организации.
Целта на формирањето на овој комитет беше да се обединат различни економски интересни групи за формирање на единствен пазар. Создавањето на овој комитет овозможи нивниот глас да биде слушнат од клучните институции на ЕУ. ЕЕСК се претставува себеси како „мост меѓу Европа и организираното граѓанско општество“.
Претседателот на оваа институција на отворањето на конференцијата, на која формално беа примени нови членови, истакна дека за граѓаните на земјите кандидати „трпеливоста постојано се тестира“.
„Исполнувањето на критериумите за пристапување нема да се случи преку ноќ, но има толку многу работи што можеме и треба да ги направиме заедно во меѓувреме“, рече Оливер Ропке.
Тој нагласи дека оваа иницијатива претставува важен чекор кон постепена интеграција на земјите кандидати уште пред тие да станат формални членки на Европската Унија. Ропке изрази очекување колегите од земјите кандидати да ги донесат своите корисни искуства во работата на оваа институција.
Еврокомесарката Вера Јурова, потпретседател на Европската комисија за вредности, рече дека проширувањето е заеднички интерес, односно двонасочна улица од која корист имаат и земјите кандидати и ЕУ. Таа ги повика земјите кандидати да се фокусираат на вредностите на демократијата и да се движат кон ЕУ почитувајќи ги заедничките вредности, особено владеењето на правото и слободата на медиумите.