Грант Шапс е новиот министер за одбрана на Британија

Грант Шапс

Британскиот премиер Риши Сунак денеска го назначи еден од своите најблиски соработници, Грант Шапс, за министер за одбрана, со што почна нова реконструкција на владата пред парламентарните избори следната година.

Поранешниот министер за одбрана Бен Валас денеска официјално поднесе оставка, исполнувајќи го ветувањето што го даде минатиот месец. Валас беше министер за одбрана четири години и го надгледуваше воениот одговор на Велика Британија на војната во Украина.

Шапс, кој минатата година го поддржа Сунак на изборите за лидер на владејачката Конзервативна партија, а со тоа и за премиер, е член на владата од 2019 година.

Видете и ова: Британскиот вицепремиер Доминик Раб поднесе оставка

Од февруари до денес беше министер за енергетска безбедност, а претходно беше министер за економија, енергетика и индустриска стратегија (2022-2023), привремен министер за внатрешни работи (2022) и министер за сообраќај (2019-2022 година).

Шапс е познат како вешт оратор и тоа ќе им биде важно на конзервативците на Сунак во изборната кампања. Редовните избори мора да се одржат најдоцна во јануари 2025 година, но извесно е дека тоа ќе биде во 2024 година.