Во престрелка која се случила доцна синоќа во Приштина е убиен македонски државјанин, јавуваат од косовската полиција.
Според денешното соопштение на полицијата жртвата била пронајдена во возило со македонски регистрации, а недалеку, на околу еден километар е пронајдено запалено возило. Тоа било со германски таблици и се претпоставува дека било користено за убиството.
„Засега непознати сторители пукале со огнено оружје врз жртвата, маж, државјанин на Република Северна Македонија. Надлежни полициски единици излегоа на местото на настанот, каде што забележаа дека во возило со македонски регистерски таблички се наоѓа едно лице, а надлежен лекар констатира дека лицето нема знаци на живот“, се вели во соопштението.
На околу еден километар од местото на настанот било пронајдено запаленото возило со германски таблички, за кое постои сомневање дека осомничените побегнале од местото на настанот,“ наведува полицијата.
Портпаролката на косовската полиција, Флора Ахмети синоќа изјави за медиумите дека во запаленото возило се пронајдени и две автоматски пушки „калашников“, со кои се претпоставува дека е извршено убиството на македонскиот државјанин.