По два дена потрага пронајден е мртов осомничениот за масовното убиство на 18 луѓе во американската сојузна држава Мејн. При нападот кој го извршил осомничениот Роберт Кард ранети се и 13 луѓе. Кард пред два дена отворил оган во бар и куглана во градот Левистон.
Гувернерката на Мејн, Џенет Милс, потврди дека телото на Кард е пронајдено во близина на градот Лисабон, јавува Гласот на Америка (ВОА).
„Долгата потрага е завршена, полицијата ќе продолжи со истрагата за да ја утврди вистината за тоа што се случило“, рече Милс, додавајќи дека „народот на Мејн може да здивне и дека таа го известила американскиот претседател Џо Бајден и членовите на Конгресот“.
Шефот на полицијата, Дејв Санпиер, кој ја потврди смртта на Кард, изјави дека тоа е „најдобрата вест на која заедницата можеше да се надева“.
Надлежните не сакаа да зборуваат за деталите за тоа како почина Кард, ниту како се одвива потрагата по него, бидејќи „сакаа најпрво да разговараат со семејствата на жртвите, но и со семејството на осомничениот кој добро соработувал со властите“.
Новинската агенција Асошиетет прес јавува дека Роберт Кард, по кого трагаа стотици полицајци, извршил самоубиство.
Телото на Кард е пронајдено во шума во близина на градот Лисбон, десет километри оддалечено од местото на нападот, објави Си-Ен-Ен, исто така, повикувајќи се на полициски извори.
Државниот патолог во петокот објави дека сите жртви се идентификувани - меѓу кои 16 мажи и две жени. Најстарата жртва има 76 години, а најмладата 14. Седум жртви се убиени во куглана, а осум во блиска кафеана. Тројца починале на пат кон болница. Медиумите претходно ги објавија имињата на некои од жртвите, но властите сѐ уште не го сториле тоа.