Австрија воведува контроли на границата со Чешка

илустрација

Австрија на 18 октомври ќе воведе стационарни контроли на границата со Чешка, со цел да се спречи приливот на илегални мигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Потегот е преземен откако Германија пред два дена најави гранични контроли со Чешка, Полска и Швајцарија за да се справи со приливот на илегалните мигранти.

Новите контроли на чешката граница ќе бидат во сила најмалку 10 дена.

Видете и ова: Германија воведува привремена контрола кон границите со Полска, Чешка и Швајцарија

Два дена претходно Германија ја извести Европската Комисија дека воведува привремена гранична контрола долж нејзините граници со Полска, Чешка и Швајцарија.

„Ова е уште еден чекор напред со цел зајакнување на директните контроли долж источната граница меѓу Германија и нејзините три соседи,“ јави германската новинска агенција ДПА.

Видете и ова: Полска и Чешка воведуваат привремена контрола на границата со Словачка

Според официјалните податоци во Германија, во првите осум месеци од годинава во таа земја на Европската Унија пристигнале над 200 000 мигранти, што пак е повеќе отколку во текот на целата 2022 година.

На почетокот на месецот и Полска и Чешка воведоа привремени проверки на границата со Словачка.