Македонскиот премиер Димитар Ковачевски му порача на бугарскиот претседател Румен Радев повеќе да се занимава со реформите во својата земја, а не во соседството. Оваа реакција на Ковачевски доаѓа по денешната изјава на Радев дека „ Скопје не ја научила лекцијата од лани да не лобира кај членките во ЕУ или во европските институции за да го прикрие недостатокот од реформи“.
Ковачевски вели дека сè уште не ја видел изјавата на Радев и дека нема што посебно да коментира затоа што македонските позиции во однос на Евроската Унија и НАТО се јасни и прецизни.
„Ние сме држава која 100 проценти ја има усогласено својата надворешна политика со ЕУ, земја која рамноправно со другите држави носи одлуки во НАТО, вклучително и заедно со Бугарија. Ние, точно, секоја година имаме европски извештаи за напредокот на реформите, сметам дека претседателот на соседната држава треба да се занимава со реформите во неговата држава повеќе“, изјави Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по обраќањето на јубилејот 70 години од основањето на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков” и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи”.
Претходно Радев од Софија им порача на македонските власти да не лобираат во земјите членки во ЕУ и да не ги користат уставните измени како параван.
„Гледам дека пак се враќаат на истиот пат пред преговарачката рамка, да лобираат кај членките на ЕУ, пред европските институции, со тоа да ги покријат недостатокот на реформи, нарушувањето на човечките права и неспремноста за почеток на преговори.Тоа не е вистинскиот пат“, изјави Радев.
Видете и ова: Радев-Македонските уставни измени да не бидат параванТој додаде дека Бугарија ќе продолжи да работи со сите институции во Брисел и партнери на Бугарија за решенијата за Северна Македонија да не се засноваат на лобирање кое ги прикрива недостатокот од реформи и непочитувањето на правата.
„Многу се надевам дека Уставот нема да се искористи како параван за да се сокријат интимните сцени меѓу некои партии во Собранието од погледот на нашата јавност. Или како огномет да го одвлече вниманието од важните проблеми на општеството, кои не се во фокусот, или да биде лек за нашиот правосуден систем веќе преземен од лични партиски интереси, додаде шефот на бугарската држава.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за формално почнување на преговорите на земјата за членство во Европската Унија по завршувањето на скринингот. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство од 120-члениот парламент во Скопје, но засега, такво мнозинство нема.