Амбасадорот на Соединетите Американски Држави Кристофер Хил и шефот на Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Србија, амбасадорот Емануеле Џауфрет, на 5 октомври се сретнаа со министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ и началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, генерал Милан Мојсиловиќ. Средбата се одржала на југот на Србија, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Амбасадата на САД во Србија.
Според информациите, средбата се одржала на покана на српските воени и државни функционери за Хил и Жиофре детално да се запознаа со ситуацијата во близина на границата меѓу Србија и Косово.
Одредени медиуми во Србија претходно објавија дека американскиот дипломат прво слетал со хеликоптер на српската армија во касарната „Стефан Немања“ во Рашка, а потоа ја посетил касарната „Рифат Бурџевиќ Тршо“ во Нови Пазар.
Двете касарни се наоѓаат во близина на границата на Србија и Косово.
Министерството за одбрана на Србија соопшти дека двајцата странски дипломати „биле гости на вицепремиерот и министер за одбрана Милош Вучевиќ и на началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија, генерал Милан Мојсиловиќ, при кратката посета на некои единици на српските вооружени сили на поширокото подрачје на Нови Пазар“.
Видете и ова: Воениот врв на Србија демантира дека војската планирала упад на Косово„Амбасадорите на САД и ЕУ за време на посетата имаа можност да се уверат дека единиците на српските вооружени сили на тој простор само ги извршуваат своите редовни задачи“, соопшти Министерството за одбрана.
Од Министерството изјавија и дека не се точни информациите дека некој од странските државјани бил превезуван со хеликоптер на Војската на Србија.
Посетата на Хил и Жиофре на касарната на Војската на Србија беше организирана десет дена по конфликтот меѓу група вооружени припадници на српската заедница и косовската полиција во селото Бањска на северот на Косово.
Во нападот загинаа еден косовски полицаец и тројца Срби.
Владата на Косово ја обвини Србија за организирање на нападот, а официјален Белград негира.
Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, до неодамна потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која ја ужива поддршката од Белград.
По инцидентот, српските вооружени сили го зголемија бројот на војници на границата со Косово, што беше осудено од Стејт департментот и од Брисел.
По критиките од САД и ЕУ, Србија почна да повлекува дел од своите сили од границата.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за Си-Ен-Ен на 2 октомври изјави дека информациите за зголемување на бројот на припадниците на армијата на југ „не се целосно точни“ и изјави дека пред една година српската армија имала 14.000 војници на граница со Косово, а дека денес ги има 4.400.