Пендаровски од климатскиот самит во Дубаи: Северна Македонија е мала земја со големи климатски амбиции

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати

„Северна Македонија е мала земја со големи климатски амбиции. Наша цел е да ги намалиме за 82 отсто нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година“, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски од Дубаи, во рамки на своето учество на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - КОП28.

Пендаровски во своето обраќање, меѓу другото, рече дека главна задача на ова поле ќе биде како да се исфрли јагленот, како главен извор на електрична енергија, а без притоа да се загрози енергетската безбедност на земјата и егзистенцијата на заедниците, бидејќи како што потенцираше, јагленот е „еден од најголемите загадувачи кои влијаат и на климата и на здравјето“.

„И покрај енергетската криза, решени сме да ја постигнеме оваа цел до крајот на деценијата. Северна Македонија беше првата европска пилот земја избрана за програмата за забрзана транзиција на јаглен од страна на Фондот за климатски инвестиции. Овде, на КОП28, заедно со ЕБОР ќе ја лансираме Инвестициската платформа за правична енергетска транзиција, која ќе ни помогне да ги мобилизираме потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, да ги забрзаме инвестициите во мрежата и да создадеме висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници. Оттука, сакаме да ги поканиме потенцијалните партнери и донатори да се приклучат на оваа платформа и да докажеме дека правичната енергетска транзиција не само што е неопходна, туку е и можна и достапна. Со тоа, ние ќе се усогласиме со Глобалната заложба за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност на ЕУ“, потенцираше Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Претседателот, потоа во својот говор предупреди дека светот се соочува со „огромна климатска криза“, од која вели погодени се сите, но најмногу ранливите популации како децата, но и ранливите сектори како здравството.

„Втори се ранливите популации, како што се децата. Го поддржуваме завршувањето на првиот глобален запис, усвојувањето на Глобалната цел за рамка за адаптација и правењето на Фондот за загуби и штети оперативно одржлив. За да бидат вистински правични и непристрасни, сите системи мора да ги интегрираат потребите и да ги почитуваат правата на децата. Трети се ранливите сектори, како што е здравството. Справувањето со климатските промени може да биде можност за развој на здравствени системи отпорни на климатски промени и катастрофи. За таа цел, целосно ја поддржуваме Декларацијата за климата и здравјето“, додаде Пендаровски.

Видете и ова: Климатски самит во Дубаи-повик за решавање на прашањето со фосилните горива

Претседателството на КОП28 пак, доцна во средата(29.22) објави предлог - земјите официјално да усвојат нацрт на нов фонд на ОН за сиромашните земји погодени од климатски катастрофи како што се екстремни поплави или постојани суши.

Раниот напредок околу Фондот за отштети што посиромашните земји го бараат со години, се вели дека може да помогне да се направат други компромиси за време на двонеделниот самит.