Шест лица, меѓу кои тројца полицајци, се ранети во обид за терористички напад пред судот во Истанбул, соопштија властите. Двајца напаѓачи се убиени во престрелка.
Напаѓачите, жена и маж, се верува дека се членови на левичарската милитантна група ДХКП-Ц, рече турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на платформата X.
Тие пукале врз полициски контролен пункт во близина на централната судска зграда.
„Денеска имаше обид за терористички напад врз контролниот пункт пред судницата во Чаглајан“, рече Јерликаја, додавајќи дека е „утврдено“ дека напаѓачите биле членови на „терористичката организација ДХКП/Ц“.
Нападот се случил утрото на 6 февруари пред судовите во истанбулската населба Чаглајан
На снимката од местото на настанот се гледа силно полициско присуство на влезот на судот, а излезот и влезот се блокирани.
Министерот за правда Јилмаз Тунч рече дека обвинителите започнале истрага за нападот.
Минатиот месец, маскирани вооружени лица од таканаречената Исламска Држава убија едно лице во црква за време на неделната миса.