Велика Британија денеска соопшти дека воведува санкции против физички и правни лица во Иран, Турција, Дубаи, Словачка и Швајцарија, во рамки на последниот круг мерки чија цел е да ги засегнат руските одбранбени системи преку прекинување на нивниот пристап до странска воена опрема.
„Денешните санкции дополнително ќе го намалат рускиот арсенал и ќе ја затворат мрежата на синџирот на снабдување што ја поддржува одбранбената индустрија на Путин, која сега се бори“, изјави британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.
Владата во Лондон воведе 22 нови санкции против физички лица и претпријатија надвор од Русија за кои вели дека го поддржуваат Кремљ во конфликтот во Украина, како и три руски компании кои увезуваат електроника која е клучна за руската воена опрема што се користи на бојното поле.
Видете и ова: Велика Британија ги санкционираше министрите за образование и култура на РусијаИнаку британската влада на 17 јули објави дека додала нови 14 лица на списокот на санкции за Русија, вклучително и руската министерка за култура Олга Љубимова и министерот за образование Сергеј Кравцов.
Љубимова беше санкционирана за поддршка на промовирање политики и дејствија кои ја „дестабилизираат Украина или го загрозуваат нејзиниот територијален интегритет“, пишува Ројтерс. Други, вклучително и Кравцов, се санкционирани поради нивната вмешаност во, како што вели Британија, „програмата за принудна депортација и превоспитување на украинските деца на руската влада“.
Во мај годинава Велика Британија воведе нов пакет санкции против Русија, насочени кон компании поврзани со кражба на украинско жито и лица вклучени во снабдувањето со руски енергетски производи. Санкциите беа насочени кон големите руски компании за енергетика и транспорт на оружје, вклучително и оние поврзани со руската државна нуклеарна компанија Росатом и сопственикот на руската компанија за бакар, Игор Алтушкин.