Украинците во земјава благодарни за помошта од Македонија

Здружението на Украинците во Македонија „Лесја Украинка“ денеска одржа собир на плоштадот „Македонија“, по повод годишнина од почетокот на руска инвазија врз Украина

Здружението на Украинците во Македонија „Лесја Украинка“ денеска одржа собир на плоштадот „Македонија“, по повод годишнина од почетокот на руска инвазија врз Украина. Неколку десетици луѓе со украински знамиња излегоа на собирот, носејќи транспарент на кој пишуваше „Русија е терористичка држава“.

Учесниците на собирот, од плоштадот „Македонија“, се упатија кон паркот „Жена борец“ каде положија цвеќе пред споменикот на Тарас Шевченко, познат украински писател од 19 век.

Претседателот на Здружението Александар Урбанович, пред почетокот на митингот, се заблагодари на хуманитарната помош и поддршката која Македонија му ја пружа на украинскиот народ.

„Денеска ние, Украинците, одбележуваме 365 дена од воената инвазија на Руската Империја врз Украина. Не очекувавме дека во 21. век некој ќе посака да војува за странски територии, но добивме голема поддршка од сите земји. Благодарност до Македонците што ни пружија голема помош од првите денови, во момент кога ни беше најпотребна“, рече Урбанович.

Украинците во Македонија одбележаа една година од Руската инвазија врз Украина

Тој рече дека од почетокот на војната, во земјава има околу 6000 украински семејства. Голем дел од нив остануваат со лични карти од хуманитарни причини, што им овозможува само престој во земјата, но не и лекување или вработување.

Во Македонија во моментов има околу 400 бегалци од војната во Украина.

Лесја Украинка е здружение на Украинците кои живеат во Македонија.

Видете и ова: Судбини на украински бегалци - ни на небо, ни на земја