Полска во готовност: Потрага по непознат објект кој долетал од Белорусија

Илустрација - Архивска фотографија од хеликоптери Ми-24 на полската армија

Неидентификуван објект кој влегол во полскиот воздушен простор од правец на Белорусија, најверојатно бил набљудувачки балон, објави Министерството за одбрана на земјата на Твитер на 13 мај, пренесе Ројтерс.

Полска, членка на НАТО, е во состојба на готовност поради нарушување на нејзиниот воздушен простор додека беснее војната во соседна Украина. Во ноември и декември имаше инциденти и во Полска кога ракети паднаа на нејзина територија.

„Центарот за воздушни операции забележал појава во полскиот воздушен простор на објект кој влетал од правец на Белорусија. Радарскиот контакт е изгубен во близина на Рипин, град во северно-централниот дел на Полска“, објави Министерството за одбрана на Твитер, наведувајќи дека најверојатно станува збор за набљудувачки балон.

Видете и ова: Полска го повика рускиот амбасадор на разговор

Портпаролот на полските сили за територијална одбрана изјави дека потрагата по објектот е во тек.

Руските и белоруските власти не беа веднаш достапни за коментар.

По смртта на двајца Полјаци во ноември со, како што заклучи Варшава, неиспукана украинска противвоздушна ракета и откривањето на воен објект во северна Полска во април, националната безбедност е клучно прашање во Полска пред изборите подоцна оваа година.