Обвинителство бара притвор за таткото што си ја убил двегодишната ќерка

Јавно Обвинителство Скопје.

Дваесет и деветгодишен татко е осомничен дека си ја убил двегодишната ќерка при вршење на семејно насилство. Основното јавно обвинителство Кичево поведе истрага против таткото за кривичното дело убиство.

Во соопштението е наведено дека осомничениот и нанел повеќе удари со раце и нозе, предизвикувајќи и тешки телесни повреди – скршена коска на черепот, крварење во мозокот и скршеници на две ребра.

„Од здобиените повреди детето починало на 8 јануари, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје“, соопшти Обвинителството.

Видете и ова: Молкот „соучесник“ во убиства на жените

За осомничениот се бара притвор.

Министерството за здравство соопшти дека на 19 декември, во Ургентниот центар во Болницата во Кичево во коматозна состојба е примено двегодишното девојче, но поради критичната состојба детето е пренесено во клиничкиот комплекс Мајка Тереза во Скопје.

„И покрај сите заложби на лекарите, за жал двегодишната пациентка подлегна на тешките телесни повреди на 08.01.2024 година“, соопштија од Министерството
Од Министерството соопштија дека здравствените институции, каде била примена и третирана пациентката, целосната документација ја предале на надлежните истражни органи.