Русија и Украина извршија уште една размена на воени заробеници

Украински воени заробеници откако беа разменети на непозната локација во Украина, 8 февруари 2024 година

На 8 февруари Русија и Украина разменија по 100 воени заробеници со посредство на Обединетите Арапски Емирати.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека размената е извршена според формулата „100 спрема 100“ и го спомена „хуманитарното посредување“ на Обединетите Арапски Емирати. Министерството на Телеграм објави дека војниците што ќе се вратат ќе бидат подложени на лекарски прегледи во Москва.

На видеото на Министерството за одбрана објавено на Телеграм се гледа како војниците влегуваат во автобусот и разговараат меѓу себе и упатуваат повици на мобилни телефони. Детали за размената ги објави и украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.

„Уште 100 Украинци се дома во Украина“, рече Зеленски, објавувајќи фотографии од мажи завиткани во украински знамиња.

Зеленски ги опиша затворениците кои се враќаат како членови на Националната гарда, Граничната служба и вооружените сили на Украина.

Видете и ова: Украинскиот град Авдијевка е пред пад, ситуацијата е критична

„Мнозинството се бранителите на Мариупол“, додаде Зеленски, мислејќи на пристанишниот град што руските сили го зазедоа во мај 2022 година по тримесечна опсада.

„Секогаш се сеќаваме на нашите луѓе во заробеништво, на сите. Мора да вратиме сè. Работиме на тоа секој ден“, додаде Зеленски.

Украинскиот координативен комитет за воени затвореници соопшти дека 28 војници кои се вратиле се повредени или болни. Се вели дека во одбраната на Мариупол учествувале 84 од нив. Другите меѓу нив служеа во делови од регионите Доњецк и Луганск каде што се водеа некои од најтешките борби.

Видете и ова: Русија и Украина разменија воени заробеници

Последната размена се случи на 31 јануари и беше една од најголемите од почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси две години. Во неа учествувале 195 припадници на украинските вооружени сили кои според руските власти биле разменети за 195 припадници на руската армија. Зеленски рече дека размената вклучувала 207 лица вратени во Украина.