Петмина ранети во напад на универзитет во Балтимор

Полицијата на местото на нападот во Балтимор, 3 октомври 2023

Пет лица се ранети во вооружен напад пред студентскиот дом на Државниот универзитет Морган во Балтимор во Соединетите Држави, но ниту еден од нив не е во критична состојба, соопштија властите, повикувајќи ги студентите да се евакуираат од кампусот на колеџот.

Полицијата во Балтимор извести дека во вторникот околу 21 часот и 30 минути имало информации за лицето кое пукало. Полицијата го држеше кампусот заклучен околу четири часа и објави многу малку информации.

Во престрелката искршени се стаклата на станбениот дел на универзитетот кој е во градскиот блок каде што е полициската станица.

Полицискиот комесар Ричард Ворли изјави дека петте повредени лица, четворица мажи и една жена, се на возраст меѓу 18 и 22 години и дека нивните повреди не се опасни по живот.

Видете и ова: Три деца и тројца возрасни убиени во оружен напад во училиште во САД

Началникот на полицијата Ленс Хачер изјави дека четворица од петте ранети се студенти. Не е соопштено дали некој е уапсен, а полицијата не објави никакви информации за осомничениот напаѓач или напаѓачи.

Кога се слушнала пукотницата, властите наредиле луѓето да останат во зградите. Подоцна, нешто по полноќ по локално време (среда наутро по средноевропско време), полицијата соопшти дека ситуацијата повеќе не е опасна и дека наредбата е укината.

Претставник на градските власти изјави дека најверојатно три вооружени лица го извршиле овој напад.

Инцидентот со пукање се случи за време на неделата на активностите на универзитетот, а синоќа беше планирана за вечерта на крунисувањето на Мистер и Мис на Државниот универзитет Морган. Инцидентот избувнал додека студентите доаѓале на церемонијата.