Затворени два гранични премини од Литванија кон Белорусија

Литванија на 18 август затвори два од шесте гранични контролни пункта со Белорусија, во потег што го објави претходно овој месец, наведувајќи го безбедносниот ризик од руската платеничка група Вагнер.

Полицајците поставија шила на патиштата на затворените контролни пунктови и ќе продолжат со подигнување огради со бодликава жица во областа во петок, изјави за новинската агенција АФП портпаролката на граничната служба Лина Лауринаите-Григиен..

Литванија, членка на источното крило на НАТО, одговори на ескалацијата на тензиите меѓу соседите, при што Вилнус предупредува на закана од провокации од Минск.

Но, официјалните лица во Вилнус рекоа дека одлуката, исто така, ќе помогне во контролата на шверцот, бидејќи преостанатите четири гранични контролни пунктови имаат рендгенски системи за откривање на нелегално транспортирана стока, главно цигари.

Одлуката, исто така, треба да го спречи патувањето преку граница за шопинг или семејни посети.

Во првата половина на 2023 година, литванските граѓани ја преминале границата со Белорусија 230.000 пати.

Видете и ова: На аукција продаден станот на опозициската лидерка Циханускаја

Но, Вилнус предупредува дека Минск може да се обиде да ги регрутира тие патници за шпионажа, да врши психолошки притисок, па дури и да ги уценува со проверки на нивните телефони и социјалните медиуми.

Односите меѓу Литванија и Белорусија беа напнати со години, но тие дополнително се влошија по претседателските избори во Белорусија во 2020 година, кои нашироко беа оценети како наместени.

Белорусија ја критикуваше одлуката за затворање на контролните пунктови.

„Литванија, преземајќи такви одлуки, намерно создава вештачки бариери на границата за да им служи на своите политички амбиции“, објавија во средата граничните сили на Белорусија на социјалните мрежи.

И Полска и Литванија подигнаа огради на границите со Белорусија и Русија.