Курти: Логично е мерките на ЕУ да бидат укинати пред новите избори на северот

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е логично мерките што ги воведе Европската Унија во Косово да бидат укинати пред да дојде време за одржување нови избори во општините на север на Косово.

„Се подготвуваме за вонредните избори на север и за овие мерки кои се преземени против нас и кои се нарекуваат привремени и реверзибилни, секако очекуваме што поскоро да бидат отстранети и логично е тоа да се случи претходно. Не се работи за услови, туку за логичен редослед на работите, чиј прв чекор треба да биде имплементација на договорот меѓу Бислими и Лајчак, кој беше спроведен во Братислава и создава минимум нормалност за вонредните избори“, рече Курти на прес-конференцијата по седницата на Владата.

Некои од мерките што се преземени се привремено прекинување на работата на сите работни групи за Спогодбата за стабилизација и асоцијација и суспензија на поканите за учество на Косово на состаноци на високо ниво.

Дипломатски извори на РСЕ во ЕУ претходно изјавија дека укинувањето на казнените мерки ќе зависи од спроведувањето на договорите и обврските што ги презела Приштина.

Видете и ова: ЕУ официјално го информираше Косово за спроведувањето на мерките

Премиерот Курти рече дека неговата влада е „заинтересирана да се одржат избори што е можно поскоро“, но дека процесот е „надвор од нивното институционално искуство“.

„Ќе се погрижиме ова ново искуство, кое ќе го имаме со престанокот на градоначалничкиот мандат на северот, да има правна и процедурална поддршка и гаранции. Затоа, мора да се погрижиме таквиот процес да биде безбеден, да не е спорни во правна смисла“, рече Курти.

Тој рече дека генерално не е задоволен од работата на Обвинителството, кога беше прашан за ослободувањето на Србите осомничени за напади врз новинари и властите на север.

Курти додаде и дека не бил информиран за истрагите на антикорупциската група против пет министри од неговата влада.